Бадеријана

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Macedonian archaeology stub icon.svg
Macedonian archaeology stub icon.svg
Археолошко наоѓалиште
Дрма - Бадеријана
(Бадаријана)

Бадеријана 01.JPG

Поглед на ископините од Бадеријана

Дрма - Бадеријана(Бадаријана) се наоѓа во местоположба во рамките на Македонија
Дрма - Бадеријана
(Бадаријана)
Дрма - Бадеријана
(Бадаријана)
(местоположба во рамките на Македонија)
Основни податоци
Име Дрма - Бадеријана
(Бадаријана)
Место Бадар
Тип

Археомак 2.0 графички знак (каструм).svg каструм

Период римско време
доцноантичко време
Портал:Археологија

Бадеријана (понекогаш спомнувано и како Бадаријана; лат. Baderiana) — древен антички и средновековен (римски и византиски) град - тврдина чиишто остатоци и рушевини од ѕидините се наоѓаат на локалитетот „Дрма“, во непосредната близина на селото Бадар, на 25 (до 28) километри оддалеченост југоисточно од градот Скопје. Овој древен град е претпоставеното родно место на византискиот цар Јустин I вујко и претходник на познатиот византиски император Јустинијан I (483 - 565).

Местоположба[уреди | уреди извор]

Нацрт на план на Бадеријана - каструм од римско време

Во месноста Дрма на 1,5 километри северно од селото Бадар и на 1 километар источно од Блаце, на висока речна тераса крај десниот брег на реката Пчиња, пред нејзиното навлегување во Бадерската (Прнарска) клисура, на површина од 200 х 280 м. се среќаваат остатоци од каструм (тврдина) со подградие и некропола од римското и доцноантичкото време (Бадеријана).[1] Остатоците од ископините се сметени веднаш на самото подножје каде завршува зарамнетото земјиште и започнува стрмната ридска падина над кое е сместено Блаце на десниот брег на Пчиња. До самите ископини се стигнува по кратко исклучување од земјен пат во должина од 200 метри од левата страна на патот од Бадар за викенд-населбата Тотинци кај Катланово и Блаце. Од самото село Бадер во северен правец кон ископините на Бадеријана води доброасфалтиран пат, чиј асфалт завршува на околу 200 метри од исклучувањето за наоѓалиштето или вкупно 400 метри од самите ископини. Она што е занимливо е фактот што ископините на локалитетот Дрма кај Бадар се наоѓаат на околу 5 (7,7) километри југозападно од ископините на древниот град Тауресиум на локалитетот Градиште над Таор, со што се поврзува со нивното споменување и блиска поврзаност во записите за родното место на царот Јустинијан I од византискиот историчар Прокопиј Кесариски од VI век. Двете наоѓалишта се наоѓаат на стратешки многуважна местоположба, на падините и во подножјето на истиот ридест масив и предел (Црни Врв 460 м.-Вршник 457 м.- Преслоп 514 м. - Мечкин Рид 417 м.) кој го исполнува просторот помеѓу Вардар и Пчиња односно нивните теченија низ Таорската и Бадерската (Прнарска) клисура сè до нивниот состав, низ кој од минатото па сè до денес водат многу важни сообраќајни правци.

Историски записи[уреди | уреди извор]

Во пишаните историски документи тврдината Бадеријана се среќава во раниот среден век во византиско време. Како утврден град под името Бадеријана постоел уште во раниот среден век во римско и византиско време, за што како потврда постојат два записи. Утврдената населба Бедеријана се споменува како родно место на византискиот цар Јустин I кој бил роднина - вујко на познатиот император Јустинијан I и владеел непосредно пред него од 518 до 527 година[2] [3]. Следното споменување од тоа време е од записот на познатиот византиски историчар Прокопиј Кесариски од VI век кој во својот ракопис за биографијата на Јустинијан I запишал дека тој се родил во местото Тауресиум во близина на кастелот наречен Бадеријана (Βεδεριανα).[4]. Просторната близина на Таурсесиум и Бадеријана спомената во овој пишан историски документ се надополнува и поткрепува со историскиот факт дека таа е родно место на императорот Јустин I кој е во директна роднинска врска (вујко) со Јустинијан I, чии што периоди на владеење се последователни еден по друг од 518 преку 527 па сè до 565 година. Ваквите историски факти и поврзаност даваат појдовна основа за претпоставките за лоцирање на местоположбата на древните градови Бадеријана и Тауресиум во ископините на наоѓалиштата кои се наоѓаат во непосредната близина на современите села Бадар и Таор, во кои покрај сличноста во имињата се зачувани и народните преданија.

