Базичен индекс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Базичните индекси (или индексите со постојана база) претставуваат такви релативни броеви кои ја изразуваат релативната големина на појавата во тековниот период спрема базниот период.[1]

Овие индекси го изразуваат движењето на појавата, измерено спрема нивото што го имала таа појава во еден определен временски термин земен како базичен период.

Формула[уреди | уреди извор]

Ако членот на временската низа, односно големината на појавата, во базичниот период ја означуваме со yb тогаш базичните индекси ги добиваме според следната формула:

каде што:

  • Iib = базен индекс во набљудуваниот период;
  • Yi = големина на појавата во тековниот (набљудуваниот) период;
  • Yb = големина на појавата во базниот период.

Земајќи го за база избраниот податок и ставајќи ги во однос сите останати податоци со базниот, ја добиваме временската низа на броевите изразени во единиците на базичниот податок. Множејќи ги овие броеви (односи) со 100 ја добиваме серијата на базичните индекси изразени во проценти (бодови).
Пресметаните базични индекси во однос на својата база секогаш се изразуваат во проценти. Меѓутоа, разликата на два базични индекси не покажува проценти, туку индексни бодови.

Наоѓање на базичните индекси[уреди | уреди извор]


[2] Изнаоѓањето на базичните индекси ќе го илустрираме со податоците дадени во следнава табела:

БРУТО-ДОМАШЕН ПРОИЗВОД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ

1997-2005 ГОДИНА, ИЗРАЗЕН ВО ДЕНАРИ ОД 1995 (во милиони денари)

Година Бруто-домашен

производ во мил.ден.

! Базични индекси

(2000=100)

! Верижни

индекси

1997 174,000 88,68 -
1998 179,879 91,65 103,38
1999 187,684 95,65 104,34
2000 196,222 100,00 104,55
2001 187,342 95,47 95,47
2002 188,941 96,29 100,85
2003 194,263 99,00 102,82
2004 202,192 103,04 104,08
2005 209,875 106,96 103,80


Добиениот износ на базичниот индекс над 100 покажува релативен пораст, а под 100 релативно опаѓање на појавата во однос на нејзиното ниво во базичниот период. Треба да се напомене дека пресметаните базични индекси во однос на својата база секогаш се изразуваат во проценти. Така, на пример, индексот на бруто-домашниот производ (БДП) во 2005 година во износ од 106,96 покажува пораст за 6,96% во однос на 2000 година. Базичниот индекс во 2002 година (96,29) во однос на 2000 покажува намалување на БДП за 3,71%. На ист начин се толкуваат и останатите базични индекси во однос на својата база. Меѓутоа, разликата на два базични индекси не покажува проценти туку индексни бодови. Така, на пример, БДП во 2005 е поголем од БДП во 2004 година за 3,92 индексни бодови. Бидејќи 2000=100 тоа значи дека 196,222=100, односно 1.962,22=1 индексен бод, а 3.92 индексни бодови изнесуваат 7,683 милиони денари за колку што е поголем БДП во 2005 година во однос на БДП во 2004 година. Тоа значи, дека индексните бодови ја искажуваат апсолутната, а не релативната разлика на оригиналните (емпириските) податоци изразена со помош на големината на базата, бидејќи секој индексен бод претставува стоти дел од големината на базата. Базичните индекси можеме да ги дефинираме како индекси на развојот, бидејќи го изразуваат развојот на појавата во набљудуваниот временски период во однос на базичниот период. Тоа значи дека индексните броеви со постојана база можат да се користат за компарирање и анализа како и оригиналните податоци од кои се пресметани. Доколку имаме статија на базични податоци, без оригинални податоци, од нив можеме да ги пресметаме базичните индекси , а исто така, можеме од дадените базични индекси да ги пресметаме верижните индекси.

Проблеми при изборот на базичната големина[уреди | уреди извор]


Изборот на базата при пресметувањето на базичните индекси претставува мошне одговорна и сложена работа, односно за да би се извршил добар избор на базниот период треба добро да се познаваат карактеристиките на набљудуваната појава. Бидејќи базичниот податок на временската низа се зема како мерило за споредување, тоа значи дека не е секогаш сеедно кој податок ќе го користиме како база. Поради тоа при изборот на базичниот период треба да се води сметка за варијациите на наљудуваната појава. Како базичен период треба да се земе оној член на временската низа кој со својата големина го репрезентира нивото на наљудуваната појава. По правило тоа е оној временски период или момент во кого набљудуваната појава покажува барем приближно просечно ниво во својот развој. Во земјоделството, на пример, за базична година не треба да се земе ниту сушна, ниту родна година. Затоа при пресметување на индексот на земјоделското производство за база се зема просечно производство во тригодишен или петгодишен период, или производството во годината кога е остварено “нормално” производство. Не треба, исто така, да се земе за базична годината или периодот во кои биле исклучителни “вондредни” прилики (војни, големи поплави, земјотреси и сл.). Тоа значи, доколку се поизразени цикличните варијации на набљудуваната појава и доколку се поголеми осцилациите во динамиката на појавата, доколку е поприсутен проблемот при изборот на базата за споредување. Значењето на правилниот избор на базата се состои во тоа што податокот кој се зема за база ја определува големината на пресметаните индекси. Ако големината на набљудуваната појава во базичниот период е мошне мала или голема, индексот ќе покажува деформирана слика за нејзиниот развој-нереално голем пораст или опаѓање. Треба да се има предвид фактот дека изборот на постојана база не може да биде конечен. Тоа произлегува од таму што во текот на временскиот период доаѓа до промени во структурата на масата. По правило структурата на масата повеќе ќе се менува доколку базичниот период е временски поодадалечен од набљудуваниот период. Поради тоа како база се зема периодот којшто не е многу оддалечен од набљудуваниот (тековниот) период. Кога во структурата настанат големи и значајни промени тогаш се наложува потреба од менување на базичниот период и негово приближување до набљудубваниот период. Исто така, би требало, во базичниот период да не се пројавуваат нагласени флуктации во цените, ниту голем диспаритет во цените. Базичниот период не треба да се најде ниту во близина на највисоката или најниската точка од циклусот на цените. Коректноста на анализата и објективноста во информирањето ја наложуваат потребата од примена на серии на индексни бројки со различна база, односно достигнатиот степен на развој на појавата во набљудуваниот временски период да се спореди со карактеристични податоци од различни временски периоди.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Д-р Борислав Благоев (1978): "Статистика- општа статистичка методологија", Економски факултет - Скопје.
  2. Ристески Славе, Тевдовски Драган (2010): „Статистика за бизнис и економија“, четврто издание, Скопје: Економски факултет - Скопје.