Анри Годје-Бжеска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Анри Годje-Бжеска
Henri Gaudier-Brzeska
Автопортрет, 1913
Роден(а)Анри Годје
4 октомври 1891(1891-10-04)
Сен Жан де Бре, во близина на Орлеан, Франција
Починал(а)5 јуни 1915(1915-06-05) (возр. 23)
Нувил Сен Васт Франција
НационалностФранцузин

Анри Годje-Бжеска (француски: Henri Gaudier-Brzeska; роден на 4 октомври 1891 во Сен Жан де Бре – починал на 5 јуни 1915 во Нувил Сен Васт) – француски уметник и вајар кој развил специфичен експресионистички стил, со дела кои се меѓу суштинската основа во развојот на модерното светско вајарство и сликарство од почетокот на дваесеттиот век[1].

Животопис[уреди | уреди извор]

Анри Годје е роден во Сен Жан де Бре во близина на Орлеан. Во 1910 година, тој се преселил во Лондон за да ја реализира својата уметничка вокација, иако немал формално образование. Со него дошла и Софи Бжеска, писателка, по потекло од Полска со која се сретнал во библиотеката Сен Женевјев во Париз. Нивната врска била бурна, исполнета со голема љубов, Анри, кон своето презиме го додал и нејзиното - Бжеска.

Таа била една од познатите љубовни врски во историјата на уметноста, врска која силно ќе придонесе во творечките импулси важни во развојот на уметноста и кај двајцата.

Заедно со Софија, во Лондон, живееле исклучително бедно, посветени целосно на творештвото.

Во Првата светска војна, бил вајар волонтер во француската армија. Загинал во битката во Фландрија, крај Нувел Сен Васт. Посмртно му бил доделен орден за храброст.

Во неговиот многу краток живот, создал значајни уметнички дела кои денес се од големо значење во светскиот развој особено во вајарската уметност.

Софија Бжеска не можела да се помири со неговата смрт, починала во 1925 година, во психијатриска болница во Лондон[2]..

Автопортрет, 1909

Творештво[уреди | уреди извор]

Во почетокот бил под влијание на делата на Огист Роден, но, набргу, го напуштил севкупниот дотогашен вајарски принцип на естетизирана и префинета обработка на вајарскиот материјал, истакнувајќи јасен, директен и силен израз и вајарски потег, ослободен од секакво дообратување. Во многу случаи, особено во неговите вајарски дела, тој ги влече вајарските потези - директно, импулсивно и непосредно. Овој негов творечки развој бил во корелација со исто така познатиот вајар од тоа време Џејкоб Епстајн, а особено со архаичните скулптури од западна Африка и Тихоокеанските Острови.

Заедно со поетот Езра Паунд и Виндем Луис ќе ја основа историската Лондонска група.

Анри Годје-Бжеска е своевиден феномен во светската современа скулптура. Иако живеел само 24 години и без формално образование, тој е еден од клучните автори во развојот на историските и фундаментални ликовни правци на дваесеттиот век: кубизмот, експресионизмот, а неговите дела ја имаат уметничката зрелост на најистакнатите вајари во светското уметничко творештво. Со силни, енергични потези, тој ги изразил директните архетипски пораки на „примитивниот“ израз, особено на африканската уметност, постапка и согледување кое ќе биде клучно во развојот на творештвото на Пабло Пикасо и севкупната париска ликовна клима[3].

Седната фигура, Пејачка, Грижа, Главата на Езра Паунд

И покрај фактот дека само во четири години, творечка активност, Годје-Бжееска, сепак извршил изненадувачки силно влијание врз модернистичката скулптура од 20 век во Англија и Франција, денес неговите дела се поставени како исклучителна уметничка вредност во Тејт галеријата во Лондон, Националниот музеј за модерна уметност во Париз, Музејот на убавите уметности во Орлеан, Музејот на уметноста во Нашер и други.

Додека пак во цртежите, бил под големо влијание на кинеското традиционално сликарство при што со минималистички потези, постигнувал силни и впечатливи сликарски реализации. Во неговиот цртачки опус голема инспирација извршила поезијата на Езра Паунд со кого биле и пријатели[4].

Во 1972 година, познатиот режисер Кен Расел го снимил играниот филм „Дивиот Месија“ во кој се користени биографските и творечките моменти на овој автор[5].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Henri Gaudier-Brzeska
  2. „Biography“. Архивирано од изворникот на 2019-07-04. Посетено на 2019-07-01.
  3. Gaudier Brzeska's Sketchbook
  4. „New Rhythms: Henri Gaudier-Brzeska“. Архивирано од изворникот на 2019-07-01. Посетено на 2019-07-01.
  5. Savage Messiah (1972)

Литература[уреди | уреди извор]

  • Паунд, Езра, Годје-Бжезеска: Сеќавања, Лондон: Џон Лане, 1916; Њујорк, 1970[1].
  • "Ние модерните": Годје-Бжеска и раѓањето на модерната скулптура (Кембриџ, 2007 ISBN 1-904561-22-5) — каталог од истоимената изложба
  • Роже Секретен, Годје-Бжеска, 1891-1915, Проколнатиот вајар, Париз, време, 1980

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  1. „Bookos“. Архивирано од изворникот на 2019-07-01. Посетено на 2019-07-01.