Бартоломео Дијас
Бартоломео Дијас Bartolomeu Dias | |
---|---|
Статуа на Бартоломео Дијас на амбасадата на ЈАР во Лондон. | |
Роден(а) | 1450[1] Алгарве, Португалија |
Починал(а) | 29 мај 1500 (на 49–50 г.) ’Рт на Добрата Надеж |
Националност | Португалец |
Занимање | морепловец и истражувач |
Познат(а) по | прв Европеец што испловил околу Африка |
Бартоломео Дијас (португалски: Bartolomeu Dias, Бароломеу Дијаш; ~ 1451 – 29 мај 1500[2]) — португалски благородник, прочуен како морепловец и истражувач. Испловил околу југот на Африка во 1488 г. и станал прв Европеец кој стасал до Индискиот Океан преку Атлантскиот.
Цели на експедицијата
[уреди | уреди извор]Дијас бил витез на кралскиот двор, управник на кралските складишта и началник на каравелата „Свети Христофор“ (São Cristóvão). На 10 октомври 1487 г. кралот Јован II го ставил на чело на експедиција исплови околу јужниот крај на Африка, со надеж дека ќе најде трговски пат до Индија. Му била доделена и задачата да ја бара земјата со која управува легендарниот свештеник и владетел Презвитер Јован.[3]
Експедицијата
[уреди | уреди извор]Бродот на Дијас, „Свети Христофор“ бил под спроводништво на Перо де Аленкер, а со него била испратена уште една каравела, „Свети Пантелејмон“ (São Pantaleão), под заповедништво на Жоан Инфанте и спроводништво на Алваро Мартинс. Брат му на Бартоломео, Перо Дијас, бил капетан на помошниот брод, под спроводништво на Жоан де Сантјаго.
Бродовите пловеле на југ, долж западниот брег на Африка. По пат, ги дополниле залихите во португалската тврдина Сао Жорже де Мина на Златниот Брег (денешна Гана). Одминувајќи ја Ангола, Дијас стасал до заливот Консејсан (денес Валфисбај, Намибија) во декември. Продолжил на југ, ја открил Ангара дос Илјеус, соочувајќи се со силна бура. По тринаесет дена, во кои веќе бил на отворен океан, се упатил кон исток во потрага по брегот и ги открил и искористил западните ветришта (кружната морска струја), но наместо копно, бил повторно пресретнат од океанската шир. Заобиколувајќи го ’Ртот на Добрата Надеж на значајно растојание од запад и југозапад, свртил накај исток, искористувајќи ги антарктичките ветришта кои дуваат силно во јужниот Атлантик, па се упатил североисточно. По 30 без копно на повидок, на 4 февруари 1488 г. навлегол во заливот Свети Власиј (Aguada de São Brás), денешен Моселбај. Експедицијата ја достигнала најдалечната точка на 12 март 1488 г. кога бродовите се закотвиле во Квајхук, крај устието на реката Бусманс, каде нејзините членови направиле голем споменик „Падран на Св. Григориј“, па се упатиле назад кон Португалија.[4] Дијас сакал да продолжи кон Индија, но бил спречен од посадата, која настојувала да се вратат.[5] ’Ртот на Добрата Надеж го забележале на враќање кон татковината, во мај 1488 г. Дијас се вратил во Лисабон во декември истата година, по шеснаесет месеци пловење.
Откривањето на преминот преку јужна Африка било од големо значење, бидејќи со тоа за првпат Европејците утврдиле дека можат да развијат непосредна трговија со Индија и другите делови на Азија, без да мора да го користат копнениот пат преку Блискиот Исток и скапите посредници. Службениот извештај од експедицијата не е зачуван.
Самиот Дијас го нарекол најјужниот крај на Африка „’Рт на Бурите“ (Cabo das Tormentas) поради искусеното невреме, но подоцна кралот Јован II му го дал името ’Ртот на Добрата Надеж (Cabo da Boa Esperança) бидејќи со него се отворил патот кон истокот, и со тоа, напредокот на португалската држава.
Последователни патешествија
[уреди | уреди извор]Во деценијата што следела, Португалците го прекинале индоокеанското истражување, но добивале сознанија од тајниот агент Перо да Ковилја, кој бил испратен во Индија по копнен пат за да разузнава информации од полза за португалските морепловци.[6]
Служејќи се со истражувачкото искуство, Дијас ја потпомогнал изградбата на бродовите „Свети Гаврил“ (São Gabriel) и „Свети Рафаил“ (São Rafael), со кои Васко де Гама испловил по откриениот пат и стасал до Индија. Дијас учествувал само во првата етапа на патешествието на де Гама, до Зелено’ртските Острови. По две години, бил еден од старешините на втората индиска експедиција, под водство на Педро Алварес Кабрал. Нивните бродови најпрвин во 1500 г. стасале до брегот на Бразил, а потоа продолжиле на исток за Индија. На 29 мај 1500 г. Дијас повторно дошол кај ’Ртот на Добрата Надеж, но заедно со три други брода, бил зафатен од страшна бура, во која го изгубил животот.
Дијас бил оженет и имал две деца:
- Симан дијас де Новајс, кој починал неженет и бездетен и
- Антонио Дијас де Новајс, кој станал витез на Христовиот ред и чиј син бил еден од колонизаторите на Африка.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Bio. „Bartolomeu Dias“. Посетено на 8 December 2015.
- ↑ The Anonymous Narrative, p. 61.
- ↑ „Bartolomeu Dias“. infoplease. Sandbox Networks, Inc. Посетено на 29 May 2015.
- ↑ Alchin KL, from Elizabethan Era. „Bartholomeu Dias“. Посетено на 28 March 2014.
- ↑ Spoken, Howard (2006). The World's History (Third. изд.). New Jersey, U.S.: Prentice Hall. стр. 444.
- ↑ David Fromkin (2000), The Way of the World, Vintage Books (New York, U.S.), p. 117.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Бартоломео Дијас“ на Ризницата ? |
- Бартоломео Дијас — Викиизвор (англиски)
|