Прејди на содржината

Ашигару

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ашигару со оклоп и џингаса (шлем), како пукаат со танегашима (јапонски фитилни пушки).

Ашигару (јапонски: 足軽, буквално „лесноноги“, што значи „непокриени со оклоп“) — вид лесна пешадија во Средновековна Јапонија. Тие потекнувале од редовите на несамураите, а нивното основно оружје било копјето јари, додека од втората половина на XVI век, користеле и аркебузи танегашима.

Ашигару ги нарекувале обичните пешадијци во јапонските војски од доцниот среден век, кои претставувале најброен дел од самурајските војски. Токму нивните дејствија на бојните полиња во голема мера го одредувале исходот од судирите помеѓу соперничките даимјо (феудални господари).

Историја

[уреди | уреди извор]

И покрај неуспешниот обид на императорот Тенму (673 — 686) да создаде национална војска, до X век Јапонија се потпирала на вооружените одреди на поединечните земјопоседници. Овие земјопоседници, кои поседувале коњи, биле зачетници на класата самураи, додека селаните што ја обработувале нивната земја, за време на војна станувале обични пешадијци. Верноста на овие пешадијци кон земјопоседниците често се протегала низ многу поколенија.

Самураите земјопоседници, заедно со пешадијците селани, учествувале во многу судири, вклучувајќи ги и монголските наезди на Јапонија во 1274 и 1281 г. Во минатото, секој земјоделец во суштина бил и воин, сѐ додека Хидејоши не го конфискувал оружјето во текот на националниот „лов на мечеви“ во 1588 г.

Постојаните воени судири од XIV до XVI век ги принудиле даимјоата периодично да ангажираат пешадијци што не се одликувале со особена верност. Овие наемници, кои биле плаќани само со плен, не биле доволно обучени и не можело секогаш да се смета на нив во битка. Овие талкачки пешадијци на крајот го основале општествениот слој ашигару.

Поимот ашигару првпат се среќава во книжевноста дури во втората половина на XIV век, во „Повеста за големиот мир“ (Таихеики). Но како забележлива сила во воената историја на Јапонија, овој општествен слој се појавува кон крајот на XV век.

Првите часови за воениот менталитет ашигару ги добивале од бива-хоши (монаси што свиреле на бива). Од друга страна, рециталите на „Повеста за куќата Таира“ пропагирале граѓански доблести: верност, цврстина и гордост за семејната чест.

Аркебузата (танегашима), која се појавила во Јапонија во 1543 г., значително придонела за зголемување на улогата на ашигару на бојното поле и го придвижила јапонското оружје на ново ниво на развој. Логична пројава на оваа промена биле оклопите отпорни на куршуми, особено кирасите од типот окегава-до (составени од заковани, а не сошиени плочи). Евтините и цврсти окегава-до биле произведувани од втората половина на XVI век за опремување на бројните војници ашигару. Друг неразделен елемент на нивната опрема биле конусните или благо испупчени железни шлемови џингаса.

Ашигару често станувале селани без земја што сонувале да ја променат својата општествена положба. Исто така, во нивниот ред влегувале и таканаречените џи-самураи (самураи што имале мали земјени поседи). Постои хипотеза дека познатиот владетел на Јапонија, Тојотоми Хидејоши (1536 — 1598), потекнува токму од општествениот слој ашигару.[1]

  1. „Асигару“. www.waysamurai.ru (руски). Архивирано од изворникот на 2016-08-27. Посетено на 2025-10-05.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]