Анксиозност

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Анксизност)
Прејди на: содржини, барај
Анксиозност
Emperor Traianus Decius (Mary Harrsch).jpg
Биста на римскиот цар Дециј Трајан, Капитолски музеи. Изразот на лицето му укажува на анскиозност и изморенот, како човек со голема [државничка] одговорност."[1]
Класификација и надворешни извори
MedlinePlus 003211 Шаблон:MedlinePlus2
MeSH D001007

Анксиозност е чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледен надворешен повод, голем стрес и загриженост. Анксиозноста се манифестира преку повеќе физички и психички симптоми кои се доживуваат како многу непријатни, а често се јавува во комбинација со други болести, особено со депресија. Според некои процени, дури 10% од населението страда од некоја форма на анксиозност.[2]

Споредба меѓу стравот и анксиозноста[уреди | уреди извор]

Поимот анксиозност често се поистоветува со поимот страв. Но, постојат разлики што произлегуваат:

  • од изворот на опасноста која се заканува да го наруши телесниот, психичкиот и социјалниот интегритет на личноста
  • од времетраењето

Се мисли дека кај стравот опасноста е рационална, бидејќи објектот или појавата свесно се перцепираат и можат да се идентификуваат, додека кај анксиозноста не постои свесно перциран објект или извор на појавата што предизвикува опасност. Изворот на опасноста е во чувството на очекувањето да се случи нешто непријатно, нешто опасно. „Неограничените можности за замислување на идните појави“, како што велат Креч и Крачфилд, ни пружат непресушно „гориво“ за аксиозност. Но, изворот на опасноста може да биде и во самата личност. Што се однесува до времетраењето кое ги прави различни стравот и анксиозноста, се мисли дека стравот редовно трае кратко и исчезнува во моментот кога заплашениот ја совладува или ја избегнува опасноста. Анксиозноста по правило е долготрајна и таа се повторува почесто, независно од просторот и времето. Според Х. Инглиш и А. Инглиш, анксиозноста е една непријатно емоционална состојба, во која една сегашна и континуирана силна желба или нагон изгледа веројатно дека ќе ја промаши својата цел; тоа е фузија на страв со антиципација на идно зло. Неизвесниот исход (на пр. од натпреварот), е главна причина за трепет, страв, загриженост, возбуденост се само врв од брегот кој не се гледа, бидејќи има свои корени во самосвеста (self-concept) и во самооценувањето, а манифестно се пројавува во несигурноста, во губењето на самодовербата. Личности коишто постојано чувствуваат некој неодреден страв, кои премногу се загрижени за секојдневните случувања и се под постојан притисок, најверојатно страдаат од анксиозност. Стравот и анксиозноста се реакции на опасност, но во случајот со стравот опасноста е јасна, објективна, додека во случајот со анксиозноста е скриена и субјективна.
Речиси секој човек во одреден период од својот живот почувствувал напнатост, нервоза или пак страв како нормална реакција на некоја стресна ситуација. Потиштеноста и стравот секогаш постоеле и тие се важен дел на човековото постоење. Нормалните стравови и повремената потиштеност ни помагаат да ги избегнеме непријатните и опасни ситуации. Стравот секогаш е врзан за некој одреден објект и ситуација, додека анксиозноста е неодредено емоционално доживување. Во анксиозноста она што е закана за личноста е помалку очигледно, па затоа говориме за т.н. „лебдечки страв“. Кога стравовите и потиштеноста, претераната загриженост ќе почнат да доминираат и управуваат со нечиј живот, кога го нарушуваат семејниот, друштвениот и професионалниот живот, тогаш веќе станува збор за сериозно анксиозно пореметување.

Симптоми на анксиозноста[уреди | уреди извор]

Психолошките симптоми на анксиозноста се претерана плашливост и загриженост, чувство на внатрешна напнатост и немир, ослабена концентрација, раздразливост, зголемена чувствителност на бучава, лесно заморување, слаба меморија која често е резултат на намаленото внимание и концентрација. Телесните симптоми на анксиозноста се забрзана работа на срцето, тешко дишење, чувство на недостаток на воздух, стегање во градите, сува уста, потешкотии во голтањето („кнедла во грлото“), зголемено потење на дланките, често мокрење, вртоглавица, „пеперутки“ во стомакот, болки во мускулите, ослабена сексуална желба, треперење на целото тело. Присутни се и пореметувања во однесувањето: чувство на блокираност, преувеличување на доживувањата, тешкотии во спиењето во смисла на несоница, често будење или пак ноќни кошмари.

Ако кај една личност се присутни повеќето од овие симптоми повеќе од шест месеци, најверојатно таа личност страда од анксиозно пореметување. Возрасните со ова нарушување често се загрижени за секојдневниот живот, за одговорностите на работното место, финансиите, за здравјето на своите најблиски, се мачат со катастрофични предвидувања во врска со своите најблиски. Анксиозна личност целата е облеана со неодреден, ирационален страв со кој се парализира во своето функционирање, а се јавува и силно чувство на немоќ.

