Басни од Доситеј Обрадовиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија

Басни - збирка басни на српскиот писател и просветител Доситеј Обрадовиќ.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката на Обрадовиќ содржи голем број класични басни, како: „Застреланиот орел“, „Елен“, „Лавот и човекот“, „Двете жаби“, „Рибари“, „Змијата и земјоделецот“, „Змијата и пилата“, „Лисицата и крокодилот“, „зајците и жабите“, „Патниците и тополата“, „Детето и среќата“, „Лисицата и мајмунот“, „Желката и орелот“, „Магарето и жабите“, „Магарето во лавовска кожа“, „Лисицата и дрвената глава“, „Лавот, глушецот и лисицата“, „Лавот и магарето“, „Лавот, магарето и лисицата“, „Чавката и другите птици“, „Лисицата и капината“, „Коњот и магарето“, „Двата патника и секирата“, „Волчицата и волчињата“, „Орелот и лисицата“, „Сатирот и човекот“, „Волкот и лавот“, „Волкот и јагнето“, „Лавот и глушецот“, „Еленот и лозјето“, „Лавот и лисицата“, „Волкот, бабата и детето“, „Лисицата и јарецот“, „Лакомата лисица“, „Волкот и коњот“, „Волкот и ждралот“, „Старецот и златото“, „Селанецот и кучињата“, „Лавот и мечката“, „Херкул и топката“, итн.[1]

Осврт кон басните на Обрадовиќ[уреди | уреди извор]

Меѓу античките автори кои ги познавал, Доситеј Обрадовиќ особено ги ценел басните на Езоп. И воопшто, тој имал многу високо мислење за басните. Така, во предговорот на својата книга со басни, тој вели дека „басната е првиот израсток и пород на човековото остроумие“ и дека таа го изразува она што „е најнужно и најполезно на светот“. Сепак, Доситеј Обрадовиќ не бил буквален преведувач на Езоповите басни: освен неколку басни кои ги превел од збор до збор, тој најчесто ги приспособувал басните според своите погледи и според потребите на своите читатели, а притоа ги менувал оригиналните басни, додавал некои свои работи, а некои детаљи ги отфрлал. Во таа постапка, тој ја задржувал само основната мисла на басната, која ја прикажувал на својот начин и со својот стил.[2]

Прашањето за изворите на басните на Доситеј Обрадовиќ е сложено и до ден-денес не е до крајот разјаснето, но најголем дел од нив, според идентификацијата направена од Миливој Сирониќ, потекнуваат од басните на Езоп.[3] Во споредба со оригиналните Езопови басни, верзиите што ги пишувал Обрадовиќ се понаративни, побогати со детаљи, поразговорни и со попрактични поуки. Имено, Обрадовиќ остро ги подвлекувал поуките во басните и детаљно им ги објаснувал на своите читатели, со желба да ги поучи. Тој помалку му верувал на својот читател и затоа, за разлика од Езоп кој често басните намерно ги оставал недовршени, Обрадовиќ секогаш давал дополнителни објаснувања, т.е. не оставал самиот читател да ја сфати поентата. Понатаму, како што е случајот со басната „Мува“, Обрадовиќ ја преправа поучната реченица на крајот од басната. Имено, во Езоповата басна, мувата вели: „Убаво се најадов, се напив и се искапив, така што не ми е криво што умирам.“ Од друга страна, во верзијата на Доситеј Обрадовиќ, таа вели: „Леле, колку сум јадна и несреќна на овој свет! Кога најдобро во животот се најадов, напив, искапив и насладив, зарем токму тогаш мора да погинам.“[4]

На своите верзии на Езоповите басни, Обрадовиќ им додавал „наравоученија“, т.е. поучни тесктови во кои ја објаснувал смислата на басните, со намера да ја доближи поблизу до народот. За него, основниот мотив на басната често служел само како повод да го искаже своето мислење за разни прашања кои не мора ниту да бидат во тесна врска со басната. Најчесто, во овие наравоученија, тој се залагал за просветување на народот, ги бранел науката и знаењето, се борел против суеверието и ги славел добрите човекови особини. Притоа, во нив понекогаш се застапени и совети кои делуваат застарени набљудувано од денешна гледна точка, но многу од нив имаат универзално значење и се релеватни и за денешното време.[5]

Како почитувач на здравиот разум, Обрадовиќ се грижел Езоповите басни да ги направи пореалистична, поверодостојна, и поприфатлива. Неговата смисла за раскажување, неговото чувство за мајчиниот јазик се гледа во ситните делови кои ги додал кон оригиналните басни. Навистина, тој често ги менувал Езоповите басни и во нив ставал елементи од другите баснописци кои ги познавал. Оттука, во басните на Обрадовиќ има бројни примери во кои, токму поради наметливата и претерана поучност, неговите верзии заостануваат во однос на езоповите оригинали. Сепак, постојат и басни кои, иако се преводи, ја надмашуваат убавината на Езоповите оригинални басни.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: 1963.
  2. Мухарем Первић, „Езоп и Доситеј“, во: Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: 1963, стр. 9.
  3. М. П., „Напомене“, во: Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: 1963, стр. 101.
  4. Мухарем Первић, „Езоп и Доситеј“, во: Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: 1963, стр. 9-10.
  5. Мухарем Первић, „Езоп и Доситеј“, во: Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: 1963, стр. 10-11.
  6. Мухарем Первић, „Езоп и Доситеј“, во: Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: 1963, стр. 10.