Прејди на содржината

Андреј Чикатило

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андреј Чикатило
Роден16 октомври 1936(1936-10-16)
Јаблочное, УССР
Починал14 февруари 1994(1994-02-14) (возр. 57)
Новочеркаск, Русија
Казнапогубување со истрел
СопружникФеодосија Одначева
Деца2

Андреј Романович Чикатило (украински: Андріј Романович Чикатило; Јаблочное, Украинска ССР, 16 октомври 1936 — Новочеркаск, Русија, 14 февруари 1994) — советски сериски убиец, силувач, педофил и канибал. Со цел да постигне сексуално задоволство, со особена суровост убил најмалку 43 лица во различни региони на СССР, главно во Ростовската Област. Пред серијата убиства, додека работел како наставник, се обидувал да изврши развратни дејства врз своите малолетни ученици. Во периодот од 1982 (или од 1978 г.) до 1990 г., убивал жени, адолесценти и деца.

Во повеќето случаи, Чикатило под разни изговори ги навлекувал своите жртви на напуштени места, каде што им нанесувал бројни телесни повреди и ги убивал. Телата на некои од жртвите ги силувал, ги распарчувал и јадел делови од нив. Бил фатен за време на обемната специјална операција „Лесополоса“, спроведена под водство на Централниот комитет на КПСС, бил прогласен за умствено здрав, осуден на смртна казна и стрелан.

Рани години

[уреди | уреди извор]

Чикатило е роден на 16 октомври 1936 г. во украинското село Јаблочное со знаци на хидроцефалија. До 12-годишна возраст страдал од ноќно мокрење, поради што често бил тепан од мајка си. Во 1943 г. се родила неговата сестра. Детето очигледно е од друг татко, бидејќи неговиот татко Роман Чикатило во времето на зачнувањето бил на фронт. Во 1944 г., Чикатило станал прваче. Бил добар ученик, но не успеал на приемниот испит за Московскиот универзитет.[1]

Откако ја завршил воената служба во 1960 г., се преселил во Родионово-Несветаевски и работел таму како телефонски инженер. Во 1963 г. се оженил и имал син (Јуриј, р. 1969) и ќерка (Људмила, р. 1965). Во 1971 г. се стекнал со научна диплома од областа на книжевноста преку дописни курсеви и станал наставник во Новошахтинск.[2]

Тој бил лош наставник, но останал на таа должност, префрлајќи се од училиште во училиште, бидејќи постојано имало поплаки за неговите непристојни обиди за физичко насилство. Во 1973 г. починала неговата мајка.

Почеток на убиствата

[уреди | уреди извор]

Во 1978 г. се преселил во Шахти и го извршил своето прво сериозно злосторство. На 22 декември 1978 г., тој ја силувал и ја убил 9-годишната Елена Закотнова. Иако доказите укажувале на поврзаност помеѓу Чикатило и убиството, Александар Кравченко бил погрешно уапсен и подоцна изведен на суд. Тој бил натеран да признае преку мачење и бил погубен за убиството. Чикатило ја изгубил својата наставничка работа во 1981 г. и почнал да работи во месна фирма.

Не убил повторно до 1981 г., но во 1982 г. имало седум жртви. Чикатило развил свој сопствен стил, заговарајќи ги на автобуските постојки и железничките станици децата што избегале од дома или младите скитници, мамејќи ги да тргнат со него во блиската шума, каде што жртвите обично ја наоѓале својата смрт. Во 1983 г., Чикатило не убил до јуни, но до почетокот на септември умртвил 4 лица.

Откако биле пронајдени 6 тела (од вкупно 14), московската милиција решила да се вмеша. Во Ростов на Дон била испратена истражна екипа, предводена од мајорот Михаил Фетисов. Фетисов ја насочил истрагата во околината на Шахти и го назначил Виктор Бураков, судски лаборант хемичар, за главен истражител во таа област. Истрагата се сосредоточувала на умствено нестабилните и познатите сексуални престапници, почнувајќи полека и постепено да ги фаќа и да ги исклучува од списокот на осомничени. Милицијата го проширувала периметарот на својата истрага сѐ повеќе и повеќе. Биле земени интервјуа од над 150.000 души, а потоа биле архивирани, сѐ додека на крајот милицијата не се откажала од овој пристап.

