Античка уметност во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Античката уметност во Македонија започнува да се развива за време на Античка Македонија, и тоа најмногу за време на Филип II Македонски, во IV век п.н.е. Сепак, постојат и постари наоѓалишта, како што е на пример Требениште (од VI век п.н.е.).Во тоа време во Македонија се развиваат повеќе градски центри: Скупи, Стибера, Стоби, Хераклеја Линкестис, Лихнид и др. За време на подемот на Македонската држава, свој непречен развој доживувале и овие градски центри.Тие станале важни стратешки места, но во истовреме претставувале и важни економски и културни центри. Уште од ова време овие градови имале развиена инфраструктура и оддавале впечаток дека античката македонска држава била солидно развиена цивилизација.

По падот на Античка Македонија под римска власт, овие градови биле уништени и ограбени.Но сепак, новата римска цивилизација го продолжила развојот на овие градови. Римската култура длабоко се врежала во градските јадра на некогашните македонски градови.Таа донела нови вредности, нови форми и придонела за значителен растеж на античките градови во Македонија. Се граделе нови патишта кои поврзувале големи градски центри во римската империја. Значаен дел од овие сообраќајници ја крстосувале територијата на Македонија. Најпознат ваков пат е Вија Егнација, која минувала низ Лихнид, Хераклеја и Солун. Во овој период македонските градови доживуваат културен и економски развој. Од археолошките наоди во овие градски центри пронајдени се базилики, театри, плоштади, палати, бањи, кои биле богато украсени со мозаици, мермерни и бронзени скулптури, како и со архитектонски орнаменти. Сето ова зборува за развиен градски живот во овие урбани средини.

Но, на територијата на Република Македонија постојат бројни други помали наоѓалишта каде е пронајден богат археолошки наод, кој сведочи за распространетоста на античката култура во Македонија. Во сите овие многубројни археолошки наоѓалишта на територијата на Македонија се пронајдени големи количества археолошки наод, во вид на подвижен материјал, како на пример: керамика, монети, орудија, накит, статуи во помали и во поголеми димензии, оружја и сл.Овие богатства се чуваат во поголемите музеи во Република Македонија.

Како најзначајни и најбогати археолошки наоѓалишта во Република Македонија може да се издвојат античките градови Стоби и Хераклеја Линкестидска.