Банкарска група KfW

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Банкарска група KfW (германски: KfW Bankengruppe) — германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото и на малите и средните претпријатија. Таа е наследничка на Кредитната институција за обнова (германски: Kreditanstalt fur Wiederaufbau, KfW) и се наоѓа во целосна сопственост на германската држава (80% на сојузната влада и 20% на регионалните влади).

Историја[уреди | уреди извор]

Кредитната институција за обнова (KfW) била формирана во 1948 година (за време на окупацијата на Германија од страна на сојузничките сили) со основна задача да обезбеди кредити за обнова на земјата. Како прв приоритет на KFW се наметнала обновата на индустриските капацитети и на разурнатите домови во тогашна Западна Германија. Кредитите за оваа намена, во почетокот, главно ги добивале големите германски претпријатија од секторите рударство, челик, електрична енергија и сл., додека малите и средните претпријатија не биле во фокусот на интерес на банката. По завршувањето на обновата, кон средината на 1950-тите години, KFW се ориентирала кон малите и средните претпријатија. Малите и средните претпријатија постанале главен приоритет на банката во 1960-тите, кога таа почнала да доделува инвестициски кредити за овие претпријатија и особено во текот на 1970-тите, кога во центарот на интерес на банката се наметнале малите и средните претпријатија со иновативни идеи и проекти, посебно во областа на штедењето енергија.

Во почетокот на 1970-тите, KFW почнала да развива посебна програма (т.н. М–програма) на кредитни производи за потребите на МСП. Во текот на 1980-тите, сојузната влада на Германија промовирала посебна програма за структурни промени, а во нејзини рамки значајна била и улогата на малите и средните претпријатија. Во 1990-тите, по обединувањето Германија, KFW пласирала големи суми кредити со цел да се поттикне развојот на источниот дел на земјата (т.н. нови региони). Во тие рамки, KFW, заедно со Банката за порамнување, доделила кредити за малите и средните претпријатија во износ од околу 50 милијарди германски марки. Во овој период, банката развивала сè поиновативни форми на инвестирање, меѓу кои и поддршка на развојот на пазарот на ризичен капитал, т.е. вложување во акции во иновативни мали и средните претпријатија, со голем потенцијал на раст. Во новиот милениум, KFW вовела променливи каматни стапки за малите и средните претпријатија, во зависност од ризичноста на проектите.

Во 2003 година, со спојување на KFW со Банката за порамнување, се формирала посебна деловна единица Банка за мали и средни претпријатија (KfW Mittelstandsbank). Со појавата на глобалната финансиска и економска криза во 2007-2009 година, банката развила посебни програми за поддршка на малите и средните претпријатија. Истовремено, било променето името на банката во Банкарска група KfW (KfW Bankengruppe). Оваа банкарска група подлежи на регулативите на СР Германија, на Европската комисија и на Базелската спогодба. Таа дала голем придонес за развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото не само во Германија, туку и во Европа, во земјите во развој и во земјите во транзиција. Голем број јавни финансиски институции во Европа и во земјите во транзиција ги прифатиле принципите на работа и на поддршка и промоција на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на KfW, вклучувајќи ја тука и Македонија. Така, МБПР е организирана по угледот на KfW.[1]

Основни цели на Банкарската групација KfW[уреди | уреди извор]

Во мисијата на Банкарската групација KfW се потенцира дека таа ги поддржува промените и ги охрабрува напредните идеи во Германија, во Европа и насекаде во светот, при што:[2]

  • На домашен план ги промовира идните инвестиции на своите граѓани, на малите и средните претпријатија, како и инвестициите на локалните единици на самоуправата и инвестициите во социјалната инфраструктура;
  • На надворешен план, финансира проекти на германски и на европски компании, конкурентни на глобалниот пазар и го поддржува економскиот и социјалниот прогрес во земјите во развој и во земјите во транзиција;
  • Реализира специјални задачи на Сојузната влада на СР Германија – од приватизација на германски државни претпријатија до администрирање на прашања поврзани со поранешната ДДР;
  • Го промовира развојот и интернационализацијата на бизнисите.

