Анета Светиева

Од Википедија — слободната енциклопедија

Д-р Анета Светиева ( 1944, Битола) — уметник и редовна професорка во пензија на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Фамилија[уреди | уреди извор]

Анета Светиева е родена во Битола 1944 г., мајка ѝ е Надежда Светиева, а татко ѝ Христо Светиев род Волканов. Има два сина: Методи Анастасов, и Андреј Анастасов Даскаловски - Еди (член на македонската рок група Т.Б. Трачери)

Академска Дејност[уреди | уреди извор]

Во 1950 година семејството од Битола се преселило во Скопје и Светиева тука го завршува основното и средното образование. Во 1963 година се запишува на Академијата за ликовни уметности на Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1968 година. Во 1971 година успешно ги завршува постдипломските студии на Академијата за ликовни уметности и се стекнува со научниот степен - магистер по скулптура. До 1974 година, живее и работи во Белград.

Во периодот 1965 – 1971 се истакнува со забележителни достигања во современата скулптура за што добива три престижни студентски награди и една професионална награда на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Во 1974 година се враќа во Македонија поради лични и семејни причини. Во периодот 1973 – 77 година, работела периодично на разни задачи поврзани со ликовната и применетата уметност, главно во тогашната МРТВ.

Во декември 1977 година професорката Светиева се вработила во Институтот за фолклор "Марко Цепенков", најпрво како приправник, а потоа како асистент-истражувач по ликовна и применета материјална култура, на работно место: истражувач на пластична народна уметност во Одделението за орнаментика. Уште првата година дошла до сознание дека ниту една тема од областа на фолклористиката не може солидно да се обработи без познавања на етнологијата и сродните општествени дисциплини (историја, социологија, итн.). За таа цел, набавила студиски програми од студиската група по етнологија на Филозофскиот факултет во Белград и започнала систематски да ја совладува етнолошката, антрополошката и фолклористичката литература. Оваа генерална насока во работата може да се согледа уште во првата објавена статија, со наслов:„Сончевите мотиви во македонската пластична орнаментика на таваните и вратите“, „Македонски фолклор“, 1979.

Следните години работи во споменатиот Институт, поминувајки ги научните звања од асистент- истражувач до виш научен соработник. Во меѓувреме, во согласност со кадровската политика на Институтот, пријавува докторска теза на Одделот за етнологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, под менторство на проф. д-р Ѓурѓица Петровиќ. Во 1988 година со успех ја брани докторската дисертација под наслов „Резбарени тавани долапи и врати во Македонија“, на македонски јазик, и се стекнува со звање доктор по етнолошки науки. Оваа дисертација спаѓа меѓу малобројните во тоа време каде зададената тема е документирано обработена на територијата на етничка Македонија.

Во 1990 година се вработува на Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Работејќи на овој Завод, во 1995 година достигнува до највисокото наставно-научно звање – редовна професорка. На Заводот за етнологија ги предава предметите од областа на материјалната, духовната и социјалната култура на Македонците, но и на сите останати балкански народи и етнички заедници. Работејќи на оваа проблематика, професорката ревидира некои ставови на претходните автори создадени под дневнополитичко влијание, како на пример регионалната етничка карта на Македонија опишана од д-р Миленко С. Филиповиќ, а истовремено внесува и редица нови податоци што претходно не биле земени предвид во регионалната етнологија на Македонците.

Досега во споменатите подрачја има објавено повеќе од 60 (шеесет) стручни и научни трудови, од кои повеќе од дваесетина се во странски списанија. Во изминатиот работен професионален период, била иницијатаор за создавање на списанието „ЕтноАнтропоЗум“ – гласник на Институтот за етнологија и антропологија, а потоа главен и одговорен уредник до 2010 година. Почнувајќи од уредувањето на списанието „Етнолог“ бр. 12, - периодичен гласник на МЕД, па до денес (2011 година), професорката е главен и одговорен уредник на ова стручно списание. Во периодот 2001-2005 била претседател на МЕД. Во тој период пријавила свој проект преку МЕД, и како резулатат на реализацијата на проектот, објавен е зборникот со трудови, со наслов : „Голо Брдо - Живот на граница“ – што го уредила професорката. Истовремено, членува и во други стручни граѓански здруженија.

Уметничка Дејност[уреди | уреди извор]

Позначајни изложби:
1969 - Белград, 10 октомвриски салон
1972 - Скопје, Музеј на современа уметност, Современи македонски уметници - млада генерација II
1975 - Љубљана, Денови на културата на млади од Македонија во Словенија, Ламутов ликовен салон
1984 - Скопје, МСУ, 40 години македонско ликовно творештво 1944-1984
1986 - Суботица и Белград (Музeј на применетата уметност): Шесто триенале на југословенската керамика
1986/7 Грац, Виена, Клагенфурт, Junge Kunst aus Jugoslawien - "Steirischer Herbst 86“
1987 - Istanbul, Askeri Miize 'de Duzenlenen, I Ulzslararasi Istanbul Gagdas Sanat Sergileri (I International Istanbul Contemporary Art Exhibitions)
Budimpesta, Hosb'k tere, VII Budapesti Nemzetkozi Kisplasztikai ZitfLlit&son
1989 - 9th Yugoslav Biennial of Small-Size Sculpture - Triennial of small sculptures, Murska Sobota
1997 - Претставничка на Македонија на 47th International Art Exhibition Venice Biennale / Biennale di Venezia - La Biennale di Venezia, Venice
1999 - NARCISSISM (S) - Museum of Contemporary Art Skopje, Skopje
2001 - Заедно со Захариј Каменов и Аурел Влад, Apollonia European Art Exchanges, "Angels and Men"
2002 - In search of Balkania - Neue Galerie Graz - Universalmuseum Joanneum, Graz
2004 - Dialogues - Nova Nacionalna Galerija - Chifte Amam, Skopje
2009 - Gender Check - Rollenbilder in der Kunst Osteuropas - Museum Moderner Kunst Stiftung Ludwig - MUMOK , Vienna

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Мега-интервју за списанието „Глобус“: Зар без етногенеза Македонците не знаат што се?
http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=8F132995E2DB8245B69EF7CAEA4FC971 Архивирано на 4 март 2016 г.
Од каталогот за Биеналето во Венеција http://nautilus.inews.it/9708it/arte/donne.htm[мртва врска]
Three Yugoslav women sculptors: Darija Kačić, Duba Sambolec, Aneta Svetieva by Jovan Despotovic http://www.jovandespotovic.com/?page_id=6091 Архивирано на 5 март 2016 г.