Ацо Петровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Александар (Ацо) Петровски (Скопје, 1901 година) бил учесник во синдикалното и комунистичкото движење помеѓу двете светски војни во Скопје, член на Президиумот на АСНОМ и повоен политичар.

Во 1918 година е еден е од иницијаторите за формирање на Синдикалниот пододбор на шивачките работници, како и на партиската организација во Скопје. Во 1923 година е член на Независната работничка партија на Југославија, а во 1924 година станува член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во есента 1924 година, заедно со Малина Попиванова, заминува во СССР да студира на Комунистичкиот универзитет за националните малцинства на Западот, но се враќа во Македонија веќе следната година.[1] Од август 1925 година е и секретар на Покраинскиот комитет и учествува како делегат на Третиот конгрес на КПЈ во 1926 година. Во 1933 година е секретар на Обласниот комитет на КПЈ за Македонија.

По почетокот на Втората светска војна се вклучува во народно-ослободителното движење. Делегат е на Првото заседание на АСНОМ, на кое е избран во Президиумот како повереник за социјална политика.[2] Во 1944 година станува и заменик политички комесар на Заднинската база на Главниот штаб на НОБ и ПОМ.

По ослободувањето, Петровски е реизбран во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 година, а во април 1945 година влегува и во реконституираниот Президиум на Народното Собрание на Македонија. Во 1945 година станува претседател на НОФ за Скопје. Истата година е избран и за претседател на Црвениот крст на Македонија. Во 1946 година е потпретседател на Извршниот одбор на НОФ за Македонија, а во 1950 година е пратеник во Народното собрание. Од 1947 до 1951 година е судија во Врховниот суд на Македонија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Кузман Георгиевски, Саша Маркус „Македонската револуционерка Малина Попиванова“, „Студентски збор“, Скопје, 1985, 53 и 58 стр.
  2. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 5 стр.