Аси

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Аси собрани околу телото на Балдер. Слика од Кристофер Вилхелм Екерсберг од 1817 година

Аси – еден од двата клана богови во скандинавската митологија. Другиот клан се Ваните. Асите се воини, за разлика од Ваните кои се поврзани со плодноста, мудроста и предвидување на иднината. Асите долго војувале со Ваните, додека двата клана не се умориле од војување. Одлучиле да склучат мир и да разменат богови како залог за мир. Ваните на Асите им го испратиле Њорд и неговите деца Фрејр и Фреја, а Асите на Ваните им ги пратиле Хенир и Мимир.

Богови на Асите[уреди | уреди извор]

  • Один, често нарекуван и Сетатко, најстар и најмоќен од боговите. Секогаш го следат два гаврана, Хугин и Мунин, и два волка, Гери и Фреки. Оженет е со божицата Фриг. Живее во Асгард, во салата Валаскјалф, каде од својот престол Хлидскјалф може да го виде целиот семир и сè што се случува во деветте светови. Поседува осмоног коњ Слејпнир, чудесно копје Гунгнир кое никогаш не ја утнува целта и златен прстен Драупнир кој секоја деветта ноќ твори уште осум такви прстени. Один висел на Стеблото на световите Игдраси девет дена и ноќи прободен со сопственото копје Гунгнир за да го заслужи познавањето на руното и деветте моќни магии. Исто така жртвувал едно око за да пие од Мимировиот кладенец на мудроста (не треба да се меша со Мимир кого Асите му го испратиле на Ваните). Во Рагнарок ќе го прождере волкот Фенрир чие име значи „бес“.
  • Вили (Лодур), брат на Один и Ве со кои од телото на ледениот џин Имир го создал светот. Неговото име значи „волја“.
  • Ве (Хенир), брат на Один и Вили со кои од телото на ледениот џин Имир го создал светот. Неговото име значи „света целина“.
  • Тор, бог на громот, молњата и бурата, но исто така и на моќта, лечењето и плодноста. После Один најмоќниот бог и негов најстар син. Негов заштитен знак е волшебниот чекан Мјолнир кого не може никој да го подигне освен самиот тој и неговиот син Моди. Оженет е со божицата Сиф. Во Рагнарок ќе ја убие џиновската змија Јормунганд, но и самиот ќе му подлегне на нејзиниот отров.
  • Њорд, бог на морето, поморството, рибарството, ветрот и богатството. Всушност тој е од кланот Вани и меѓу Асите дошол со размена на крајот на војната. Татко им е на Фрејр и Фреја. Некое време бил оженет со џинката Скади. Живее во Ноатун.
  • Фрејр, бог на Сонцето, плодноста и изобилието. Всушност тој е од кланот Вани и меѓу Асите дошол со размена на крајот на војната. Син му е на богот Њорд и брат на божицата Фреја. Од боговите на поклон ја добил земјата на светлите виленици Алфхајм. Јава на Гулинбурсти, вепар кој го направиле џуџињата, синови на Ивалди. Џуџето Еитри му го направило бродот Скидбладнир, кој е доволно голем за во него да пловат сите богови заедно со оружјето, штом ги развие едрата наоѓа поволен ветар и секогаш стигнува на целта, а кога не е потребен на море, може да се спакува како марамче и да се стави в џеб. Имал и волшебен меч кој сам се борел против џиновите, но се одрекол од него заради љубовта кон џинката Герд. Заради тоа во Рагнарок ќе го убие огнениот џин Сурт.
  • Браги, бог на поезијата и говорништвото. Син на Один и Гунлог, ќерка на џинот Сутунг. Негова жена е Идун.
  • Балдер, син на Один и Фриг, најомилен меѓу боговите. Ненамерно го убил слепиот бог Ходр, како жртва на измама на Локи. Негова жена била Нана со која го имал синот Форсети.
  • Хајмдал, чувар на Бифрост, виножитен мост кој ги спојува Асгард и Мидгард. Исто така го викаат и „бел бог“. Син е на девет мајки кои се сестри. Има неверојатен вид и слух – подеднакво гледа и ноќе и дење и тоа на далечина од 100 милји, и може да чуе како расте тревата. Ќе го означи почетокот на Рагнарок дувајќи во својот рог Гјалархорн. Во Рагнарок ќе се бори со Локи, но ниеден нема да ја преживее борбата.
