Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо
Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо — македонска патриотска народна песна која датира од времето на Отоманското Царство.
Изведба на песната
[уреди | уреди извор]Песната се изведува во мешан дует, но може да се изведува и соло. Напишана е како дијалог од четири строфи од кои првите три ги изведува машки вокал (при изведба во дует).
Интерпретација и снимки
[уреди | уреди извор]Песната е изведена и снимена од бројни популарни пејачи на народна музика во Република Македонија, во поранешна Југославија, Кралството Југославија и во целиот балкански регион. Постојат поп, рок, џез верзии, па дури и класична верзија. Познати се изведбите на Анка Гиева, Виолета Томовска, Есма Реџепова, Тоше Проески, Горан Бреговиќ, Азра, Даница Обрениќ, Лаза Ристовски од Бијело дугме и др., а малку се познати изведбите на оригиналната верзија исполнети од Илија Џувалековски и Васил Хаџиманов, испеани на брановите на Радио Белград кон крајот на 30-те години од ХХ век.
Филмови
[уреди | уреди извор]Песната е искористена во филмовите: Аризона дрим од Емир Кустурица и во Борат: културни лекции за Америка за придобивки на славната нација на Казахстан (иако нема врска со музиката од Казахстан).
Содржина
[уреди | уреди извор]Песната е на македонски јазик со турски архаизми, како што е зборот калеш (kalleş), и означува неверник, затоа што Анѓа одбила да ја смени христијанската вера и прејде во ислам. Зборот калеш погрешно се толкува со архаичниот назив за автохтоната осипана со црна дамка/и, овца - од сортата калеша, во кумановскиот регион.
Тоа е приказна за убавата македонска девојка Анѓа (изведено име од Ангелина), на која турскиот великодостојник ѝ свири и пее со тамбура . Тој ѝ ветува богат и лесен живот со многу жолтици и бисери доколку ја промени верата за да стане една од неговите анами во сарајот.
Текст
[уреди | уреди извор]- Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо,
- што тамбурата свири.
- Тамбурата свири, калеш бре Анѓо,
- анама да бидиш.
- Анама да бидиш, калеш бре Анѓо,
- на чардак да седиш.
- На чардак да седиш, калеш бре Анѓо,
- жолтици да броиш.
- Жолтици да броиш, калеш бре Анѓо,
- бисери да нижиш.
- Бисери да нижиш, калеш бре Анѓо,
- на грло да редиш.
- Ајде, слушај, слушај клето бре Турче,
- анама не бивам.
- Анама не бивам, клето бре Турче,
- турски не разбирам.
Вистинската Калеш Анѓа
[уреди | уреди извор]Усното предание говори дека песната се заснова на вистински историски настан во регионот Мариово, поточно во селото Старавина.[1] Според истото, Калеш Анѓа за да избегне насилна исламизација извршила самоубиство скокајќи во провалија.
Калеш Анѓа во книжевноста
[уреди | уреди извор]Вдахновен од оваа приказна писателот Стале Попов во 1958 година го напишал романот Калеш Анѓа.
Аудио записи
[уреди | уреди извор]- Во изведба на Виолета Томовска Архивирано на 27 септември 2007 г.
- Верзија на Тоше Проески Архивирано на 27 септември 2007 г.