Астрономски мерни единици
Астрономски мерен систем (формално наречен Систем на астрономски константи на МАС (1976) — мерен систем за изразување на величини во астрономијата. Усвоен е во 1976 г. од страна на Меѓународниот астрономски сојуз (МАС или IAU),[1] и оттогаш има претрпено мошне мали измени.
Системот е осмислен како решение за потешкотиите што се јавуваат при мерењето и изразувањето на астрономските податоци во меѓународниот систем на мерни единици (SI). Од особена важност е огромното количество на мошне прецизни податоци за местоположбата на објектите во рамките на сончевиот Систем што не може лесно да се изразат со SI-единици. По пат на разни измени, астрономскиот мерен систем денес ги зема превид последиците од општиот релативитет, што е неопходен додаток на SI-системот за точно работење со астрономски податоци.
Астрономскиот мерен систем е тридимензионален систем, т.е. со неговите единици се утврдува должина, маса и време. Во прилог на ова постојат астрономски константи со кои се определени појдовните точки на наодите од набљудувањата. Овој систем е обичаен систем, каде единиците за должина и маса не се вистински физички константи, а покрај ова постојат и барем три начини ма мерње на времето.
Астрономска единица за време[уреди | уреди извор]
Астрономската единица за време е денот, кој се дефинира како 86400 секунди. Една јулијанска година се состои од 365,25 дена.[1] За оваа единица се користи симболот D.
Астрономски единици за маса[уреди | уреди извор]
Астрономската единица за маса е сочневата маса.[1] За оваа единица се користи симболот S, но напати се среќава и M☉. Сончевата маса (M☉), 1,98892⋅1030 кг, е стандарден начин на изразување на маса во астрономијата кога сакаме да ги претставиме масите на други ѕвезди и галаксии. Таа е еднаква на масата на Сонцето, за 332.950 пати поголема од масата на Земјата или 1.048 пати поголема од масата на Јупитер.
Единици за маса вон МАС[уреди | уреди извор]
Ова не се единици по SI или МАС, но сепак наоѓаат примена во астрономијата.
Јупитерова маса[уреди | уреди извор]
Јупитеровата маса (MJ, MЈУП или MJUP) е единица за маса едканва на вкупната маса на планетата Јупитер, 1,8986⋅1027 кг. Јупитеровата маса се користи за изразување на масите на гасовитите џинови како вонсончевите и надворешните планети. Се користи и за кафеави џуџиња.
Земјина маса[уреди | уреди извор]
Земјината маса (M⊕) е единица за маса еднаква на онаа на Земјата. 1 M⊕ = 5,9742 ⋅ 1024 кг. Земјината маса се користи за изразување на масите на карпести земјовидни планети. Една Земјина маса е 0,00315 пати масата на Јупитер.
Сончева маса | |
---|---|
Сончева маса | 1 |
Јупитерови маси | 1.048 |
Земјини маси | 332.950 |
Астрономска единица за должина[уреди | уреди извор]
Астрономската единица за должина е должината за која Гаусовата константа за гравитација (k) има вредност од 0,017 202 098 95 кога мерните единици се астронмски единици за должина маса и време.[1] Димензиите на k2 се оние на гравитациската констата (G), т.е. L3M−1T−2. За должината A се користи поимот „единица растојание“, но во поширока употреба е зборот „астрономска единица“. Симболот е ае, AU, au или ua.
Според друга дефиниција, астромонската единица е полупречникот на непопречена кружна Њутнова орбита на една честичка околу Сонцето со бесконечно мала маса, со средно движење од 0,017 202 098 95 радијани дневно.[2] Оваа единица е приближно еднаква на растојанието од Земјата до Сонцето.
Други единици за астрономско растојание[уреди | уреди извор]
Астрономски растојанија | Единици |
---|---|
Растојанија на сателити | километри |
Растојанија на околуземјени објекти | месечева единица |
Планетарни растојанија | астрономски единици, гигаметри |
Растојанија на блиски ѕвезди | парсеци, светлосни години |
Растојанија во галактички размери | килопарсеци |
Растојанија на блиски галаксии | мегапарсеци |
Растојанието на пооддалечените галаксии обично не се наведува во единици за растојание, туку се изразува во црвено поместување. Ова се должи на две причини. Една е фактот што претворањето на црвено поместување во растојание бара претходно познавање на Хабловата константа, која не е точно измерена сè до почетокот на XXI век. Друга причина е тоа што кога работиме со космолошки растојанија, поради закривеноста на простор-времето може да важат повеќе разни дефиниции за растојание. На пример, растојанието може да се изрази како времето што му е потребно на сноп светлина за да пропатува дадено растојание, но ова ќе се разликува од растојанието што се определува преку привидна големина на еден објект.
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Решение бр. 10 од XVI Генералното собрание на Меѓународниот астрономски сојуз, Гренобл, 1976 (француски)
- ↑ Меѓународно биро за тегови и мерки (2006), Меѓународен систем на мерни единици (SI) (PDF) (VIII. изд.), стр. 126, ISBN 92-822-2213-6 (англиски).
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Астрономски единици по МАС (англиски)
- Одбрани астрономски константи (2009) Архивирано на 27 март 2009 г. - Астрономски алманах на USNO-UKHO (англиски)
Поврзано[уреди | уреди извор]
|