Апанажа
Апанажа (француски: apanage) — имот или приход доделен за доживотно уживање на корисник од страна на владетел.
Значење
[уреди | уреди извор]Во своето изворно значење, „апанажа“ е имот доделен за доживотно уживање. Овој поим се користи и за годишната плата на блиските роднини на владетелот (деца, браќа) што ја исплаќа владетелот или државата. Во денешно време поимот се користи и за годишен приход на лице по истекување на некоја функција.[1][2] Во поширока смисла, означува секој загарантиран годишен приход.
Историја
[уреди | уреди извор]Потекло
[уреди | уреди извор]Сите феудални монархии ги мачел проблемот со издршката на помладите синови на кралот. Дури и кога големината на кралскиот приход дозволувала да им се исплаќа паричен надоместок, ниеден принц кој држел до себеси не бил задоволен со такво решение. Тој сакал свои лични имоти и вазали и независност што му ја давале неговите сопствени поседи.[3]
Апанажите во Франција
[уреди | уреди извор]Во Франција, кралевите од капетинската династија, на своите помлади синови, им доделувале војводства и грофовии од кралскиот имот. Кралот Робер II (996–1031), син на Иго Капет, му го дал на својот втор син Војводството Бургундија, кое станало наследник на круната откако војводското семејство изумрело. Анри I (1031–1060) го прогласил својот втор син Иго за гроф од Вермандоа. Луј VI единствен го надживеал својот татко Филип I, но имал неколку синови покрај својот наследник Луј VII. Тој на Робер му го дал кралското грофовство Дре, додека Пјер се оженил со наследничката на помала баронија. Филип Август и Луј VIII (1223–1226) биле единци. Меѓутоа, Луј VIII имал три помлади синови. Тој на Робер му го дал грофовството Артоа, на Алфонс грофовството Поату, а на Шарл му ги дал Анжу и Мен. Така, речиси половина од кралскиот имот потпаднал под непосредна власт на круната. Подоцнежните кралеви на своите помлади синови им ги дале грофовиите Клермон, Валоа, Евре, Алансон, Мортен и Ангулем.[3]
Значајност
[уреди | уреди извор]На прв поглед, политиката на доделување апанажа изгледа многу неодговорна и многу историчари ја оцениле како таква. Од друга страна, веројатно била намерна и неопходна, бидејќи кралскиот имот на Филип Август и Луј VIII бил преголем за да биде управуван од примитивна средновековна управа.[3] Со доделување земјишта во апанажа, кралот им обезбедувал господар кој ќе може да воспостави ефикасна управа. Сепак, оваа политика ја ослабела круната. Иако кралот обично можел да смета на верноста на своите браќа, исто како што неговиот син можел да се потпре на силни врски со нивните синови, веќе во третото поколение, семејната врска станувала премногу далечна за да има таква сила. Така, доделувањето апанажа создало група нови феудални господари. Така, до 1328 година, Франција имала четири големи кнежевства, Фландрија, Бретања, Бургундија и Аквитанија, чии владетели држеле речиси исто толку земја колку и кралот во неговиот домен. Оваа политика довела до постепен распад на Франција, што кулминирало со Стогодишната војна (1337–1453).[3]