Баталјон за специјални намени

Од Википедија — слободната енциклопедија
Баталјон за специјални сили
Ознака на единицата
Активна1994-сè уште
ЗемјаМакедонија Македонија
Припадност АРМ
Дел од пСО
Касарна„Илинден“, Скопје
ПрекариВолци
ГеслоSemper etiam ubique superiores (Секогаш и секаде први)
Годишнини1 март - Ден на единицата
ОдликувањаОрден за воени заслуги
Команданти
Тековен
командант
Ѓорѓи Вељовски
Истакнати
команданти
Мирослав Стојановски

Баталјонот за специјални сили, скратено БСЦ, е специјална единица при Полкот за специјални операции на Армијата на Република Македонија. Таа е формирана во 1994 година и со тоа е првата воена единица од ваков вид во Македонија. Маскота на единицата е волкот поради што истата често се именува и како бСН „Волци“. Единицата е сместена во касарната „Илинден“ во Скопје. Се смета за најелитна во државата.

Историја[уреди | уреди извор]

Единицата е формирана на 1 март 1994 година под името Единица за специјални намени, 6-ти одред и како таква е првата воена единица наменета за планирање, организирање и изведување на специјални операции во Македонија. Нејзин прв командант е тогашниот потполковник Мирослав Стојановски, потоа Началник на Генералштабот на АРМ во периодот од 2005 до 2011 година.

На почетокот на 2000-тите години единицата претрпува неколку структурни промени со тоа што станува дел од новата Единица за борба против тероризам, таканаречена „Соколи“ која првично за време на воениот конфликт во 2001 година требала да претставува здружено воено-полициско тело за борба против тероризам, но потоа се планирало да остане само дел од армијата.[1] Кога е формирана Командата за специјални единици, Волците стануваат нејзин одред. Последната структурна измена на единицата се случува во 2003 година кога таа станува Баталјон за специјални намени, дел од Полкот за специјални операции заедно со Ренџерскиот баталјон, формиран наредната година.

На 18 август 2005 година на прославата по повод одбележувањето на Денот на АРМ, тогашниот Претседател на Македонија, Бранко Црвенковски го одликувал Баталјонот за специјални сили со Орден за воени заслуги, високо воено одличје кое се доделува за храброст и истакната служба на воен план. Toa е првото доделување воопшто на овој орден.[2]

Воен конфликт, 2001[уреди | уреди извор]

Спомен-плоча во касарната „Илинден“ посветен на загинатите припадници на Волците

Како клучно тело во безбедносните структури, единицата активно учествувала во низа операции за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Еден од поважните настани за единицата во овој период е Масакрот кај Вејце кој се случил на 28 април на патот меѓу селата Вејце и Селце во тетовско. Тој ден 8 припадници биле ангажирани во комбинирана патрола со 8 други припадници на ПЕП низ селата на Шар Планина. Волците учествувале со две возила Хамер со по четворица припадници внатре.

Конвојот од полициско-воени возила бил нападнат во заседа во тесен, непрегледен свиок, засечен од двете страни со косини до три метри височина. Во настанот загинуваат четворица припадници на единицата — Бобан Трајковски, Игор Костески, Миле Јаневски и Роберт Петковски. Овој настан се одликува како еден од најкрвавите во поновата историја на Македонија. Истиот го извршиле припадници на ОНА, во содејство со Муџахедини. По престрелката извршителите громорозно ги мачеле и касапеле убиените. На припадниците на единицата им биле разнесени главите, прстите, нозете.[3]

Вооружување[уреди | уреди извор]

Слика Назив Потекло Вид
Застава М70  Социјалистичка Федеративна Република Југославија
 Србија
Автоматска пушка
Застава М76  Социјалистичка Федеративна Република Југославија
 Србија
Снајперска пушка
М-16  САД Автоматска пушка
М4  САД Автоматска пушка
Х&К Г3  САД Автоматска пушка
Драгунов  СССР
 Русија
Полуавтоматска снајперска пушка
Сако ТРГ-42  Финска Снајперска пушка
Застава М93  Србија Анти-материјална пушка

Возила[уреди | уреди извор]

Слика Назив Потекло Вид
Хамви  САД Џип
БТР-80  СССР
 Русија
Оклопен транспортер
ТМ-170 Хермелин  Германија Оклопен транспортер

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Соколите на АРМ подготвени за лет“. Дневник. 24 април 2002. Посетено на 19 октомври 2018.
  2. „„Волците" одликувани со Орден за воени заслуги“. Вечер. 19 август 2005. Посетено на 20 октомври 2018.[мртва врска]
  3. „Масакрот кај Вејце никогаш да не се повтори“. МКД.МК. 28 април 2016. Архивирано од изворникот на 2017-06-22. Посетено на 20 октомври 2018.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]