Опсерваторија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Опсерваторијата „Сфинкс“ на Швајцарските Алпи на надморска височина од 3.571 м

Опсерваторија — место за набљудување на настани што се одвиваат на Земјата или на небото во дисциплини како што се астрономијата, климатологијата/метеорологијата, геологијата, океанографијата и вулканологијата . Во минатото, опсерваториите можеле да бидат мошне прости (со само еден секстант за утврдување на растојанието меѓу ѕвездите) или големи градби како мегалитските опсерватории во Стоунхенџ и Кокино, кои служеле за предвидување на астрономски појави.

Астрономски опсерватории[уреди | уреди извор]

Мегалитската опсерваторија Кокино во Кумановско, стара речиси 4 милениуими

Астрономските опсерватории можат да се поделат на: вселенски, летечки и земски.

Земски опсерватории[уреди | уреди извор]

Радиоопсерваторијата Многу голем строј (VLA) во Сокоро, Ново Мексико, САД
Опсерваторијата Мауна Кеа (4.205 м.н.в.) на Хаваите со најголемите оптички телескопи во светот
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Историја на астрономијата.

Земски опсерватории се оние сместени на површината на Земјата служат за набљудување во радиобрановите и оптичките (видливи) делови од електромагнетниот спектар. Највеќето оптички телескопи се сместени во купола или слична градба за заштита на опремата од временските неприлики, а набљудувањето се врши преку процеп кој се отвора и затвора. Горниот дел од куполата е вртлив за да возможи набљудување на различни делови од небото.

Оптичките опсерватории се сместени далеку од поголеми населени места за да се избегне непожелното светлинско загадување. Најдобри места се оние што имаат темно небо, многу ведри ноќи во годината, сув воздух и стојат на голема надморска височина. На големи височини, Земјината атмосфера е потенка, со помалку атмосферски турбуленции и затоа дава поголема јасновидност.[1] Места што ги исполнуваат овие највисоки услови се југозападот на САД, Хаваите, Канарските Острови и Андите, како и високите планини во Мексико како што е Сиера Негра.[2] Поголеми оптички опсерватории во светот се Мауна Кеа и Кит Пик во САД, Роке де лос Мучачос во Шпанија и Параналската опсерваторија во Чиле.

Во 2009 г. е утврдено дека најпогондното место за земско оптичко набљудување во светот е Сртот А (81°30′ ЈГШ 73°30′ ИГД /  ) во средишниот дел на Источниот Антарктик поради тоа што има најмалку атмосферски турбуленции.[3]

Радиоопсерватории[уреди | уреди извор]

Во 1930-тите почнале да се градат радиотелескопи за употреба во радиоастрономијата, каде вселената се набљудува во делот на електромагнетниот спектар набљудлив преку радиобранови (т.е. радиофреквенцискиот спектар). Направата (или повеќе направи) заедно со контролните центри, станбените делови, центрите за сведување на податоците и службените објекти за одржување збирно се нарекуваат „радиоопсерватории“. Како и оптичките, радиоопсерваториите се сместени далеку од поголеми населени места со цел да се избегне електромагнетни попречувања (EMI) од радио, телевизија, радари и други приемно-предавателски уреди, но за разлика од нив, може да се семстени во котлини за уште подоба заштита од пречки. Најголеми радиоопсерватории во светот се Сокоро во Ново Мексико, САД, Џордел Банк во Велика Британија, Аресибо во Порторико, Паркс во Нов Јужен Велс, Австралија и Чахантор во Чиле.

Вселенски опсерватории[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Вселенска опсерваторија.
Вселенскиот телескоп „Хабл

Вселенските опсерватории се телескопи и други инструменти сместени во вселенскиот простор, во голема мера во орбита околу Земјата. Се користат за набљудување на астрономски објекти и појави на бранови должини од електромагнетниот спектар кои не можат да ја пробијат Земјината атмосфера, и затоа не можат да се набљудуваат со земски телескоп. Атмосферата на Земјата е непробојна за ултравиолетово, рендгенско и гама-зрачење, и делумно непробојна за инфрацрвените зраци и затоа тие мора да се набљудуваат од место вон атмосферата.[4] Друга предност е тоа што не се соочуваат со атмосферските турбуленции кои се проблематични во земските набљудувања.[5] Како такви, овие телескопи имаат значајна аголната разделна моќ и затоа се многу со помали димензии од земските телескопи со сличен отвор. Нивниот недостаток е тоа што се многу поскапи за изградба и многу тешки за одржување и поправка.

Летечки опсерватории[уреди | уреди извор]

Стратосферската опсерваторија за инфрацрвена астромонима (SOFIA) сместена на посебно прилагоден „Боинг 747

Опсерваториите сместени на летала имаат предност над земските бидејќи висински ја надминуваат речиси сета Земјина атмосфера, но можат лесно да се ракуваат, поправаат, надградуваат многу побргу и поевтино. Вакви примери се Летечката опсерваторија „Кајпер“ (KAO) и Стратосферската опсерваторија за инфрацрвена астрономија (SOFIA), кои се предвидени за набљудување во инфрацрвениот појас на светлината, кој инаку се впива во водената пареа во атмосферата. Во разни земји се користат и балони за рендгенска астрономија.

Вулкански опсерватории[уреди | уреди извор]

Вулканските опсерватории се научни установи кои вршат истражувања и надзор на даден вулкан. Најпознати се Хавајската вулканска опсерваторија на Хаваите и Везувската опсерваторија во Италија. Геолошкиот топографски институт на САД (USGS) има и подвижни вулкански опсерватории како дел од Програмата за помош при вулкански несреќи кои се наменети да се користат на кризни места, по потреба.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Chaisson, Eric; McMillan, Steve (2002). Astronomy Today, Fourth Edition. Prentice Hall. стр. 116–119. 
  2. Chaisson, Eric; McMillan, Steve (2002). Astronomy Today, Fourth Edition. Prentice Hall. стр. 119. 
  3. Saunders, Will; Lawrence, Jon S.; Storey, John W. V.; Ashley, Michael C. B.; Kato, Seiji; Minnis, Patrick; Winker, David M.; Liu, Guiping; и др. (2009 г). Where Is the Best Site on Earth? Domes A, B, C, and F, and Ridges A and B. „Publications of the Astronomical Society of the Pacific“ том  121 (883): 976–992. doi:10.1086/605780. Bibcode2009PASP..121..976S 
  4. Chaisson, Eric; McMillan, Steve (2002). „Astronomy Today, Fourth Edition“. Prentice Hall. 
  5. „A Brief History of the Hubble Space Telescope: Why a Space Telescope?“. NASA. http://history.nasa.gov/hubble/index.html. конс. 14 август 2006 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]