Баскин (филм)
| Баскин | |
|---|---|
Плакатот на македонски јазик | |
| Режисер | Џан Евренол |
| Продуцент | Mo Film |
| Сценарист | Џан Евренол Џем Озудуру Ерчин Садакоглу Ерен Акај |
| Главни улоги | Мехмет Џерахоглу Ергун Кујуџу |
| Музика | JF (Ulas Pakkan & Volkan Akaalp) |
| Кинематографија | Алп Корфали |
| Монтажа | Еркан Озекан |
| Студио | Mo Film |
| Дистрибутер | The Salt Company International |
| Премиера | 11 септември 2015 (меѓународен кинофестивал Торонто) 1 јануари 2016 г. |
| Времетраење | 97 минути |
| Земја | |
| Јазик |
|
Баскин (турски: Baskin, буквален превод: Препад) — турски сурреалистичен филм на ужасите од 2015 г., режиран од Џан Евренол, а заснован на неговиот краткометражен филм од 2013 г. со истото име. Филмот се сосредоточува на петмина полицајци што ненамерно заталкале во пеколот.
Филмот бил првпат прикажан на Меѓународниот кинофестивал во Торонто на 11 септември 2015 г., означувајќи го долгометражното режисерско деби на Евренол. Глумците Мухарем Бајрак и Горкем Касал, кои глумеле и во кратката верзија, се вратиле во главните улоги, а им се придружиле Ергун Кујуџу, Фатих Докѓоз и Сабахатин Јакут како петте полицајци што го сочинуваат составот на главните ликови. Глумецот дебитант Мехмет Џерахоглу добил потврдни одзиви за неговата впечатлива изведба во улогата на злобникот, Таткото. Џерахоглу боледува од ултра ретка состојба на кожата наречена синдром ГАПО, која му дава исклучителен физички изглед.[1][2]
Содржина
[уреди | уреди извор]Едно момче се буди ноќе откако слуша чудни сексуални звуци од спалната соба на мајка му. Гледа дека телевизорот покажува само статика и одеднаш се преплашува од привидение во собата. Тој вреска и избезумено тропа на заклучената врата од собата на мајка му, додека рака посегнува кон него од темнината. Филмот потоа се префрла на личност со качулка што носи кофа со живо месо во мал ресторан. Петмина полицајци вечераат таму — Ремзи, Арда, Јавуз, Апо и Сејфи — и разговараат за полови односи. Сејфи, кој се чувствува лошо, оди до тоалетот и забележува жаба на садот за сапун. Јавуз започнува тепачка со синот на сопственикот на ресторанот и мажите одлучуваат да си заминат. И покрај тоа што му е лошо, Сејфи настојува тој да вози.
Додека возат, мажите добиваат повик за помош од колеги што отишле во Инџеагаџ, град познат по чудни гласови. Сејфи има застрашувачко видение за крвава личност и случајно го вози комбето во езеро. Заглавени, полицајците се упатуваат кон Инџеагаџ. Мештаните ги предупредуваат за опасностите во селото. Тие одат до напуштена полициска управа од османлиската епоха, од каде што дошол повикот за помош.
Откако влегуваат внатре, откриваат колега полицаец во дива вкочанета состојба. Сејфи останува со него додека другите четворица истражуваат. Сејфи открива просторија во која има група култисти покриени со крв и внатрешности. Премногу е преплашен за да се помрдне додека култистите го опкружуваат и го влечат меѓу нив. Како што се движат низ зградата, другите мажи се соочуваат со застрашувачки слики и сѐ понеобични и посуреални сценарија. Преку спомени и соништа, се открива дека Ремзи бил како татко за Арда, земајќи го кога бил млад, и дека Арда е момчето од почетната сцена.
Преостанатите мажи се врзани во зандана опкружена со култистите. Личност со качулка, позната како Таткото, им се открива; тој и култистите ги убиваат Апо, Јавуз и Ремзи. Таткото објаснува дека пеколот не е место каде што одиш, туку нешто што го носиш со себе во секое време. Ремзи, додека умира, му дава на Арда клуч, кој тој го користи за да го совлада Таткото и да избега од зградата. Арда, смеејќи се победнички, трча од селото по патот. Тој запира возило што доаѓа, но возачот не го забележува и го прегазува. Се открива дека тоа возило е истото полициско комбе со кое патувале мажите претходно, и дека ова е истото видение што го видел Сејфи. Петте мажи повторно се уриваат во езерото.
Улоги
[уреди | уреди извор]| Глумец | Улога |
|---|---|
| Ергун Кујуџу | шеф Ремзи |
| Мухарем Бајрак | Јавуз |
| Горкем Касал | Арда |
| Фатих Докѓоз | Апо |
| Сабахатин Јакут | Сејфи |
| Мехмет Џерахоглу | Баба / Таткото |
| Шевкет Суха Тезел | главниот злобен слуга |
| Фадик Булбул | сестрата касап |
| Мехмет Акиф Будак | момчето од ресторанот |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Fisher, Kieran (24 March 2016). „Movie Review: Baskin“. Flickering Myth. Посетено на 2016-04-23.
- ↑ https://thehollywoodnews.com/2016/07/11/baskin-review/
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Baskin на
Семрежната филмска база на податоци (англиски)