Атанас Бадев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Atanas Badev.jpg
Роден 14 јануари 1860
Прилеп, Македонија
Починал 21 септември 1908
Ќустендил, Бугарија
Познат композитор, хорски и музички теоретичар
Насловната страна на делото „Златоустова литургија“ од Атанас Бадев, 1898 г.

Атанас Бадев (Прилеп, 14 јануари 1860 - Ќустендил, 21 септември 1908) — македонски композитор, хорски и музички теоретичар и педагог, еден од првите професионално школувани македонски композитори. Основно образование завршил во родниот град, а потоа школувањето го продолжил во Солун и Бугарија, каде матурирал со одличен успех во I машка гимназија[1] во Софија. За време на летниот одмор во 1879 г. основал црковно-училиштен хор во Прилеп. По желба на семејството две години студирал математика и физика во Универзитетот во Одеса. По враќањето од Русија се вработил во Солун, со намера да обезбеди средства за понатамошното образование.

Музика најпрвин студирал во Синодалната школа за црковно пеење во Москва, потоа кај Милиј Балакирев и Николај Римски-Корсаков при Дворската пејачка капела во Санкт Петербург. По завршените студии ја истражувал и собирал македонската народна музика, бил наставник по музика и хорски диригент во Солун. По бунот на учениците од Солунската гимназија (1896) е преместен во Русе, потоа во Самоков и во Ќустендил.

Работа на македонската музикологија[уреди | уреди извор]

Посебно е значајна работата на на Бадев врз проучувањето на македонскиот музички фолклор. Од неговата студија „Нотна тетратка“ може да се заклучи дека Бадев е еден од првите теоретичари којшто има укажано на постоењето на сложени, асиметрични метрички групации во македонската народна музика:

78 (4+3); 98 (2+3+4); 118 (3+2+2+2+2)

На првиот музички конгрес во Софија, во 1904 Бадев поднесува и реферат за метричко-ритмичките карактеристики на македонскиот фолклор („За фолклорот и неговите особености во Македонија“). Тоа е прв приказ од овој вид за македонската музика. Трудот не е печатен, како и неговата збирка хармонизирани народни песни, чиј ракописи до ден денес не се пронајдени.

Компонирал главно вокални дела, световни и духовни. Зачувани се само свеската „Упражнения по черковното пение“ и „Златоустова литургия“, печатена во 1898, од која посебно се изделуваат ставовите: „Иже херувими“, „Јако да царја“, „Хвалите Господа с небес“ и „Христос воскресе“. Тоа дело, пишувано под влијанието на руската духовна музика, сведочи за еден талентиран творец, полн со фантазија и за она време голем мајстор на хорскиот слог како и на хармонскиот и полифоничен начин на компонирање.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Бадев, Атанас“. Македонска енциклопедија книга II (М-Ш): стр. 112. (2009). Скопје: Македонска академија на науките и уметностите.

Литература[уреди | уреди извор]