  • Ходр, бог на зимата. Ненамерно го убил својот брат Балдер, најомилен меѓу боговите.
  • Тир, еднорак бог на војната, но исто така и на храброста, правдата и законот. Раката му ја одгризал џиновскиот волк Фенрир кога боговите на измама го врзале и заробиле. Во Рагнарок ќе се бори со чудовишниот пес Гармом и во таа борба ќе се убијат еден со друг.
  • Видар, бог на одмаздата, син на Один и џинката Грид. Ќе ја одмазди смртта на татко му така што во Рагнарок ќе го убие волкот Фенрир.
  • Вали, син на Один и џинката Ринд. Роден е со единствена цел да го убие Ходр, убиецот на својот брат Балдер. Потполно израснал за еден ден и го убил Ходр. Вали ќе го преживее Рагнарок.
  • Улр, бог на правдата, ловот и двобојот. Живее во Идалир, во Асгард. Тој е одличен стрелец и ги научил луѓето да скијаат. Ги измислил снегоодалките.
  • Форсети, бог на правдата и помирувањето, син на Балдер и Нана. Живее во Глитнир, во Асгард, каде што била престолнината на неговиот татко Балдер. Тој е судија и често одлучува во споровите на луѓето и боговите, а сите кои доаѓаат пред него да бараат пресуда во спор, си одат помирени.
  • Хермод, син на Один, најдобар јавач меѓу боговите. Отишол во кралството на мртвите за да ја измоли Хел да го врати Балдер во светот на живите:
  • Мимир, прочуен по своето знаење и мудрост. Испратен кај Ваните по завршувањето на војната меѓу Асите и Ваните. Откога Ваните му ја отсекле главата, Один секогаш ја носел со себе, а таа му давала совети.
  • Магни, син на Тор и џинката Јарнсакса. Името му значи „снажен“. Единствен покрај Тор може да го подигне татковиот чекан Мјолнир, што ќе го наследи со полубратот Моди после Рагнарок.
  • Моди, син на Тор и Сиф. Името му значи „лутиот“. Заедно со полубратот Магни ќе го преживее Рагнарок и го наследува татковиот чекан Мјолнир.
  • Локи е бог на измамата и живее во Асгард и се вбројува во Асите иако всушност не е Ас, туку џин. Син е на џинот Фарбаути и џинката Лауфеј. Боговите го викаат „творец на сите лаги и сплетки“ и може да се претвори во животни. Меѓутоа, колку што знае да им создаде неволји на боговите, толку со својата лукавост знае и да ги спаси. Со божицата Сигин ги има синовите Нарви и Вали, а со џинката Ангрбод, три чудовишни потомци: џиновскиот волк Фенрир, змијата Јормунганд која е толку голема што може да го обвитка светот и владарката на светот на мртвите Хел. Во облик на кобила, го ождребил Одиновиот осмоног коњ Слејпнир. Во Рагнарок ќе ја поведе војската на џинови во војна против боговите. Ќе го усмрти Хејмдал, но притоа и самиот ќе погине.

Божици на Асите[уреди | уреди извор]

  • Фриг, божица на љубовта, бракот, плодноста и мајчинството. Таа му е жена на Один и главна меѓу божиците. Нејзин син е Балдер. Може да ја предвиди иднината, но никому не ја открива. Единствено нејзе ѝ е допуштено да седи на Одиновиот престол и да го посматра светот. Дом ѝ е Фенсалир во Асгард. Нејзиното име значи „сакана“.
  • Сиф, заштитничка на жетвата, златокоса жена на богот Тор. Нивен син е богот Улр.
  • Идуна, чуварка на јаболката на вечната младост, жена на богот Браги. Незаменлива е во Асгард, бидејќи кога ќе остарат, боговите јадат од нејзините јаболка кои им ја враќаат младоста. Нејзиното име значи „вечно млада“.
  • Нана, жена на Балдер. По погинувањето на Балдер, умира од тага и во Хел повторно е споена со Балдер.
  • Гефјон, божица на земјоделието и орањето, заштитничка на умрените девици.
  • Фула, другарка и повереничка на Фриг. Ја чува кутијата со обувките на Фриг. Ниеден бог или божица, колку и да се моќни, не можат да ја видат Фриг без нејзино одобрување.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]