Банка на Јапонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Банка на Јапонија (јапонски: 日本銀行) - централна банка на Јапонија.

Седиште на Банката на Јапонија

Историја[уреди | уреди извор]

Законот за централната банка на Јапонија бил донесен во јуни 1882 година, а Банката на Јапонија официјално започнала со работа на 10 октомври 1882 година.[1] На 1 мај 1942 година, банката била реорганизирана во согласност со Законот за централна банката на Јапонијa кој стапил во сила во 1942 година. Законот од 1942 година ја одразувал воената состојба, така што во членот 1, целите на банката биле наведени како „регулација на валутата, контрола, кредитни и платежни олеснувања, како и одржување и негување на кредитниот систем во согласност со државната политика, со цел да се зајакне економијата во државата“. Овој закон претрпил неколку измени по Втората светска војна, вклучувајќи го и создавањето на советот на банката, како највисоко тело, во јуни 1949 година. Законот од 1942 година бил целосно ревидиран во јуни 1997 година, а новиот закон стапил на сила на 1 април 1998 година.

Организација и управување[уреди | уреди извор]

Банката е правно лице овластено од владата на Јапонија. Банката има капитал од 100 милиони јени, од кои 55% се обезбедени од владата, а останатите 45% се влог на приватниот сектор. Организациската структура на Банката е заснована со Законот за Банката на Јапонија, со подзаконските акти и со другите внатрешни правила.[2]

Управниот одбор е највисокото тело за одлучување во Банката на Јапонија. Тој е составен од гувернерот, двајца негови заменици и шест члена. Претседателот на управниот одбор го избираат членовите меѓу себе. Од 1998 година, гувернерот на банката е претседател на одборот. Деветте членови на Одборот ги именува владата, во согласност на Претставничкиот дом и Домот на советниците (член 23 од законот). Мандатот на членовите на одборот изнесува пет години за секој член (член 24 од законот). Состаноците на одборот за прашања поврзани со монетарната политика (член 15, став 1 од Законот) се нарекуваат состаноци на монетарната политика. Состаноците на одборот за други прашања утврдени во членот 15 став, 2 од законот се нарекуваат редовни состаноци. Состаноците за монетарната политика се одржуваат еднаш или двапати месечно, додека редовните состаноци се одржуваат двапати неделно. Тие се разликуваат од редовните состаноци во однос на процедурите: прво, дискусиите од овие состаноци се објавуваат подоцна во форма на записник; второ, претставниците на владата можат да присуствуваат на овие состаноци, да дадат забелешки, да достават предлози или да побараат одложување на гласањето (член 19 од законот); трето, распоредот на овие состаноци за претстојните дванаесет месеци се објавува во јуни и декември. Управниот одбор одлучува за: основната стапка на заемите, стапката на задолжителна резерва, упатствата за работење на пазарот на пари, мерките на монетарната политика, погледите на Банката на Јапонија за економскиот и финансискиот развој, прашањата поврзани со финансискиот систем, обезбедување кредити за странските централни банки, внатрешното управување, буџетот итн.[3]

Банката има дванаесет оддели, две канцеларии и еден институт, како и 32 филијали и 14 локални канцеларии на национално ниво (вклучувајќи компјутерски центар и центар за работа со банкноти) и седум претставништва во странство. Филијалите на банката се наоѓаат низ целата земја и ги дистрибуираат банкнотите до приватните финансиски институции. Покрај тоа, филијалите на банката ја проценуваат состојбата на регионалните финансиски институции во нивните соодветни региони преку интервјуа со претставници. Филијалите и локалните канцеларии на банката вршат анализи за економските и финансиските случувања во регионот и објавуваат дел од нивните истражувања. Банката има и комитет за управување и комитет за усогласеност. Членови на Комитетот за управување се замениците на гувернерите и извршните директори. Членови на Комитетот за усогласеност се назначени од замениците на гувернерите и извршните директори, како и директорот на Кабинетот на внатрешните ревизори и еден или повеќе правни експерти. Комитетот за усогласеност се грижи вработените во банката да ги извршуваат своите должности правично и во согласност со релевантните закони и регулативи.

