Прејди на содржината

Африкански маски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ритуална маска на народот Бамбара, Мали

Традиционалните африкански маски ― маски што се носат при церемонии и ритуали низ Западна, Централна и Јужна Африка.

Маскирањето им било потребно на луѓето уште од најраните времиња за да им биде ловот поуспешен и да му се овозможи на ловецот незабележано да се приближи на животното. Причината за создавањето на маските е и човековата потреба да ги совлада природно наметнатите граници на својата индивидуалност. Овие маски се присутни во ловџиските и земјоделските општества во Африка.[1]

Маските играат важна улога во ритуалите и церемониите со различни цели, како што се обезбедување добра жетва, задоволување на племенските потреби во време на мирот или војната или пренесување на духовното присуство во иницијациските ритуали или погребни церемонии. Некои маски ги претставуваат духовите на починатите предци. Други симболизираат тотемски животни, суштества важни за одредено семејство или група. Носителот на маската станува преносник преку кој е можно да се поведе дијалог помеѓу заедницата и духовите (обично духовите на починатите роднини). Танцовите со маски се дел од најтрадиционалните африкански церемонии, како што се свадби, погреби, иницијациски ритуали и така натаму. Бидејќи секоја маска има свое посебно значење, за секоја традиција постојат специфични маски. Религијата Догони се состои од три главни култови (Ава или култот на мртвите, Бини или култот на комуникација со духовите и Лебе или култот на природата); секој од нив има свој пантеон на духови. Честопати се случува уметничкиот квалитет и сложеноста на маската да ја одгледува важноста на прикажаниот дух во системите на верување на одреден народ.

Западноафрикански маски

[уреди | уреди извор]
Ритуална маска на Догоните, Мали

Маската како комплексен знак содржи три аспекти: израз, содржина и значење. Изразот е делот од знакот кој се реализира во некоја материја, а содржината е аспектот на знакот на кој е пресликан означениот феномен. Врската помеѓу знакот и означениот феномен ја претставува третата димензија на секој знак, а тоа е значењето. Димензијата на значењето на знакот во која се испреплетени индивидуалното и друштвено им дава на процесите на знакот карактеристики на општествената пракса. Само со користење на маската во религиозната пракса, а не само со анализа на изразот и содржината, може да се тврди она третото најважно својство на маската, значењето.[1]

Западноафриканските маски се изработени од дрво и метал. Тие имаат различни претстави, а се разликуваат три вида маски: зооморфни, антропоморфни и зооантропоморфни.[1]

За да се направи потребната класификација на елементите на маската, важно е да се истакне дека толкувањето на сложените знаци бара и добро познавање на значењето на секој знак. Тоа е тешка задача, со оглед на тоа што дури и внатре во рамките на една заедница, членовите го учат значењето на поединечните елементи различно. Најцелосното знаење за значењето на знаците ги поседуваат најстарите членови на заедницата, па затоа тој дел од знакот се чувал како најсвета тајна.[1]

Маскирани изведби

[уреди | уреди извор]

Животински претстави

[уреди | уреди извор]

Зооморфни елементи се присутни на западноафриканските маски, некои се карактеристични за само некои заедници, а еден број на елементи се појавуваат на маските на повеќе народи. Симболичните претстави што се наоѓаат на маските се поврзани со два важни елементи: вода и земја. Бројот на животински симболи, исто така, ја открива разновидноста на космогониските претстави кај западноафриканските народи. Исто како што митот за создавањето на светот е централен мит за одредени групи, така постои и главна маска што ја претставува основата на култот на божеството околу кое се собираат членовите на заедницата. [1]

Маската Имина на (Голема маска) е главната Догонска маска, над која е претставен митски предок - змија. Некои народи го сведуваат претставувањето на змијата на израз во форма на линија, која нема ниту почеток ниту крај. Кај народот Сенуфо, змијата ја симболизира поврзаноста на духовните и материјалните принципи, како и бесмртноста поради феноменот на промената на кожата. [1]

Зооморфна маска на народот Гуро, Брегот на Слоновата Коска

Симболика на бои

[уреди | уреди извор]

Боите имаат магична вредност во митологијата. Белата боја се наоѓа или на почетокот или на крајот од секојдневниот живот и светот, бојата на кандидатите кои ќе го променат својот статус. Иницираните, кои сакаат да покажат како се моментално надвор од друштвото, го мачкаат своето лице или целото тело со неа. Во моментот кога ќе се приклучат како полноправни и рамноправни членови, белата боја ќе ја заменат со црвената. Црната е спротивно од белата, апсолутната вредност му е еднакво. Таа е симбол на студ и негативност и се поврзува со исконска темнина. Црвената е боја на оган во крвта, што е прва боја за многу народи бидејќи се поврзува со принципот на животот. Кај Бамбара, оваа боја означува и топлина, оган, крв, труп, мува, раздразливост, тешкотија, забрана и недостапност. Жолтата е најтопла, најширока и најсветлата боја. Таа е атрибут на владетели, кралеви и цареви, како и боја на вечноста. Меѓутоа, кога летото преминува во есен, жолтата боја добива поинакво значење, најавувајќи слабеење, старост, приближување на смртта. Може да биде и замена за црната. Зелената е посредник помеѓу топлото и ладното, високото и ниското. Во сите митологии, зелените божества на обновата спијат зимски во подземјето, каде што хтонската црвена боја ги оживува. [1]

Функција на маска

[уреди | уреди извор]

Секоја ритуална активност има неколку димензии: вербална, визуелна, просторна и временска. Учесниците во ритуалот изведуваат подредена низа метафорични искуства во границите на територијален простор кој е дизајниран да обезбеди метафоричен контекст за изведбата. Во Западна Африка, тоа е простор кои се наоѓа надвор од селото, понекогаш тоа е света шума каде што има одредено место каде што се изведува ритуалот. Ритуалите се водени од страна на тајни друштва и луѓе задолжени за ритуалите. Маските имале важна општествена функција во западноафриканските заедници. Во Африка, религиозните и политичките организации се групирале околу светата маска, која станала основа на култот на метафоричното божество. Покрај магично-религиозните функции, важна е и социјалната функција на тајните сојузи. Тие во Западната Африка, станале еден вид на шумски училишта во кои членовите на заедницата се запознавале со историјата, митологијата и моралните правила на заедницата. Тајните на маските им биле откривани на иницираните за време на ритуалот на иницијација, под услов да ги чуваат од остатокот од заедницата. [1]

Комерцијално производство на маски

[уреди | уреди извор]

Бидејќи африканските маски биле високо ценети од Европејците, тие се широко комерцијализирани и продавани на туристичките места во Африка, како и во етничките продавници на Западот. Како резултат на тоа, традиционалната уметност за изработка на маските постепено ја губила својата привилегирана, статусно ориентирана практика, а масовното производство станала широко распространета. Сепак, со текот на времето, границата помеѓу верна копија на традиционална маска и вистинска маска се замаглил, што го отежнува идентификувањето на географското и културното потекло на маските што се наоѓаат на местата каде што се продаваат. На пример, во Намибија, повеќето од маските се произведени во Зимбабве, бидејќи се поевтини и полесно достапни на локалниот пазар, додека производителите на маски од Зимбабве прават маски од секој дел на Африка, а не од оние што се дел од нивното локално наследство.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1 2 3 4 5 6 7 8 Kovač, Senka (1996). Maska kao znak. Beograd: Filozofski fakultet. ISBN 86-80269-20-4.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]