Андреја Дамјанов

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Андреј Дамјанов)
Андреја Дамјанов
Портрет на Андреја Дамјанов
Роден(а)1813
Папрадиште, Македонија
Починал(а)16 август 1878
Велес, Македонија
ЗданијаОсоговски манастир

Андреја Дамјанов (Папрадиште, Велешко, 1813Велес, 16 август 1878) — еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот од периодот на македонската преродба. Со своите браќа, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот. Неговата градителска умешност била забележана и во Европа, особено од патописците кои Андреј го споменуваат како вреден и ценет мајстор. Неговите цркви се сметаат за бисери на сакралната архитектура на Балканот. При изградбата на црквите кои ги решавал како трикорабни базилики со полуцилиндречни сводови, Дамјанов особено внимавал на акустиката во ентериерот на црквата како и на декоративните елементи на столбовите што се белег на неговите градби.

За негова најубава и неповторлива градба се смета соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ во Велес, изграден во 1840 година. Дамјанов е градител на црквата во манастирот „Св. Јоким Осоговски“ кај Крива Паланка како и на црквите „Св. Богородица“ во Ново Село, штипско и „Св. Архангел Михаил“ во Чичево. Во Србија ги изградил црквите „Св. Илија“ во Печењевац, „Св. Ѓорѓи“ во Смедерево, соборната црква во Ниш како и соборната црква во Сараево. Тој ја завршува и градбата на црквата во Мостар.

Потекло[уреди | уреди извор]

Семејството Рензови-Зографски: Никола, Ѓорѓи, Андреја и Коста - градители на цркви и копаничари.

Роден е во село Папрадиште, велешко, во семејство на познати мијачки градители. Во неговото семејство мајсторскиот занает се одгледувал низа децении, пренесувајќи го од колено на колено. Тоа е родот Рензовци кои потекнуваат од мијачкото село Тресонче, но со немирите, кражбите и пустошите со слабеењето на Османлиското Царство кон крајот на XVIII век биле приморани да се преселат во безбеден крај, и се упатиле кон градот Велес. Во градот Велес биле примени од Емин-ага, тогашниот владетел на градот и краток период престојувале таму, подоцна поради непријатноста на климата во градот Велес побарале од Емин-ага да им дозволи да се населат во планинско место, по што им било дозволено да се населат на територијата на тогашното село Ѕвезданово, сегашно Папрадиште (наречено поради растението папрат што доминира во тој крај). Родот се памети од прадедото на Андреја, Силјан Рензовски кој бил познат мајстор-градител кој со својата тајфа градел најмногу во Тракија, Одрин и Цариград. Синовите на Силјан, Јанкула и Стефан исто така работеле како мајстори во Солун, Драма, Кавала, Сер и Измир. Синот на Јанкула, таткото на Андреја Дамјан исто така го наследил занаетот и градел цркви околу Солун, во Бугарија, во Македонија најчесто по селата, помалку по градовите. Соборната црква „Св. Богородица“ во Скопје ја започнува со изградба, но потоа умира, со што нејзината изградба ја продолжуваат неговите синови. Со овој објект Дамјан се претставил како вешт и спремен мајстор со успешното решавање на сложените архитектонско конструктивни проблеми.

Андреја имал тројца браќа: Ѓорѓи, Коста и Никола. Ѓорѓи Дамјанов бил зограф, Никола копаничар, а Коста работел како мајстор-градител и зограф. Заедно работеле во една тајфа, но најмногу се истакнувал од нив Андреја, кој го презел раководството на тајфата и се населил во Велес околу 1850 година.

Градителски занает[уреди | уреди извор]

Амблем на првомајсторот Андреја Дамјанов на ѕид во црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес

Работејќи во тајфата на својот татко, го научил мајсторскиот-градителски занает и уште како млад покажува наклоност кон градежното искуство. Неговото име станало познато низ целиот Балкан и за него пишувале неговите современици, странските патописци, нагласувајќи дека бил „прочуен и добар мајстор и во околните земји". Работејќи уште во тајфата на својот татко, имал можност да се запознае со богатото архитектонско наследство во својата земја. Така ги запознал функционалните, обликовните и конструктивните елементи на старата македонска архитектура, со што ги проширил своите знаења и се инспирирал од творештвото на старите мајстори.