Причини за појава на анксиозноста[уреди | уреди извор]

Многу малку луѓе се спремни да го прифатат фактот дека страдаат од анксиозност. Многу од нив анксиозноста ја кријат позади чувството на физичка непријатност, како што е срцебиење и замор; некои ја кријат позади бројните стравови кои им изгледаат реални и оправдани; кај некои луѓе анксиозноста може да биде скриен импулс кој ги гони да се препуштат на заборавот во алкохолот и други зависности. Точната причина за анксиозноста не е позната, но постојат многу фактори што можат да го поттикнат развојот на анксиозноста. Улога играат генетските фактори, биохемиските процеси во мозокот и влијанието на средината. Разните трауми или стресни моменти во текот на животот, смрт на блиска личност, развод, промена на работното место, промена на местото на живеење - може да предизвикаат анксиозност.

Лечење на анксиозноста[уреди | уреди извор]

Лекувањето на анксиозноста вклучува лекови, психотерапевтски третман без лекови, како и некои други процедури. Најчесто се спроведува комбинирана терапија, со примена на индивидуален пристап. Така, анксиозноста се третира со анксиолитици, како: диазепам, оксазепам, бромазепам, алпразолам, лоразепам итн. Притоа, бензодиазепините дејствуваат анксиолитички, антиконвулзивно, седативно и миорелаксирачки. Обично, овие лекови се поднесуваат добро, не се токсични и немаат пошироки индикации, а основната предност е во тоа што делуваат брзо, уште при првото земање на лекот. Од друга страна, најголемиот недостаток на овие лекови е тоа што пациентот развива толеранција така што со текот на времето е потребно да се зголемува дозата за да се постигне истиот ефект. Ако бензодиазепините се користат повеќе од 4-6 недели, до 40% од пациентите стануваат зависни од нив. Оттука, нивната употреба за лекување на анксиозноста треба да биде временски ограничена и внимателна, т.е. да се даваат што помали дози и во што пократко време.[3]
Следната група лекови што се користат при лекување на анксиозноста се антидепресивите, од кои честа примена во долгорочниот третман на анксиозноста имаат SSRI (селективни инхибитори на повторно преземање серотонин), како што се: флувоксамин, сертралин, пароксетин, циталопрам и есциталопрам. Овие лекови се безбедни, добро се поднесуваат и не предизвикуваат зависност. Притоа, според истражувањата, со нивната примена кај 72% од пациентите се обезбедува излекување во период од осум недели. Од другите антидепресиви, во лекувањето на анксиозноста се користат миртазапин и венлафаксин, но често тие предизвикуваат привремено влошување на симптомите. Во поново време, помалку застапени во лекувањето на анксиозноста се трицикличните антидепресиви. Најпосле, во отретманот на анксиозноста се користат и други лекови, како: бета-блокаторите, особено пропранолол, кои се користат при анксиозност проследена со кардиоваскуларни манифестации; антипсихотиците, кои се покажале ефикасни кај тешките и долготрајни форми на анксиозност, особено ако се комбинирани со други психички нарушувања, итн.[4]
Во третманот на анксиозноста се применува и когнитивно-бихејвиорална терапија, која вклучува посебни техники на опуштање, на позитивно размислување, на когнитивно реструктурирање и развивање на социјалните вештини. Исто така, во третманот на анксиозноста се применува и индивидуална психотерапија, како: динамична психотерапија, супоративна психотерапија, групна психотерапија итн. Целта на психотерапијата е да се зајакне егото на пациентот и да се обезбеди приспособување кон промените во реалниот свет. Притоа, во динамичната психотерапија, на пациентот му се поставува некој проблем, а психотерапевтот му укажува на пациентот постојана грижа. Супоративната психотерапија се применува при лесни анксиозни нарушувања, во акутни емоционални кризи или кога другите форми на третман не постигнале поголеми резултати. Групната психотерапија е наменета за лица со ниска самодоверба, проблеми во комуникацијата и тешкотии во контролата на реакциите. Автогениот тренинг е систем на вежби за физичка и ментална релаксација, со цел да се постигне контрола на автономниот нервен систем, а се применуваат и техники на визуелизација на пријатни ситуации.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Scarre, Chris (1995). Chronicle of the Roman Emperors. Thames & Hudson. стр. 168–9. ISBN 978-5-00-050775-9. 
  2. Е.Т.Е., „За да имате квалитетен живот, побарајте помош“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 8.
  3. Е.Т.Е., „За да имате квалитетен живот, побарајте помош“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 8-9.
  4. Е.Т.Е., „За да имате квалитетен живот, побарајте помош“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 8-9.
  5. Е.Т.Е., „За да имате квалитетен живот, побарајте помош“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 9.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

anxiety