Бартелби, писарот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ерман Мелвил, слика во масло 1846–47
Авторот Херман Мелвил, слика во масло 1846–47.

Бартелби, писарот: приказна од Вол Стрит“ е новела од американскиот писател Херман Мелвил. Новелата прво била анонимно објавена во 2 дела во ноемвриското и декемвриското издание на списанието Путнам во 1853 година, а потоа во 1856 била повторно издадена во Хермановите Пијаца Тејлс, но со мали измени

Инспирација[уреди | уреди извор]

Херман Мелвил ја напишал оваа приказна под влијание на фактот дека неговиот роман „Пјер“ добил лоши критики. Кристофер Стен пишува во „Бартелби, транседенталистот: посмртното писмо на Мелвил за Емерсон“ дека Мелвил бил инспириран од есеите на Ралф Валдо Емерсон, поточно од „Транседенталистот“, кој има паралела во Бартелби. Бартелби е еден вид службеник, односно препишувач, „кој упорно одбива да ги заврши работите за кои е задолжен“. За време на пролетта во 1851, Мелвил имал слично чувство за неговото дело Моби Дик. Се претпоставува дека Бартелби ја претставува фрустрацијата на Мелвил поради неговата состојба како писател, но и самата приказна е за писател кој се откажува од конвенцијалните методи поради неиздржливата преокупација со филозофски прашања. Мелвил го завршил своето ремек дело, Моби Дик, кога имал 32 години. Уште како млад писател, тој го изработил едно од најкомпактните и најкреативните дела во целата литература, книга која сега е величена од многумина како најдобриот роман напишан на англиски јазик. Но, Моби Дик, за жал, не доживеал успех во своето време. Тој бил оцрнет од критичарите и одбиен од читателите, а искреноста на Мелвил било тешко да се прифати. Поминале децении од смртта на Мелвил, кога моќта на неговото дело била сфатена.[1]

Кратка содржина[уреди | уреди извор]

Раскажувачот, стар адвокат од Менхетен со многу добар бизнис кој им помага на богатите да се справат со хипотеки и долгорочни обврзници, раскажува приказна за најчудниот човек што некогаш го запознал. На почетокот на приказната, раскажувачот вработува двајца писари, наречени Ниперс и Турки, чија должност била да препишуваат легални документи. Ниперс (помладиот од двајцата) страда од лошо варење на храната, а Турки е алкохоличар, но канцеларијата успешно функционира зашто наутро Турки е трезен, а Ниперс избувлив, додека попладне Ниперс е смирен, а Турки пијан. Џинџер Нат, момчето од канцеларијата, го добива својот прекар поради малите торти што им ги носи на писарите. За да го прошири бизнисот, раскажувачот праќа оглас за трет писар и го вработува запуштениот Бартелби за кој се надева дека неговата смиреност ќе ги омекне карактерите на Ниперс и Турки. На почетокот Бартелби се покажува како роден за таа работа затоа што квалитетно си ја завршува работата. Еден ден, кога раскажувачот му наредува да изврши една работа, Бартелби му одговара со реченица која подоцна ќе биде негов постојан одговор: „Претпочитам да не го сторам тоа “. За вчудовидување на раскажувачот и иритирање на писарите, Бартелби секој ден извршува сѐ помалку работи. Раскажувачот неколкупати се обидува да ја дознае причината и да дознае нешто за него, но Бартелби не вели ништо освен подобро не.“ Еден викенд, раскажувачот поминува покрај канцеларијата и открива дека Бартелби почнал да живее во неа. Осамениот живот на Бартелби го воодушевува: навечер и во недела, улицата Вол Стрит е напуштена како град на духовите, а од прозорецот во местото на Бартелби може да се види само еден ѕид. Чувствата на раскажувачот за Бартелби се мешавина од жалење и згрозување. Некое време Бартелби останува да ја врши работата, но полека престанува со пишување, за да на крај целосно престане. Повторно раскажувачот се наоѓа во ситуација кога не може да го натера Бартелби да си оди. Напнатоста уште повеќе расте кога бизнис соработниците го прашуваат раскажувачот зошто бескорисниот и чудниот Бартелби е сѐ уште присутен во канцеларијата. Претчувствувајќи ја опасноста од нарушување на репутацијата, но сепак, емотивно немоќен да го исфрли Бартелби, раскажувачот решава да се исели преместувајќи ја работата и оставајќи го Бартелби зад себе. Но, наскоро кога новите закупници доаѓаат да побараат негова помош, Бартелби повторно не сака да си оди. Иако го исфрлиле од собите, тој седи цел ден на скалите и спие на предниот влез. Раскажувачот го посетува Бартелби и се обидува да го вразуми. Очаен, раскажувачот вчудовиден од својата идеја сепак го поканува Бартелби да оди да живее со него. Бартелби одговара: „Сепак не би.“ Тој одлучува да остане неколку дена подалеку од работата, со цел да не биде вмешан во планирањето на новите закупци кои сакаат да слободат од Бартелби, но кога се враќа дознава дека Бартелби е насилно преместен и однесен во затвор. Раскажувачот го посетува и го наоѓа понерасположен од обично. Како и секогаш, Бартелби ја одбива неговата добрина. Сепак, раскажувачот подмитува еден од чуварите за да се увери дека Бартелби добива доволно храна. Но, кога тој доаѓа повторно во посета, открива дека Бартелби починал од глад, очигледно одбивал да јаде. По некое време, раскажувачот дознава дека Бартелби работел во поштата за изгубени писма, но ја изгубил работата. Раскажувачот раскажува дека писмата направиле Бартелби да потоне во уште полошо расположение. Тие писма се симбол на човековата моралност и неуспешните намери. Преку Бартелби, раскажувачот го прикажал светот од гледна точка на еден беден писар. Последните зборови на раскажувачот во приказната се: „Ах, Бартелби. Ах, човечност“.

