Баталјон за почести
Баталјон за почести | |
---|---|
![]() Ознака на единицата | |
Активна | 1992-2002 (1. Гардиска бригада) 2002-сè уште |
Земја | ![]() |
Припадност | ![]() |
Касарна | „Илинден“, Скопје |
Гесло | Lux Aeterna (Вечна светлина) |
Годишнини | 11 ноември - Ден на единицата |
Одликувања | Орден за воени заслуги |
Команданти | |
Тековен командант | Иван Атанасоски |
Баталјонот за почести е самостоен баталјон, официјална церемонијална единица на Армијата на Република Македонија. Како таква, таа извршува церемонијални активности како што се оддавањето на воени почести, одбележување на празници, воени свечености, церемонии, полагање венци, промена на државните знамиња и слично[1][2].
Како самостоен баталјон, единицата одговара директно пред Генералштабот на АРМ и е дел од шестте главни тела во структурата на армијата. Баталјонот е формиран во 2002 година, а неговиот претходник, Првата Гардиска бригада, формирана е во 1992 година. Нејзиното најстаро тело, Воениот оркестар, датира уште од 1944 година.
Поради своите заслуги во претставувањето на армијата и државата, Баталјонот за почести во 2017 година е одликуван од Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов со Орден за воени заслуги, високо воено одличје кое се доделува за храброст и истакната служба на воен план.
Историја[уреди | уреди извор]

По осамостојувањето на СР Македонија и раѓањето на денешната Република Македонија се јавила потребата од воена единица која ќе ги извршува церемонијалните потреби на војската и државата — оддавање на воени почести, одбележување на празници, воени свечености, церемонии и полагање венци, промена на државните знамиња и слично. Со таква цел во касарната „Илинден“ во Скопје на 26 март 1992 година била формирана Првата Гардиска бригада врз чиј темели се заснова денешниот Баталјон за почести.
Денешниот баталјон е формиран на 22 јули 2002 година под името Гардиски баталјон за почести и опслужување. Неговиот состав е пополнет и со старешините кои своето искуство го стекнале при работата во Првата Гардиска бригада. Последната структурна промена на баталјонот се случува на 1 април 2012 година кога тој е именуван во Баталјон за почести и добива ранг на самостоен баталјон, директно одговорен пред Генералштабот на АРМ[3][4].
Во однос на Денот на Баталјонот за почести, оваа единица е различна од другите армиски единици затоа што оваа свеченост не се одбележува на денот кога е формирана единицата, 22 јули, или пак 26 март, кога е формирана Првата Гардиска бригада, туку на 11 ноември, кога во 1943 година е формирана првата бригада на народноослободителната борба — Првата македонско-косовска ударна бригада. Одлуката е донесена бидејќи единицата се смета за носител на традициите на народноослободителната бригада, формирана во селото Сливово, кичевско.
Структура[уреди | уреди извор]
Воен оркестар[уреди | уреди извор]
Во рамките на Баталјонот за почести функционира и воениот оркетар кој е професионален воен дувачки оркестар, единствен од ваков карактер во Македонија. Тој настапува на значајните протоколарни активности и свечености во организација на армијата, претседателот и другите високи државни институции. Оркестарот изведува различни жанрови на музика од домашни и странски автори, меѓу кои класична музика, поп-музика, маршевска музика и слично.
Воениот оркестар датира уште од 1944 година. Тој бил формиран во селото Голеш, битолско како дел од 7-мата македонска ударна бригада. Откако Југославија била ослободена, оркестарот работел во составот на Третата армиска област на ЈНА која ја опфаќала Македонија, со седиште во Скопје. По осамостојувањето на Република Македонија оркестарот продолжува да работи при АРМ, негувајќи ги традициите и надградувајќи се.
Симболизам[уреди | уреди извор]
Геслото кое го користи оваа единица е латинскиот израз Lux Aeterna што преведено на македонски значи „Вечна светлина“, алудирајќи на македонскиот симбол — сонцето. Основата на грбот на Баталјонот за почести како и кај грбовите на неколку други армиски единици е штит на црвена основа со жолти граници. Во средината на штитот во црна боја е претставен гардист, а на неговата лева и десна страна стои златен лавров венец. Наспроти геслото и грбот, единицата се карактеризира и со своите униформи, разработувани од историчари, етнолози, дизајнери, а кои ги содржат воените, историските, општествено-политичките и етнолошките карактеристики на Македонија.
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Archived copy“. Архивирано од изворникот на 2014-03-12. Посетено на 2014-08-02.CS1-одржување: архивиран примерок како наслов (link)
- ↑ http://morm.gov.mk/?shtit=баталјон-за-почести&lang=mk[мртва врска]
- ↑ „Archived copy“. Архивирано од изворникот на 2018-04-09. Посетено на 2018-04-08.CS1-одржување: архивиран примерок како наслов (link)
- ↑ http://javno.mk/pretsedatelskata-garda-na-republika-makedonija/
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Баталјон за почести Архивирано на 15 октомври 2018 г., официјално мрежно место на АРМ