Банкарски систем на Унгарија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Банкарскиот систем на Унгарија е дел од финансискиот систем на Унгарија, кој го сочинуваат банките и штедилниците.

Консолидацијата и приватизацијата на банкарскиот сектор во 1990-тите[уреди | уреди извор]

Унгарскиот банкарски пазар бил отворен за влезот на странски банки на почетокот на 1980-тите, кога на странските банки им било дозволено да воспостават подружници во Будимпешта. Во периодот од 1992 до 1994 година била извршена консолидација и докапитализација на унгарските банки. Притоа, банките распишале нови емисии на акции кои ги откупила државата, со што државниот капитал во банкарскиот сектор се зголемил од 40% во 1992 година на 66% во 1994 година. Со докапитализацијата, банките биле подготвени за приватизација преку влез на странски стратешки инвеститори.[1][2]

На крајот на 1995 година, шест банки, чие пазарно учество изнесувало 31%, биле продадени на странски банки. Во првата фаза на приватизацијата учествувала и ЕБРД, како малцински акционер, а исто така, и државата останала малцински акционер во овие банки. Истовремено, либералната политика на лиценцирање довела до тоа голем број странски банки да основаат подружници во Унгарија. На тој начин, во 1997 година, учеството на државниот капитал во банкарскиот сектор на Унгарија бил сведен на 20%.[1][2]

Откако странските банки станале побројни од домашните банки, во 1998 година, износот на странските средства ја надминал вкупната домашна актива, а во 2000 година, странските банки контролирале 71% од вкупната актива на банкарскиот сектор. Покрај тоа, во истата година, прекуграничните кредитни активности достигнале 17% од БДП, што било повеќе отколку кредитната активност на домашните банки, која изнесувала само 15% од БДП.[3] Влезот на странските банки предизвикал и консолидација на банкарскиот сектор, така што вкупниот број на банки во Унгарија се намалил од 43 во 1999 година на 35, на крајот на 2004 година.

Банкарскиот сектор за време на Глобалната финансиска криза[уреди | уреди извор]

Пред 2008 година, унгарските банки започнале со одобрување станбени кредити, деноминирани во швајцарски франци, кои се одликувале со ниски каматни стапки. Меѓутоа, по ескалазијата на Глобалната финансиска криза, швајцарскиот франк започнал да апрецира, со што должниците западнале во големи тешкотии во отплатата на кредитите. За да го реши проблемот, унгарската влада презела еднострани дејства со кои ризикот го префрлила на товар на банките (преку бројни законски иницијативи), а кои биле остро критикувани од страна на националниот банкарски сектор, како и меѓународни банкарски групации, активни во Унгарија. Во декември 2011 години, унгарската влада и Унгарското здружение на банкарите склучиле договор со цел да се справат со високото ниво на задолженост на домаќинствата врз основа на хипотекарни девизни кредити. Притоа, се овозможила „шема за предвремена отплата“ со која им се дала можност на клиентите да ги отплатат своите кредити во странска валута одеднаш, по фиксен повластен девизен курс, кој бил под пазарниот девизен курс. Шемата важела од октомври 2011 до февруари 2012 година, а со неа, унгарските домаќинства требало да вратат околу 24% од нивните вкупни хипотекарни кредити во странска валута. Оттука, унгарскиот банкарски систем регистрирал загуба на 370 милијарди форинти, од кои дел, сепак, биле одбиени од даночните давачки на банките во 2011 и 2012 година.[4]

Другата мерка за помош на должниците („шема за заштита од девизниот курс“) се однесувала на клиентите со нефункционални кредити. Должниците можеле да аплицираат за учество во програмата до крајот на 2012 година. На клиентите што ја избрале оваа шема им било дозволено да отплатат дел од нивниот долг со фиксен повластен девизен курс. Разликата меѓу фиксниот повластен и пазарниот девизен курс се акумулирала на сметка, деноминиранa во форинти, која требало да биде отплатена од страна на должниците по 60 месеци (почнувајќи со отплата најдоцна од јули 2017 година). Плаќањето на каматата било поделено подеднакво на товар на владата и на банките. Во случај девизниот курс да надмине одредено ниво, ризикот од девизниот курс целосно ќе биде на товар на унгарската држава.[4]

Покрај тоа, должниците што доцнеле при плаќањето на кредитите повеќе од 90 дена, и кои исполнувале одредени критериуми, имале можност да ги претворат своите неплатени кредити во кредити изразени во домашна валута. Според податоците на Унгарската народна банка, кредитно портфолио од околу 375 милијарди форинти било потенцијално погодено од оваа мерка. Дел од загубите на банките, што произлегувале поради оваа мерка, биле одбиени од даночните обврски на банките.[4]

Во 2012 година биле донесени одредени прописи за ликвидност на кредитните институции во Унгарија, со цел да се зајакне ликвидноста на банкарскиот сектор и да се отстрани неусогласеноста на девизните позиции на кредитните институции. МНБ и ХФСА (Унгарскиот финансиски надзорен орган), по интензивен процес на консултации со засегнатите страни, воспоставиле минимални барања за сите финансиски институции:[4]

  • Краткорочна ликвидност: кредитните институции требало да одржуваат ликвидносни резерви за следните 30 дена, кои покриваат 10% од билансот на состојба или 20% од депозитите на мало и корпоративните депозити.
  • Долгорочна ликвидност: Во јули 2012 година стапила во сила стапката на адекватност на девизното финансирање, која требало да биде најмалку 65%, а се дефинирала како збир на стабилните девизни средства и нето-количината на девизни свопови со рок на достасување над една година, поделен со пондерираните средства во странска валута со рок на достасување над една година.

Одлики на унгарскиот банкарски сектор[уреди | уреди извор]

Во 2011 година, Унгарија имала највисок однос меѓу кредитите и депозитите во регионот, кој изнесувал дури 134%. Учеството на девизните кредити во рамките на билансот на состојба на унгарскиот банкарски сектор изнесувало 57% во 2011 година, а во претходните три години, тие се движеле помеѓу 48% и 52%.[5] Истовремено, како последица на кризата, нефункционалните кредити во Унгарија биле во постојан пораст: во 2008 година, тие изнесувале 3%, додека во 2012 година достигнале 15,8%.Грешка во наводот: На ознаката </ref> ѝ недостасува ознака за затворање <ref>.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Mager, A. (2002), „Restructuring, Consolidation and Recent Developments of Hungarian Banking Sector“, NBP, Warsaw.
  2. 2,0 2,1 Abel, I. и Siklos, P. (2001), „Privatizing a Banking System: A Case Study of Hungary“, The Central Bank of Hungary, Budapest.
  3. Storf, O. (2000), „Foreign Banks in the Transformation Process. Hungary and Poland“, Deutsche Bank, Frankfurt.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 European Investment Bank (2013), Banking in Central and Eastern Europe and Turkey, Luxembourg.
  5. Deloitte Central Europe (2012), The Banking Sector in Central Europe, Performance Overview.