Анализа[уреди | уреди извор]

Анализа на Бартелби[уреди | уреди извор]

Ликот на Бартелби може да биде сфатен на различни начини. Потпирајќи се на перцепцијата што ја има раскажувачот и ограничените детали понудени во приказната, неговиот лик останува несфатлив. Ликот на Бартелби буквално може да биде сфатен како ментално болен, или симболички или метафорички, како затворен граѓанин во сурово општество. Исто така, може да биде сфатен и како уметнички лик или писател кој одбива да препишува одреден материјал и да ја ризикува својата уметност. Бартелби е многу остар спрема адвокатот кога ја повторува фразата „подобро не.“ Неговото одбивање да го објасни своето однесување се одразува на неговото одбивање да се приспособи на општеството во Вол Стрит и на неговите очекувања. Во многу случаи, „Бартелби“ е една од првите приказни за колективно незадоволство. Мелвил бил дете од Њујорк, а приказната се случува на Вол Стрит. Писарите се дел од машинеријата на современата индустрија и трговија; тие се образовани луѓе кои вршат заморна работа. „Дел од машинеријата“ претставува добар опис за нивната работа: подоцна работите што ги правеле биле извршувани од страна на машини. Во овој свет, каде што човекот ја врши својата работа, заработува плата и продолжува сѐ додека не умре, Бартелби е изрод и отпадник. Тој е сосема депресивен и осамен човек, кој е неспособен да најде работа што ќе го задоволи. Самиот живот е здодевен за него. Не може да најде место на светот во кое ќе се вклопи и затоа умира. Неговиот вработувач, постар адвокат, се обидува, но безуспешно, да се зближи со Бартелби. Некако тој успева да биде забележан од чудниот писар, но сепак не може да му помогне. На крајот на приказната, едно од прашањата кое е поврзано со нивната врска е дали раскажувачот го издал Бартелби? Ако е така, дали тоа можело да се избегне? Колку е еден човек одговорен за спасувањето на друг? Повознемирувачко е тоа што се мисли дека Бартелби не е единствениот што е осуден на пропаст. Светот кој го потонал во мрак е виден во поинакво светло и раскажувачот со своите вработени што се навикнати на овој свет, изгледаат смалени од нивната зашеметеност од него.[2]

Како пример на клиничка депресија[уреди | уреди извор]

Бартелби покажува класични симптоми на депресија, особено со недостатокот на мотивација. Тој е пасивна личност, иако е еден од највредните работници во канцеларијата, покрај адвокатот и Џинџер Нат. Бартелби е добар работник сѐ додека не почне да ги одбива наредбите. Тој не му открива ниту една лична информација на адвокатот. Неговата смрт ги докажува симптомите на депресија – без желба за живот, тој одбива да јаде додека не умре.

Како одраз на раскажувачот[уреди | уреди извор]

Ликот на Бартелби може да се протолкув како „психолошка двојност“ за раскажувачот кој ги критикува „ непродуктивноста, безличноста и механичкото составување на светот во кој адвокатот живее. До самиот крај на приказната, на читателот не му се дава никаква информација за Бартелби. Овој недостаток на информации ја дава можноста Бартелби да е само дел од имагинацијата на раскажувачот. Исто така, може да се земе предвид однесувањето на раскажувачот спрема Бартелби: го прикрива во еден агол за да има приватност „го симболизира прекривањето на адвокатот на силите на потсвест кои ги претставува Бартелби“. Психоаналитичарот Кристофер Болас вели дека приказната е повеќе за раскажувачот отколку за раскажаното. „Желбата на раскажувачот да го дозволи одбивањето на Бартелби е нешто што треба да се објасни...Како што тече приказната, така дознаваме дека адвокатот се идентификува со неговиот службеник. Иако тоа е колебливо поистоветување, сепак, ја прави приказната помоќна.“