Во 1984 г., бројот на жртвите изнесувал 15. Било одлучено да се засилат мерките — да се зголеми бројот на патролите и да се распоредат милиционери во цивилна облека на многу постојки на јавниот превоз.

Апсење и ослободување

[уреди | уреди извор]

Чикатило бил препознаен бидејќи се однесувал сомнително на една автобуска постојка во Ростов. Бил уапсен и задржан. Било утврдено дека е осомничен за други злосторства, што законски им дало право на истражителите да го задржат на неопределено време. Било откриено сомнителното минато на Чикатило, но тоа не било доволно за да го осудат за убиствата. Меѓутоа, бил прогласен за виновен и осуден на една година. Бил ослободен во декември 1984 г., откако поминал три месеци во затвор.

Последователни убиства и прогон

[уреди | уреди извор]

Чикатило си нашол нова работа во Новочеркаск, но останал во сенка. Тој не убивал некого набрзо, сѐ додека во август 1985 г. не усмртил две жени во два одделни случаи. Не е познато дали убивал повторно до мај 1987 г., кога убил младич. Повторно убил во Запорожје во јули и во Ленинград во септември.

Замрената истрага била обновена во средината на 1985 г., кога Иса Костоев бил назначен да го води случајот. Убиствата околу Ростов биле подробно проучени по вторпат и повторно започнала серија на испрашувања на сексуалните престапници во областа. Во декември 1985 г., милицијата повторно го засилила обезбедувањето на железничките станици околу Ростов. Чикатило бил свесен за истрагата и претпазливо се воздржал од својата злосторничка дејност.

Во 1987 г., Чикатило ги обновил убиствата, извршувајќи ги обично далеку од околината на Ростов. Тој убил една жена во Красни Сулин во април и уште 8 лица истата година, вклучувајќи две жртви во Шахти. Повторно имало долга пауза, сѐ додека Чикатило не ја обновил својата дејност, убивајќи седум момчиња и две жени помеѓу јануари и ноември 1990 г. Пронаоѓањето на едно од телата во близина на постојката во шумарството ја натерало милицијата да ја зголеми својата будност и да ги зголеми патролите. На 6 ноември, Чикатило ја убил и ја осакатил Света Коростик. Кога се враќал од шумата, бил запрен од милицијата, но потоа бил пуштен да си оди.

На 20 ноември 1990 г., откако поведението на Чикатило предизвикало сомнеж кај милицијата, по наредба на инспекторот Иса Костоев, тој бил уапсен. Помеѓу 30 ноември и 5 декември, Чикатило се признал за виновен и опишал педесет и шест силувања и убиства извршени од него. Признал дека пиел од крвта на своите жртви и дека јадел делови од нив.

Судска постапка и погубување

[уреди | уреди извор]

Судската постапка против него се одржала на 14 април 1992 г. И покрај неговото чудно и вознемирувачко однесување, судот утврдил дека тој е способен да ја издржи постапката. За време на судењето, Чикатило изјавил: „Јас сум грешка на природата, еден избезумен ѕвер!“ Судењето завршило во јули, а пресудата била одложена за 15 октомври, кога бил прогласен за виновен за извршување на 52 од 53-те убиства и бил осуден на смрт за секое злосторство. Чикатило бил стрелан со истрел во тилот на 14 февруари 1994 г.

Грешките во истрагата се најмалку две. Прво, случајот не бил објавен јавно и луѓето не биле известени за опасноста, бидејќи советските власти се плашеле дека ќе стане јасно дека во СССР се случуваат вакви работи (а најверојатно поради страв од создавање паника кај населението). Второ, недостатокот на комуникација меѓу одделните милициски сектори довел до некоординираност во дејствата.

Дополнително усложнување била неточната анализа на крвта на Чикатило во 1984 г., што довело до погрешно утврдување на крвната група, која на тој начин се покажала како различна од крвната група на спермата пронајдена во анусот на една од жртвите. Било отфрлено тврдењето дека разликата се должи на многу ретка физиолошка аномалија.

  1. „Andrei Chikatilo: The Rostov Ripper“. crimeandinvestigation.co.uk. 29 September 2009. Архивирано од изворникот на 30 January 2010. Посетено на 19 April 2019.
  2. „New Straits Times - Google News Archive Search“. news.google.com. Посетено на 2025-08-25.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]