Капитал и буџет[уреди | уреди извор]

Во согласност со законот, Банката на Јапонија има буџет од 100 милиони јени при што „од износот на буџетот, владата мора да уплати износ не помал од 55 милиони јени“. Според законот, сопствениците на сертификатите кои ги издава таа немаат право да бидат дел од раководството на банката, а во случај на ликвидација на банката, тие имаат побарување само на преостанатиот капитал до износот кој го имаат уплатено. Дивидендата на уплатениот капитал се ограничува на 5 проценти во секој фискален период.[4]

Принципи на работење[уреди | уреди извор]

Банката на Јапонија јавно ги објавува своите организациони принципи, кои претставуваат збир на фундаментални вредности кои таа треба да ги почитува:[5]

  • Јавен интерес - Банката го промовира јавниот интерес со исполнување на основните цели утврдени со Законот за Банката на Јапонија.
  • Транспарентност - Банката треба да демонстрира соодветна одговорност во својата политика и деловното работење преку своите различни надворешни односи.
  • Извонредност - Извонредност во давањето услуги на централното банкарство, соодветно реагирајќи на промените во окружувањето.
  • Интегритет - Банката обезбедува интегритет во извршувањето на должностите од страна на секој службеник и вработен, барајќи тие да ги почитуваат високите морални стандарди.
  • Делотворност и ефикасност - Банката прави делотворна и ефикасна употреба на ресурсите за управување во извршувањето на деловното работење и организациското управување.

Монетарна политика[уреди | уреди извор]

Цели на Банката на Јапонија[уреди | уреди извор]

Според законот за Банката на Јапонија, нејзини цели се „издавање банкноти и спроведување на валутна и монетарна контрола“, како и „стабилнo порамнување на средствата помеѓу банките и другите финансиски институции што ќе придонесе за одржување на стабилноста на финансискиот систем“. Исто така, законот пропишува дека „валутната и монетарната контрола од страна на банката на Јапонија има за цел да ги стабилизира цените, а со тоа да придонесе за здрав развој на националната економија“.

Основна цел на монетарната политика на Банката на Јапонија е да обезбеди стабилност на цените. Во јануари 2013 година, Банката ја дефинирала целта за стабилност на цените на нивото од 2% во однос на годишната стапка на промена на индексот на потрошувачки цени. Банката манипулира со понудата на пари во економијата и влијае на каматните стапки, со цел да се постигне ценовна стабилност. Банката го регулира оптекот на пари во јапонската економија со извршување на операции на пазарот на пари (купување и продажба на јапонски државни хартии од вредност).[6]

Монетарната политика за време на Глобалната финансиска и економска криза од 2008 година[уреди | уреди извор]

По Глобалната финансиска и економска криза од 2008 година, Банката на Јапонија ги примени следниве мерки:

На 30 октомври 2009 година, Банката на Јапонија донела решенија за различни привремени мерки во врска со работењето на пазарот на пари. Со цел да обезбеди стабилност на финансискиот пазар и да го олесни корпоративното финансирање, банката донела одлука за продолжување на делотворниот период на кредитирање и зголемување на висината на прифатливиот залог. Посебните мерки за олеснување на корпоративното финансирање останале на сила до крајот на март 2010 година. Од април 2010 година, банката почнала да обезбедува стабилна ликвидност преку кредитирање врз основа на групен залог, кој прифаќа поширок спектар на заложени средства.

