Антон Чакмаков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Антон Чакмаков
Роден 28 февруари 1909
Дојран, Македонија Македонија
Починал 31 декември 1967
Скопје, Македонија
Занимање универзитетски професор, гинеколог

Антон Чакмаков (28 февруари 1909, Дојран - 31 декември 1967, Скопје) — гинеколог-акушер, редовен професор, директор и шеф на Катедрата за гинекологија и акушерство во Скопје.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Антон Чакмаков е роден во Дојран. Основно и средно образование завршил во Дојран, Белград и Штип. Медицински факултет завршил во Белград, во 1936 година, а потоа стажирал во Државната болница во Скопје. Специјализирал гинекологија и акушерство во Софија, во 1942 година.[1] За време на НОБ бил активен учесник, поради што бил и апсен, отпуштан од служба, и мобилизиран како лекар во Неготино. Во 1944 година, Чакмаков заминал во партизани во Кавадаречко, каде бил лекар на бригадата, а потоа во партизанската болница.

По ослободувањето, бил именуван за началник во Министерството за народно здравје на НРМ, а потоа работел како специјалист во Гинеколошко-акушерското одделение во Скопје. Бил управник на Општата болница во Штип и шеф на тамошното Гинеколошко-акуперско одделение. Во 1951 година бил избран за асистент на новоснованата Гинеколошко-акушерска клиника при Медицинскиот факултет во Скопје, каде бил избран за доцент во 1954 година, вонреден професор во 1957 година, а редовен професор во 1961 година.

Кариера[уреди | уреди извор]

Антон Чакмаков бил на бројни раководни позиции, меѓу кои: декан на Медицинскиот факултет во Скопје во периодот од 1960-1963 година, директор на Гинеколошко-акушерската клиника и шеф на Катедрата по гинекологија и акушерство, на која позиција останал до својата смрт, бил еден од основачите и прв претседател на Синдикатот на здравствени работници на СРМ, претседател на МЛД, претседател на Здружението на гинеколози и опстетичари во Македонија, и поптпретседател на Здружението на гинеколози и опстетичари на Југославија.[1]

Автор е на научни трудови публикувани во земјата и во странство, организатор и соработник во изработката на првиот југословенски учебник по породилство. Добитник е на награди и признанија, меѓу кои: Орден на трудот од II ред.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 д-р Марјан Димитријевски: „Декани - 1947-2012“, Скопје, Медицински факултет, 2015 г., стр. ​39-41