Во самиот почеток на неговото плодно творештво градел цркви на територијата на Македонија, додека подоцна и низ целиот Балкански Полуостров. Со оглед на политичката ситуација во времето на неговото творештво и рестрикциите за градење на цркви на територијата на Македонија, црквите на оваа територија се доста поскромни како по своите димензии, така обликувањето, додека црквите што ги гради во другите земји се поубаво обработени и со поголеми димензии. Исто така, ги истакнал и своите квалитети за фундирање на објектите, по што бил повикуван на неколку објекти да го реши тој проблем.

Неговите градби најчесто се материјализирани во мешовит конструктивен систем со масивни носечки надворешни ѕидови и внатрешност како и кровна конструкција од дрво, но сето тоа било толку вешто обликувано што изгледало совршено и многу складно. Надворешните ѕидови биле од кршен камен со надворешна обработка од убаво обликуван делкан камен, во кои можеле да се појават отвори. Внатрешната конструкција се состоела од неносиви дрвени високи столбови кои биле обработувани периметрално со помали штици врз чија маса се нанесувал малтерот и делувале доста елегантно и не се наметнувале во ентериерот со својата вита појава. Останатите елементи во внатрешноста биле исто така изведени во дрво, вклучувајќи ја и кровната конструкција, што се носеле врз главните носиви елементи и се постигнал многу хармоничен и не наметлив ефект.

Обликување[уреди | уреди извор]

Во однос на обликувањето, се работи за богато богато декоративно обликување особено во внатрешноста на објектите.Особено е важно што во внатрешноста на неговите објекти посебно значење и акцент се давало на присуството на обичниот човек (посетител на церемонијата), со што се потврдува преродбенската тенденција во тоа време. Западната влезна страна заедно со галериите кои се развивале наоколу биле раскошно обликувани, како обликовно така и сликарски, со што се нагласува значењето на обичниот народ. Олтарскиот дел исто така е богато обликуван додека бочните страни можеле да бидат осликувани или оставени во својот природен материјал, со што во двата случаи тоа делувало многу хармонично. Надворешноста на објектите, конкретно нивната фасадна обработка била поскромно обработена со што се постигнувал доста чист и смирен ефект. Декоративни елементи на фасадата можело да се појават единствено на аголните завршетоци и апсидните делови, со што аглите се обработувале со прецизно делкан и обработен камен и се разликувале од останатата ѕидна маса, додека апсидните делови се обликувани со просторни конкавни ниши со што се постигнувал добар пластичен ефект.

Типологија[уреди | уреди извор]

Биста на Андреја Дамјанов во дворот на Градежниот и Архитектонскиот факултет во Скопје

Плановите на објектите најчесто трикорабни базилики со високо издигнати кораби од кои најчесто најмногу е издигнат средниот и големи димензии, но постојат и објекти со поинакви планови, како впишан крст и триконхос со 5 куполи и кула камбанарија на западната страна, со повеќе куполи итн.

Градежни предизвици[уреди | уреди извор]

Во однос на темелењето и конструкциите на објектите, овој мајстор вешто се снаоѓал и успешно ги сместувал своите дела врз доста стрмни и живописни терени, поради што бил на далеку прочуен и повикуван за решавање на вакви проблеми.

Влијанија[уреди | уреди извор]

Во неговото творештво се препознаваат неколку карактеристични влијанија од други стилови, кои вешто ги применува а со тоа и ги разубавува своите градби. Влијанието од средновековната архитектура, конкретно ренесансата и барокот, се препознаваат во декоративното обликување на објектите, особено во фасадното расчленување и надворешната декорација на прозорци, апсида итн. Исто така, се забележани источни влијанија во неговото творештво во обликувањето на влезните портали, кои раскошно се материјализирани.

Неговата најраскошно изведена градба претставува соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон", додека и останатите негови градби како што се: црквата во Осоговскиот манастир, црквата „Успение на Св. Богородица" во Штипско Ново Село, како и црквите „Св. Ѓорѓи" со Смедерево, „Св. Троица" во Ниш, „Рождество на Пресвета Богородица" се одликуваат со висок сјај.

Цркви изградени од Андреј Дамјанов[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]