Во рамките на Банкарската група KfW, постојат повеќе деловни единици: Банката за приватни клиенти, Комуналната банка, Финансирање на извозни проекти, Поддршка на земји во транзиција, Финансиски пазари - тргување со хартии од вредност и Банката за мали и средни претпријатија (KfW Mittelstandsbank).

Банка за мали и средни претпријатија[уреди | уреди извор]

Посебно место во рамките на банкарската група KfW зазема Банката за мали и за средни претпријатија, чии основни цели се следниве:[3]

  • Кредитирање на основањето нови претпријатија и постојни мали и средни претпријатија преку давање евтини кредити, т.е. кредити со ниски каматни стапки;
  • Инвестирање во ризичен капитал, вклучувајќи и вложувања во start-up фазата, за претпријатија со добри, иновативни идеи;
  • Финансиска поддршка на малите и средни претпријатија во сферата на модерните технологии, со висок потенцијал на раст;
  • Финансирање проекти кои овозможуваат заштита на животната средина;
  • Финансирање проекти што се базираат на обновливи извори на енергија;
  • Финансирање проекти со висока енергетска ефикасност
  • Советодавна улога за мали и средни претпријатија, вклучувајќи и преземање на трошоците за најразлични консултантски услуги.

Основни принципи на работењето на Банката за мали и средни претпријатија се:[4]

  • Банката за мали и средни претпријатија обезбедува средства од различни извори (од пазарот на капитал, од извори на Сојузната влада, од т.н. ЕРП – фонд, формиран уште во 1953 година од средствата на Маршаловиот план, итн.)
  • Банката за мали и средни претпријатија обезбедува финансирање на нови мали и средни претпријатија и финансирање за поддршка на развојот на постојни мали и средни претпријатија, во принцип за сите сектори на економијата, т.е. и за традиционалните и за иновативните. Определени ограничувања има само за претпријатијата од земјоделскиот сектор, поради регулативата на ЕУ поврзана со субвенционирање на земјоделското производство;
  • Во принцип, операционализацијата на кредитите на KfW банката за мали и за средни претпријатија им се препушта на комерцијалните банки (банката соработува со сите комерцијални банки), а банката за мали и за средни претпријатија во голема мера се концентрира на советодавната улога за потребите на малите и средни претпријатија;
  • Ризикот за враќањето на кредитите главно го понесуваат комерцијалните банки;
  • Кај одделни видови проекти и самата банка презема дел од ризикот, но и при доделувањето на овие кредити, таа соработува и се консултира со комерцијалните банки;
  • Кредитите, покрај со пониски каматни стапки во однос на комерцијалните кредити, задолжително содржат и грејс-период од 1 до 3 години, со тоа што претприемачите можат сами да го избираат траењето на грејс-периодот;
  • При одобрувањето на кредитите, кога се работи за основање нови мали и средни претпријатија, најзначаен критериум е одржливоста на претприемничката идеја, а кога се работи за постојни претпријатија, исплатливоста на инвестицијата и состојбата на билансите на малите и средни претпријатија;
  • Одобрувањето на кредитите е многу брзо, особено кога банката не презема никаков ризик, а во случај таа да презема дел од ризикот, процедурата за одобрување завршува за две недели.

Кредитна активност на банката за мали и за средни претпријатија[уреди | уреди извор]

Банката за мали и за средни претпријатија има развиено широк спектар кредитни производи за потребите на малите и средни претпријатија – почнувајќи од start-up пари, преку најразновидни кредити приспособени за различните развојни фази на претпријатијата, кредити за структурно приспособување на малите и средни претпријатија, кредити за поддршка на извозот и за интернационализација на малите и средни претпријатија, иновативни кредити (за енергетска ефикасност, за заштита на животната средина и сл.), ризичен капитал за високоиновативни мали и средни претпријатија во повисоките развојни фази итн.

Со започнувањето на глобалната финансиска криза во 2007/2008 година, Банката за мали и за средни претпријатија создала посебна програма за малите и средни претпријатија (со три потпрограми) за кредити за фиксен и за обртен капитал за малите и средни претпријатија, под невообичаено поволни услови, а со цел да им помогне на малите и средни претпријатија полесно да се справат со последиците од кризата. Од овие програми на малите и средни претпријатија, до крајот на 2010 година, им биле одобрени кредити во износ од 4,6 милијарди евра.

Наводи[уреди | уреди извор]