Прејди на содржината

Астерија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Астерија
Астерија седи на карпа со лира и ловоров венец покрај неа
Божица на Делос
ЖивеалиштеДелос
СопружникПерс
РодителиCoeus and Phoebe
Браќа/сестриЛето
ДецаХеката

Астерија старогрчки: Ἀστερία или Ἀστερίη, romanized: Astería, Asteríē, букв.'ѕвездената') — ќерка на титаните Коеј (Пол) и Фиба и сестра на Лето во грчката митологија. Според Хесиод, од титанот Перс таа имала едно дете, ќерка по име Хеката, божица на маѓесништвото. Други автори ја сметаат Астерија за мајка на Херакле и Хеката.

Астерија е позната по нејзиното бркање од страна на вљубениот бог Зевс, кој ја посакувал. За да побегне од него и неговите додворувања, таа се преобразила во птица, а потоа и во скитнички остров. Кога нејзината сестра Лето, забременила од Зевс и се породила, Астерија станало единственото место на земјата кое било спремно да ја прими, пркосејќи им на наредбите на Хера кои ѝ забранувале на Лето какво било засолниште. Откако Аполон и Артемида се родиле на неа, островот го добил името Делос, а Аполон го воспоставил на своето место, правејќи ја негова света земја.

Етимологија

[уреди | уреди извор]

Името на божицата „Астерија“ (старогрчки: Ἀστερία) е изведено од грчкиот збор ἀστήρ (astḗr) што значи „ѕвезда“. [1] Ἀστήρ самото е наследено од праиндоевропскиот корен *h₂ster- („ѕвезда“), од *h₂eh₁s-, „да гори“. [2] Името Астерија дели етимологија со имињата на Астереј, прв братучед на Астерија, и неговата ќерка Астреја.

Семејство

[уреди | уреди извор]

Сите зачувани извори ја сметаат Астерија за ќерка на првобитните титани Феба и Коеј, и помлада сестра на Лето. [3] Пред Крон да биде симнат од престолот и соборен од неговите шест деца, Астерија се омажила за Перс, еден од нејзините први братучетки, и го родила нивното единствено дете, ќерка по име Хеката. [4] Во еден извештај што му се припишува на Мусеј, Астерија е мајка на Хеката но таткото не е Перс, туку Зевс. [5] [6] Во оваа верзија, Зевс ја задржал Астерија како своја љубовница некое време пред да ја предаде на Перс. [5] [7] [8]

Митологија

[уреди | уреди извор]

Зевс и Делос

[уреди | уреди извор]
Астерија гонета од Зевс во форма на орел од Марко Либери

Астерија била жителка на Олимп по Титаномахијата во која Олимпијците ги победиле на титаните, и исто како и нејзината сестра Лето пред неа, и таа била сакана од Зевс. [9] Откако Зевс ја забременил Лето, неговото внимание го привлекла нејзината сестра Астерија. Астерија го отфрлила заљубениот Зевс, но тој сепак ја бркал. [10] За да побегне од љубовните додворувања на богот, кој во форма на орел ја бркал, таа се преобразила во птица (старогрчки: ὄρτυξ, órtux) и се заминала по Егејското Море. [11] Таму Астерија се метаморфозирала во островот Астерија (островот кој паднал од небото како ѕвезда), [12] [13] или Ортигија. Островот бил опишан во античките извори како лебдечки или скриен под морето. [9] [11] [14] Бил мал и неплоден. [15]

Потоа ова се идентификувало со островот Делос, кој бил единственото место на земјата каде што ѝ се дало засолниште на бегалката Лето кога, бремена со децата на Зевс, била прогонувана од одмаздољубивата Хера, жената на Зевс. Хера им забранила на сите места на земјата да ѝ дозволат на Лето да се породи на нив и ги испратила Арес и Ирида да ја спроведат нејзината заповед, но Делос ѝ се спротивставил на Хера и ја поканил Лето внатре. [16] [17] Според Хигин, Лето била однесена од северниот ветер Бореј по наредба на Зевс на пловечкиот остров, во времето кога Питон ја гонел, и таму држејќи се за маслинка, ги родила Аполон и Артемида. [10] Делос бил именуван така затоа што по раѓањето на Аполон станал видлив и очигледен за светот, бидејќи претходно бил скриен под брановите, [9] и фиксиран на морското дно, па затоа повеќе не пловел. [14] Кинтиј и Кинтија, два вообичаени епитети за боговите близнаци во антиката, биле изведени од планината Кинт, планина на островот. [18]

Хера, и покрај тоа што била разбеснета што Астерија ѝ се спротивставила и ѝ дозволила на Лето да ги роди децата од врската со Зевс, не ѝ наштетила на Астерија, од почит кон неа бидејќи не спиела со Зевс додека тој ја бркал, и наместо тоа го претпочитала морето пред него, што не го осквернила уште повеќе бракот на Хера. Моќта на Астерија да се спротивстави на заканите на Хера се смета дека произлегува од нејзиното потекло како ќерка на двајца титани. [19]

Други митови

[уреди | уреди извор]
Астерија и Феба на олтарот во Пергамон, Берлин.

Различна верзија додал поетот од петтиот век, Нон, кој раскажал дека, откако Астерија била гонета од Зевс, но се претворила во потполошка и скокнала во морето, Посејдон наместо тоа ја презел потерата. Во лудилото на својата страст, тој ја ловил невината божица наваму-натаму во морето, јавајќи немирно пред променливиот ветер и така таа се преобразила во пустиот остров Делос со помош на нејзиниот внук Аполон, кој ја вкоренил во брановите неподвижна. Случките со Посејдон се појавуваат единствено во делото на Нон и веројатно се измислени од него.

