Прејди на содржината

Банџул

Од Википедија — слободната енциклопедија
Местоположбата на Банџул во Гамбија.
Местоположбата на Банџул во Гамбија.
Банџул

Банџул (англиски: Banjul) — главен град на Гамбија. Населението на градот изнесува 34,828 жители, но вкупната урбана област е поголема, со околу 523,589 жители (според пописот од 2003). Градот се наоѓа на островот Сент Мери (или Банџулски Остров), каде реката Гамбија се влева во Атлантскиот Океан. Банџул е сместен на 13°28' северно и 16°36' западно.

Во 1816, британците го основале Банџул како трговско место и база за разбивање на трговијата со робови. Тогаш градот бил именуван како Батарст, по Хенри Батарст, секретар на британската колонијална канцеларија, но бил преименуван во Банџул во 1973 година.

Арка 22 на влезот во Банџул.

На 22 јули 1994, Банџул бил местото каде се случил државен удар. Во спомен на овој настан, на влезот од градот била изградена арката 22. Таа е висока 35 метри и е дом на текстилен музеј.

Атракции во градот се Гамбискиот народен музеј, маркетот Алберт, државната куќа во Банџул, судот во Банџул, две катедрали и неколку поголеми џамии.

Банџул е главната урбана област на Гамбија и е нејзин економски и административен центар. Како четвртата најгусто населена земја во Африка, Гамбија има повеќе од една урбана област. Преработката на кикирики е главната индустриска гранка на земјата, но пчелиниот восок, палмовите дрва, палмовото масло сè уште се извезуваат од пристаништето.

Фериботи пловат од Банџул до Бара. Меѓународниот аеродром на Банџул лежи во непосредна близина на градот.