Баладите на Петрица Керемпух

Баладите на Петрица Керемпух (хрватски: Balade Petrice Kerempuha) — филозофско поетско дело од хрватскиот писател Мирослав Крлежа, напишано во облик на триесет песни помеѓу декември 1935 и март 1936 година.
Делото опфаќа раздобје од пет века и се сосредоточува на народниот пророк Петрица Керемпух, кој е еден вид хрватски Тил Ојленшпигел. Напишано е на јазик заснован на кајкавското наречје. Употребата на јазикот од страна на Крлежа е силно прошарана со архаични зборови од латинско, германско и унгарско потекло, бидејќи кајкавскиот има многу латински, германски и унгарски заемки во споредба со стандардниот хрватски, кој има многу повеќе турцизми. Оваа разлика е очигледна во делото, кое потекнува од два јазика што припаѓаат на два различни културни круга: првиот во Средна Европа и вториот на Балканот, кој историски бил под управа на Отоманското Царство.
Крлежа вообичаено не пишувал на кајкавски, но решил да го стави наречјето во преден план за своите балади. Книжевните критичари тврдат дека тој успеал да покаже дека - иако кајкавскиот не се користел во формалните области од животот во негово време - сепак било можно да се создаде дело со одличен зборовен израз на него и дека кајкавското наречје не било помалку вредно како книжевен јазик.
Главно, книгата се смета за ремек-дело на книжевното творештво на Крлежа и на хрватската книжевност.[1]
Баладите се преведени (претежно само делумно) на словенечки, италијански, македонски, унгарски, чешки, француски, руски и арапски јазик. Целосен германски превод бил објавен во 2016 година.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ BALADE PETRICE KEREMPUHA (хрватски), Leksikografski zavod Miroslav Krleža, Архивирано од изворникот на 2022-06-17, Посетено на 28 февруари 2014
- ↑ „BALADE PETRICE KEREMPUHA 'Katkad mi se čini da Krleža lakše diše u njemačkom nego u kajkavskom'“. Jutarnji list (хрватски). 10 јули 2016. Посетено на 10 јули 2016.