Системи на порамнување[уреди | уреди извор]

Банката на Јапонија обезбедува систем за порамнување на финансиските трансакции. Депозитите и кредитите на Банката на Јапонија се користат за подмирување на трансакции поврзани со работењето на пазарот на пари, давање на заеми на финансиските институции, исплати и приходи на трезорските фондови како и издавање и откуп на јапонски хартии од вредност. Покрај тоа, банката обезбедува систем за трансфер на државни хартии од вредност со помош на сметки за дебитирање и кредитирање на хартии од вредност.[7]

Издавање банкноти[уреди | уреди извор]

Според член 46 од законот за Банка на Јапонија, таа има овластување да издава банкноти, како единствен издавач. Банката ги прима новите банкноти произведени од Националното биро за печатење и ги издава со пуштање во промет од нејзиното седиште во Токио и од филијалите низ Јапонија. Јапонските јени ги печати Националното биро за печатење, кое порано било Биро за печатење при Министерството за финансии. На предната страна од банкнотите, на јапонски јазик, пишува „Произведено од Националното биро за печатење“. На крајот на декември 2018 година, во оптек циркулирале 17 милијарди банкноти ќиј вкупен износ изнесувал 110,4 трилиони јени. Ако се соберат овие банкноти, нивната висина би ибла 1.698 километри, т.е. 450 пати повеќе од висината на планината Фуџи (3.776 метри). Ако се постават една до друга, банкнотите би достигнале должина од околу 2,64 милиони километри - доволно долго за да го обиколат светот околу 66 пати, или седум пати оддалеченоста од земјата до месечината.[8]

Меѓународна соработка[уреди | уреди извор]

Банката на Јапонија остварува соработка со значајни централни банки и странски експерти за надзор во врска со проблемите кои се јавуваат во финансискиот систем. Банката активно учествува во меѓународните форуми кои ги разгледуваат регулаторните рамки и имаат за цел да го зајакнат светскиот финансиски систем. Банката спроведува активности од областа на меѓународното финансирање, како што се девизните трансакции, како и деловни активности поврзани со помагање на странски централни банки и меѓународни организации. Таа исто така, врши меѓународни операции во име на јапонската влада, како: обработка на известувања и извештаи потребни според Законот за девизи и надворешна трговија, составување на статистиката на платниот биланс на Јапонија и спроведување на интервенции во девизи. Банката им помага на странските власти и меѓународните организации во нивното инвестирање и финансирање со јени, со прифаќање на депозити во јени и делувајќи како чувар на имот за државните хартии од вредност. Банката, исто така, обезбедува техничка помош за странските централни банки, особено оние во Азија.[9]

Поддршка на финансиските институции во областите погодени од природните катастрофи[уреди | уреди извор]

Веднаш по големиот земјотресот на Источна Јапонија во март 2011 година, Банката на Јапонија презела брзи мерки, вклучително и доволно обезбедување ликвидност и натамошно зајакнување на монетарното олеснување, со фокус на три главни аспекти: одржување на функционирањето на финансиските и системите за порамнување, обезбедување стабилност на финансиските пазари и поддршка на економската активност. Покрај ваквите мерки, таа спровела и операција за поддршка на финансиските институции во областите погодени од катастрофите. Исто така, таа презела разни мерки и по земјотресот во Кумамото во април 2016 година.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Официјално мрежно место на Банката на Јапонија (пристапено на 10.10.2019)
  2. Официјално мрежно место на Банката на Јапонија (пристапено на 10.10.2019)
  3. Официјално мрежно место на Банката на Јапонија (пристапено на 10.10.2019)
  4. Банка на Јапонија, Официјално мрежно место (пристапено на 10.10.2019)[мртва врска]
  5. Банка на Јапонија, Официјално мрежно место (пристапено на 10.10.2019)
  6. Банка на Јапонија, Официјално мрежно место (пристапено на 10.10.2019)
  7. Банка на Јапонија, Официјално мрежно место (пристапено на 10.10.2019)
  8. Банка на Јапонија, Официјално мрежно место (пристапено на 10.10.2019)
  9. Банка на Јапонија, Официјално мрежно место (пристапено на 10.10.2019)
  10. „Банка на Јапонија, Официјално мрежно место (пристапено на 10.10.2019)“. Архивирано од изворникот на 2020-05-02. Посетено на 2020-05-17.