Пронајдоци[уреди | уреди извор]

Камен блок со латински натпис во црквата Св. Ѓорѓи во Блаце која се наоѓа на помалку од 1 километар (890 метри) во права линија веднаш над ископините на Бадеријана во Дрма

На површина од 200 х 280 метри се среќаваат фрагменти од керамички садови, покривни ќерамиди, мермерни столбови и множество градежен материјал, а се гледаат и темели од објекти.[1] Северно од каструмот (утврдувањето) лежело подградието, а јужно била античката некропола.[1]. Остатоци од артефакти и старини, како добро обработени и делкани парчиња и делови од камени плочи со резбани релјефи се среќаваат расфрлани по земјата, тревата и грмушките во околината на ископините на одалеченост и до 300 метри. Претпоставката дека северно од каструмот лежело подградието, може да се потврди и преку јасна видливост и забележителност на самото место, со тоа што на единствениот остаток од темели и ѕидини од градба на ископините во наоѓалиштето Дрма, влезот (вратата) е поставен кон север. Ваквата поставеност на подградието поткрепена со поставеноста на влезот на објектите кон север, може да даде основа за претпоставка за утврдувањето Бадеријана и неговата просторна (и патна) поврзаност со Тауресиум на север, за чија што просторна близина сведочат и историските записи од византиско време. Имајќи предвид дека на овој простор во рамничарскиот дел крај Пчиња, северно од денешното село Бадар и источно од Блаце во минатото во доцниот Среден век за време на отоманското владеење постоело селото Румја Лака во турските дефтери забележано и под второто име Бехадир Ќој[5] (кое укажува некаква поврзаност со Бедеријана и Бадер), може да се претпоставува и дека пронајдоците и ископините на ѕидини и темели од градби во месноста Дрма се остатоци од ова некогашно доцно-средновековно село. Сепак пронајдоците како камениот столб со латински натпис кој се чува во црквата Свети Ѓорѓи Победоносец во Блаце која се наоѓа на падината веднаш над самите ископините на околу 900 метри во права линија, како и остатоците од обработени и делкани камени плочи (налик на тие од Тауресиум), грнчарија (тенка керамика) и основа - постамент или капител на столб помеѓу самите ѕидини, даваат основа за претпоставка дека ископините датираат од постаро римско и византиско време, односно дека тоа може да се остатоците од древниот град Бадеријана. При најновите истражувања и ископувања на наоѓалиштето во локалитетот, извршени летото 2016 година од 1 јули до 20 август, се пронајдени голем број на значајни предмети од античко и римско време, која поткерпуваат претпоставката дека остатоците се од (доцно)антички римски град, најверојатно споменуваната Бадеријана. Во рамки на овие истражувања биле откриени и значајни наоди како римски монети, предмети од метал и стакло, при што се издвојува откритието на една оловна икона со претстава на „Култ на Дунавски коњаник“, како и големо количество градежен материјал и фрагменти од керамички садови[6].

Галерија[уреди | уреди извор]

Остатоци од градби и ѕидини на локалитетот
Артефакти од локалитетот

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Коцо, Димче (1996). „XXVI“ (на македонски). Археолошка карта на Република Македонија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 363. 
  2. Cameron, Averil, "Chapter III: Justin I and Justinian", The Cambridge Ancient History, XIV: Late Antiquity: Empire and Successors, Cambridge University Press, стр. 63, ISBN 978-0-521-32591-2 
  3. The Encyclopedia Americana, Volume 16, Grolier Incorporated, 1989, стр. 244 
  4. Илиевска, Весна И. (1 декември 2014). „На големите владетели Јустинијан, Ликпеј, Патрај, Дропион татковина им е денешна Македонија“ (на македонски). Скопје: Дневник. http://www.dnevnik.mk/?ItemID=B3912CE5A863114B8A55277AC33AB159. конс. 29 март 2016 г. 
  5. Соколоски, Методија (1984) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. VI. Скопје: Архив на Македонија. стр. 201. 
  6. „На локалитетот Дрма-Бадер откриен оловен „Дунавски коњаник““ (на македонски). Скопје: Дневник. http://www.dnevnik.mk/?ItemID=B2E1B4DB6171F444AAE7BB5E7C3C43D2. конс. 1 декември 2016 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]