Бабел (филм од 2006)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Бабел (англиски: Babel) е американски филм од 2006 година во режија на Алехандро Гонзалез Ињариту, а според сценариото на Гилјермо Аријага. Главните улоги ги толкуваат: Бред Пит, Кејт Бланшет, Хариет Валтер, Ринко Кикучи, Адријана Бараза итн.[1] Во 2007 година, филмот добил „Оскар“ за најдобра филмска музика, а имал уште шест други номинации. Истата година, филмот добил „Златен глобус“ во категоријата „најдобар филм - драма“, а бил номиниран уште во шест други категории. Исто така, филмот ја добил и наградата на БАФТА за најдобра филмска музика. Претходно, во 2006 година, филмот добил три награди на Канскиот филмски фестивал, каде бил во трката за „Златната палма“.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Во филмот се прикажуваат три приказни што се поврзани иако се случуваат на три различни континенти. Брачниот пар од САД, Ричард (го игра Пит) и Сузан (ја игра Бланшет) се наоѓаат на патување низ Мароко при што Сузан е ранета од истрел на пушка. Автобусот со туристите застанува во едно зафрлено село, каде ја сместуваат Сузан во една куќа, додека чекаат да дојде брза помош. Борејќи се за животот на сопругата, Ричард наидува на голема помош од месното население. Во меѓувреме, полицијата спроведува истрага, откривајќи дека нападот го извршиле две деца, кои ја украле пушката од татко им. Во претрелката со полицијата, едното од децата е убиено, по што неговиот брат ја крши пушката. На крајот, во селото пристигнува хеликоптер којшто ја носи Сузан во болницата и таа останува жива.

Во исто време, во САД, дадилката (ја игра Бараза) која ги чува децата на Сузан и Ричард оди на свадбата на својот син во Мексико, земајќи ги со себе и децата. на враќање во САД, нејзиниот роднина (кој го вози автомобилот), под дејство на алкохол, им бега на граничните полицајци, а жената и децата ги остава во пустината. Со последните сили, дадилката ја наоѓа полициската патрола и децата се спасени, но таа е протерана во Мексико, бидејќи полицијата открива дека таа нема работна дозвола.

Третата приказна се одвива во Јапонија, каде еден човек живее со својата ќерка-тинејџерка (ја игра Кикучи), која е потресена од неодамнешното самоубиство на мајка ѝ. Нејзиниот татко го бара полицијата, зашто обидот за убиство на Сузан во Мароко е извршен со пушката која тој ја користел пред многу години за време на ловот во Мароко. На неговата ќерка ѝ се допаѓа полицискиот инспектор и таа го повикува во станот, нудејќи му го своето тело, но тој си заминува.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]