Баница (Серско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Баница (Шарлија))
Баница
Καρυές
Камбанаријата и рушевините од Баница (2013)
Камбанаријата и рушевините од Баница (2013)
Баница is located in Грција
Баница
Баница
Местоположба во областа
Баница во рамките на Сер (општина)
Баница
Местоположба на Баница во Серскиот округ и областа Централна Македонија
Координати: 41°12.0′N 23°37.0′E / 41.2000° СГШ; 23.6167° ИГД / 41.2000; 23.6167Координати: 41°12.0′N 23°37.0′E / 41.2000° СГШ; 23.6167° ИГД / 41.2000; 23.6167
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругСерски
ОпштинаСер
Надм. вис.&10000000000000710000000710 м
Население
 • Вкупнонапуштено
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Баница (грчки: Καρυές, Кариес; до 1922 г. Μπάνιτσα, Баница[1]) — поранешно село во Серско, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Сер на истоимениот округ во областа Централна Македонија, Грција. Сè до неговото уништување во Втората балканска војна било населено исклучиво со Македонци.

Географија[уреди | уреди извор]

Остатоците од селото се наоѓаат 20 км северно од градот Сер, во падините на планината Шарлија. Низ нив тече реката Серовица, која месно се нарекува Фратска Река, по соседното село Фраштани.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Јордан Иванов пренесува предание според кое првобитното село било уништено од чума, а потоа обновено од Македонци од соседните села и од Арнаути. Околу селото имало многу рушевини во месностите Калата, Градиште и Карпаче. На еден час северезападно имало остатоци од стара црква.[2]

Сè до средината на XIX век жителите на Баница се занимавале со промивање на магнетитен песок. Со замирањето на железарството во втората половина на векот селаните почнале да се заминаваат со изработка на дрвен јаглен, кој го продавале во Сер.[2]

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Баница (Banitsa) имала 101 домаќинство со 330 жители Македонци.[3][4]

Во 1877 г. во Баница имало унијатска црква, во која служеле свештениците Димитар Ламашев и Захариј Запрев.[5]

Во 1889 г. хрватскиот етнограф Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) напишал за Баница:

Баница: христијанско село, сместено во пазувите на Шерлија; 1 црква, 1 училиште, жителите се Македонци, кои се занимаваат со земјоделство и го снабдуваат градот со дрва и јаглен; од градот е оддалечено на 2 часа.[6][7]

Во неговите таблици Верковиќ ја обележал Баница како село со 131 македонска куќа.[6][8]

Кон крајот на векот во селото активно работела грчката пропаганда. Во 1891 г. Георги Стрезов напишал дека селото е дел од областа Баницакол и вели:

Баница, по патот од Сер за Броди, сместено во еден дол образуван од врвовите Љаља, Сариѓар и Капакли. Бидејќи местото е каменливо, повеќето жители слегуваат во полето за работа. Останатите се јагленари и кираџии. Црква „Св. Богородица“; пеат на грчки и има училиште со 20 ученици, кое исто така е грчко. 90 куќи со население од 450 лица, само Македонци.[3][9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Баница живееле 840 Македонци христијани.[3][10]

Во селото лесно продрела и бугарската пропаганда. На почетокот на векот сето село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во селото живееле 1.080 Македонци, сите под егзархијата.[3][11]

Кај селото на 4 мај 1903 г. се одиграла битка помеѓу единиците на МРО и турската полиција во која загинал националниот херој Гоце Делчев. Жителите на Баница зеле активно учество во Илинденското востание, поради што турската војска во одмазда го бомбардирала со топови, потоа запалила 88 куќи во селото, и единствено преживела црквата.[12] Изгореле пет селани, четворица биле убиени, а 24 ставени во затвор.[13]

Во 1910 г. според училишниот инспектор на Бугарската егзархија во Сер, Константин Георгиев, во Баница работело бугарско училиште со учител Б. Христов и вкупно 30 ученици (27 машки и 3 женски).[12]

При избувањето на Првата балканска војна во 1912 г. деветмина баничани се пријавиле за доброволци во Македонско-одринските доброволни чети.[14] Истата година селото е окупирано од бугарската војска, кога во него се избројани 160 куќи.[2] Сепак, во Втората балканска војна во 1913 г. Баница била сосема разорена и изгорена од грчката војска; еден дел од жителите биле ликвидирани, а други пребегале во Пиринска Македонија, со што селото било целосно напуштено.[15] Пребегнатите баничани се населиле во Мехомија (Разлог), Бачево, Неврокоп (Г. Делчев), Свети Врач (Сандански) и на други места.[2] Во 1922 г. властите го преименувале селото во Кариес.[16] По 1919 г. дел од унијатските жители на селото се заселиле покрај Станица Левуново, каде го основале селото Делчево, денес наречено Ново Делчево.[5] Дел од населението подоцна се повратило во Баница, така што во 1920 г. селото броело 170 жители.[13] Поради притисоците на грчките власти, во 1924 г. од Баница се иселиле 54 жители, поради што во 1928 г. во неа останале 95 лица. Малку подоцна и преостанатите жители биле истерани од разореното село, и истото било отпишано.[13]