Анализа на раскажувачот[уреди | уреди извор]

Раскажувачот, вработувачот на Бартелби, раскажува во прво лице за неговото работно искуство со Бартелби. Тој се опишува себеси како дарежлив човек, иако има случаи во текстот кога се сомневаме во неговата веродостојност. Можеби тој е љубезен спрема Бартелби поради тоа што е љубопитен и фасциниран од него. Освен тоа, откако Бартелби ќе престане да работи, раскажувачот му дозволува да остане вработен, можеби само за да избегне соочување. Тој исто така се опишува себеси како трпелив спрема другите вработени, Турки и Ниперс, кои се неспособни во различни делови од денот. Како и да е, ова го опишува раскажувачот како личност која не сака да се соочи. Низ приказната, раскажувачот е растргнат помеѓу неговата одговорност спрема Бартелби и желбата да се ослободи од него затоа што е закана за канцеларијата со неговиот начин на живот. На крајот на краиштата, приказната можеби е повеќе посветена на раскажувачот отколку на Бартелби, не само затоа што тој се обидува да го разбере неговото однесување, но исто така и поради рационалностите што ги наведува за контактите со Бартелби и реакциите кон него.

Филозофијата во Бартелби[уреди | уреди извор]

Во оваа приказна може да се најдат повеќе филозофски влијанија. Воведот цели кон „Испитување за слободата на желбата“ на Џонатан Едвардс. Џеј Лејда, професор и писател на воведниот дел од Приказните на Херман Мелвил, коментира за сличностите помеѓу Бартелби и „Доктрина за филозофска потреба“ на Џозеф Присли. Изолацијата од светот, на Бартелби му дозволува да биде целосно слободен. Тој е во можност да направи сѐ што ќе посака. И Присли и Едвардс во своите сфаќања за приказната зборуваат за решителност, предлагајќи дека Бартелби со исклучителното исполнување на својата желба, иако тоа води до смрт, се поштедува од надворешно одредена судбина. „ Бартелби, писарот“ е исто така приказна за пропадната комуникација и неможноста да се поврзат две човечки битија. Оваа приказна сега е една од најпознатите раскази од XIX век.[3]

Религиозни влијанија[уреди | уреди извор]

Има неколку сличности помеѓу Бартелби и болните од лепра од времето на Христос. Лепрозните биле протерани од општеството поради нивната болест. Бартелби беше отпуштен зашто не ја извршуваше својата работа. Кога лепрозниот ќе бил однесен во колониите за лепрозни, му давале само неколку работи како ќебе, перница, дрвен бокал за капење и крпа. Кога раскажувачот открива дека Бартелби живее во канцеларијата, под неговата маса ги наоѓа истите предмети што им биле давани на лепрозните. На лепрозните им било забрането да влегуваат на пазарите и црквите. Раскажувачот е изненаден кога открива дека Бартелби никогаш не посетил ресторан.

Наследство[уреди | уреди извор]

Прифаќање[уреди | уреди извор]

Иако без голем успех за време на издавањето, „Бартелби, писарот“ е една од најзначајните американски кратки раскази. Се смета дека е предвесник на апсурдната литература, допирајќи неколку дела од писателот Франц Кафка. Нема ништо што навестува дека боемскиот писател бил запознаен со делото на Мелвил, кој останал заборавен подолг период по смртта на Ф. Кафка. Алберт Ками, во личното писмо за Лиселот Декман, го опишува Мелвил како важен, влијателен писател.

Адаптации[уреди | уреди извор]

Приказната имала 3 филмски адаптации: во 1970, главна улога Пол Скофилд; во Франција во 1976 од страна на Морис Ронет, а во главната улога бил Мишел Лонсдејл; и во 2001 Бартелби, главна улога Криспин Кловер. Јорк Плејхаус режирала опера, Бартелби, компонирана од Вилијам Фланаган и Џејмс Хитон Џуниор, со либерето на Едвард Алби од 1 јануари 1961 до 28 февруари 1961. Приказната била адаптирана и повторно толкувана од страна на Питер Страуб во неговата приказна „Г-дин Клаб и г-дин Каф“. Исто така, беше инспирација и за романот на Стивен Кинг „Торба со коски“. „Бартелби, Писарот“ бил адаптиран на сцена во март во 2007 година од страна на Александар Гелман и Органик Театар Компани од Чикаго.