Астерија очигледно им се придружила на другите богови за време на Гигантомахијата, како што е потврдено на фризот Гигантомахија на Пергамскиот олтар, каде што Астерија е прикажана како се бори против гигантите покрај нејзината мајка Феба. [20]

Во еден редок и нестандарден опис, Астерија била прогласена за мајка на Херакле од Зевс, [12] на кого Феникијците жртвувале потполошки бидејќи кога тој влегол во Либија и бил убиен од Тифон, Јолај му донел потполошка, и откако му ја приближил, ја намирисал и повторно оживеал.

Семејство и врски

[уреди | уреди извор]
Зевс и Астерија во гравура од 1707 година на Бернард Пикарт, Амстердам.

Божицата Астерија е посведочена уште во 8 век п.н.е., појавувајќи се во хесиодовата „Теогонија“, дело што ги документира генеалошките линии на боговите, каде што таа е наведена во однос на нејзините родители, сестра и ќерка. [6] Сепак, Хесиод не споменува дека Астерија станала Делос; [19] всушност, Хесиод се смета дека воопшто не знаел за приказната за Хера што ја бркала Лето, бидејќи ја наведува врската на Лето со Зевс пред неговиот брак со Хера. Астерија како потекло на Делос се смета дека ја вовел Пиндар, [16] кој во една од неговите фрагментарни пајани пишува дека Зевс ја бркала Астерија, веројатно од љубовни цели (иако ова е непроверливо поради недостасувачкиот текст), и таа била фрлена во морето, станувајќи пловечкиот остров Ортигија, кој Пиндар во други химни го идентификува како Делос. [7] Збунувачки, на друго место тој ја нарекува Ортигија сестра на Делос, и во тој случај можеби мислел на блиското островче наречено Ренија како Ортигија. [21]

Подоцна, хеленистичкиот поет Калимах го користел Пиндар како извор за покохерентната Химна за Делос, во која фокусот е префрлен од Аполон на самиот остров и приказната за тоа како Астерија се фрлила во морето за да побегне од Зевс. [22] Голема разлика е нивото на дејствување што двајцата поети ѝ го даваат на Астерија; кај Пиндар таа е пасивно фрлена, можеби дури и како казна, додека Калимах ја тера активно да го избере морето пред Зевс, а потоа подоцна да ги пренебрегнува наредбите на Хера; од друга страна, ниту Пиндар ниту Калимах не ја споменуваат метаморфозата на потполошката, на која прво се укажува подоцна. [22] [19]

Во меѓувреме, претходното дело „Хомерова химна за Аполон“, кое ја раскажува приказната за проблематичните патувања на Лето и раѓањето на Аполон, датира и од Пиндар и од Калимах, но ништо во разговорот помеѓу Лето и Делос не укажува на такво минато за островот, ниту дека тие се сестри. [19] Дополнително, Химната не ја прави очигледна причината зошто Лето има толку многу проблеми со наоѓање соодветно место за раѓање, елемент кој е поизразен во подоцнежните варијанти. [16] Како и Химната, сепак, Калимах не укажува на сродството меѓу Лето и Астерија, за разлика од Хесиод, кој запишал дека тие се сестри, но не ја направил Астерија со потекло од Делос. [19]

Во старогрчката митологија, додека преобразувањето во карпа е обично неплодна судбина, се појавува модел во кој јунаците кои биле преобразени во острови се љубители на боговите; исто така, островите како градовите обично биле почитувани како помали божици или јунаци. [23]

Делос и Ортигија

[уреди | уреди извор]

Иако островот на кој се родиле близнаците откако Астерија се преобразила во него најчесто се третира како едно место, различно наречено Делос или Ортигија, неколку традиции прават разлика помеѓу двата острова, [24] имајќи го Делос како родно место на Аполон и Ортигија на Артемида. [9] [25] Ортигија била поврзана со Артемида. [25] Традиционално, се вели дека Ортигија на крајот била преименувана во Делос откако Аполон се родил на неа, со цел да се поврзат две имиња со истото место. [24] Кога не се спојува со Делос како што било најчесто во подоцнежните времиња, [25] Ортигија можела различно да се распознае со малиот остров покрај Сицилија, или оној до Мала Азија, или Ренија до Делос. [9] [21]

  1. Liddell & Scott 1940.
  2. Beekes 2009.
  3. Murray & Klapp 2005.
  4. Roman, Luke; Roman, Monica (2010). Encyclopedia of Greek and Roman Mythology (англиски). Infobase Publishing. стр. 88. ISBN 9781438126395.
  5. 1 2 Fowler 2000.
  6. 1 2 Caldwell 1987.
  7. 1 2 Gantz 1993.
  8. Diels 1907.
  9. 1 2 3 4 5 Kerenyi 1951.
  10. 1 2 Grant & Hazel 2004.
  11. 1 2 Bell 1991.
  12. 1 2 Smith 1873.
  13. . Columbus, OH. Отсутно или празно |title= (help); |access-date= бара |url= (help)
  14. 1 2 Grimal 1987.
  15. Comte 1991.
  16. 1 2 3 Hard 2004.
  17. Keightley 1838.
  18. March 2014.
  19. 1 2 3 4 5 Mineur 2018.
  20. Honan 1904.
  21. 1 2 Shelmerdine 1995.
  22. 1 2 van Tress 2017.
  23. Forbes Irving 1990.
  24. 1 2 Seyffert 1901.
  25. 1 2 3 Rose 2004.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]