Денес селото е напуштено и е во рушевини. Единствената зачувана граба е камбанаријата, изградена во 1883 г. на која стои натпис на месниот серски дијалект со името на нејзиниот градител — „Мастора Георги Диму[в] Жиљув“. Останат е и источниот ѕид на црквата со апсидата, на кој јасно се познаваат остатоци од живописот. До црковниот олтар се наоѓал првиот гроб на Гоце Делчев.

Во јуни 2015 г. на ѕидот на камбанаријата е поставена спомен-плоча на Гоце Делчев од бугарскиот политичар Костадин Костадинов и група следбеници.

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Баница
  • Никола Мутафчиев, наречен Кољо Баницалијата (? – 1944) — револуционер на МРО, ги чувал останките на Гоце Делчев до 1917 г. Починал во Горна Џумаја[17]
  • Стефан (? – 1907) — револуионер на МРО, серски окружен војвода од март 1907 г. на местото на убиениот Ташко. Во април 1907 г. загинал во бој со турски аскер[18]
  • Стојан Захариев — четник на ВМОРО, загинал со Гоце Делчев во Битката кај Баница на 4 мај 1903 г.[19]
Починати во Баница
  • Гоце Делчев (1872 – 1903) — македонски национален херој, водач и идеолог на МРО; загинал во Битката кај Баница
  • Димитар Гуштанов (1876 – 1903) — револуционер на МРО, загинал со Гоце Делчев во Битката кај Баница на 4 мај 1903 г.
  • Димитар Поп-Јанков — четник на МРО, загинал со Гоце Делчев во Битката кај Баница на 4 мај 1903 г.[19]
  • Кирил Коларов (1885 – 1916) — новинар во Бугарија, загинат во Првата светска војна
  • Пејо Гарвалов (1876 – 1907) — драмски војвода на МРО дојден од Бугарија; загинал во борба со турскиот аскер
  • Стефан Духов Трлишанчето — четник на МРО, загинал со Гоце Делчев во Битката кај Баница на 4 мај 1903 г.[19][20]
  • Стојан Захариев — четник на МРО, загинал со Гоце Делчев во Битката кај Баница на 4 мај 1903 г.[19]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Μπάνιτσα -- Καρυαί
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Иванов, Йордан Н. „Местните имена между Долна Струма и Долна Места“. София, БАН, 1982, стр. 20.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 116 – 117.
  5. 5,0 5,1 „Кратка история на енория „Успение Богородично" в село Ново Делчево“. Католическа апостолическа екзархия. Посетено на 13 октомври 2015.
  6. 6,0 6,1 Користејќи ги поимите „Бугари“ и „бугарски“ под влијание на бугарската пропаганда.
  7. Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 62.
  8. Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 228 – 229.
  9. Стрезов, Г. Два санджака от Източна Македония. Периодично списание на Българското книжовно дружество в Средец, кн.XXXVI, 1891, стр. 836.
  10. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 176. ISBN 954430424X.
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 198 – 199.
  12. 12,0 12,1 Галчев, Илия. „Българската просвета в Солунския вилает“, УИ, 2005, София, стр. 141.
  13. 13,0 13,1 13,2 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 246.
  14. „Македоно-одринското опълчение 1912 – 1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 828.
  15. Иванов, Йордан. Населението в югоизточна Македония (Серско, Драмско и Кавалско), София, 1917, стр. 22 – 23.
  16. „Λιθοξόου, Δημήτρης. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 – 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012. no-break space character во |title= во положба 66 (help)
  17. Николов, Борис. ВМОРО – псевдоними и шифри 1893 – 1934, Звезди, 1999, стр. 54
  18. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 156.
  19. 19,0 19,1 19,2 19,3 Мичев. Д. Македонският въпрос и българо-югославските отношения – 9 септември 1944 – 1949, Издателство: СУ Св. Кл. Охридски, 1992, стр. 91.
  20. Младеновъ, Пандо. Въ и извънъ Македония (PDF). стр. 2. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-10-05. Посетено на 15 декември 2013.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]