Прејди на содржината

Андреас Шлитер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Портрет на Шлитер од Хамбуршкиот градски дом.
Крашињскиевиот дворец
Оружарницата во Берлин.
Споменик на Големиот Изборник.
Килибарната соба

Андреас Шлитер (германски: Andreas Schlüter; 13 јули 165923 јуни 1714) — германски барокен вајар и архитект кој работел во Светото Римско Царство, Полско-литванската Државна Заедница и Царска Русија.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Роден е во Гдањск (тогаш Данциг) или во Хамбург.[1] Неговиот ран живот е недоволно јасен бидејќи во тефтерите постојат барем три различни лица со тоа име. Во записите на црквата „Св. Михаил“ во Хамбург стои дека извесен Андреас Шлитер, син вајарот Герхарт Шлитер, е покрстен во неа на 22 мај 1664 г. Во документи од Данциг/Гдањск се вели дека Андреас Шлитер (постариот) од 1640 до 1652 г. работел на улицата „Јопенгасе“ во Данџиг (денешната Пивна улица). Веројатно роден во 1640 г. извесен Андрес Шлитер (Andres Schliter) е заведен како чирак на 9 мај 1656 г. од ѕидарскиот еснаф. Други извори велат дека е роден во 1659 година.[2]

Веројатно провел неколку години во странство како калфа. Веројатно неговото прво (но непотврдено) дело се епитафите на војводите Самбор и Мстивој во куполата на Пелплинскиот манастир, изработено во 1675 г.

Првото познато дело на Шлитер се украсите на фасадата на Кралската капела во Данциг, кои ги изработил во 1681 г. Подоцна направил статуи за Виланувскиот дворец на кралот Јан III Собјески во Варшава и гробни скулптури во Жовква. Во 1689 г. се преселил во Варшава и ги направил фронтонските релјефи и вајарските дела на Крашињскиевиот дворец.

Во 1694 г. бил поканет во Берлин од Еберхард фон Данкелман за да биде дворски вајар на Оружарницата (Zeughaus) за изборникот кнез Фридрих III. Овие извајани украси се сметаат за ремек-дело на барокниот израз и патос. Иако позабележливите релјефи однадвор ја чествувале борбеноста, статуите на борци на умирање во внатрешноста ја осудуваат војната и ги одразуваат неговите пацифистички верски убедувања (се верува дека бил менонит). Патвајќи низ Италија во 1696 г. ги изучувал делата на мајсторите како Микеланџело Буонароти and Џан Лоренцо Бернини.

Шлитер работел и како архитект и изградил доста државни зданија во Берлин во неговата улога на дворски архитект (Hofbaumeister), но бил сменет кога се покажало дека една од кулите имала лабави темели. Директорувал со Пруската академија на уметностите од 1702 до 1704 г. а потоа повторно му се предал на вајарството, овојпат како дворски вајар (Hofbildhauer). Неговата најважна коњичка статуа го величи „Големот Изборник“, Фридрих Вилхелм Бранденбуршки и излеана е во 1708 г. а потоа ставена на Долгиот мост кај Градскиот дворец во Берлин. Денес е преместена во почесниот двор пред дворецот Шарлотенбург.

Градскиот дворец во Берлин, како и многу од неговите дела, настрадале од бомбардирање во Втората светска војна и во рацете на комунистичкиот режим кој уследил. Слична судбина доживеала и Килибарната соба (изработена од 1701 до 1709 г.) — неговото најславно архитектонско дело.

Поради добриот глас, во 1713 г. Шлитер бил поканет од рускиот цар Петар Велики во Санкт Петербург и изработил разни проекти. Заедно со Јохан Фридрих Браунштајн, ги осмислил Големиот дворец и дворецот Монплезир во комплексот на Петерхоф. Му се припишува и најстарата трајна градба во градот, наречена „Кинини палати“, како и релјефите на Летниот дворец. Со ова, станал важна личност во развојот на петробарокот.

Починал во 1714 г. во Санкт Петербург по извесен период боледување. Неговиот живот е овековечен во филмот Андреас Шлитер од 1942 г. во режија на Херберт Мајш, каде улогата на Шлитер ја толкува Хајнрих Георге.

  1. nach älteren Quellen angeblich am 20. Mai 1664 in Hamburg als Sohn des Bildhauers Gerhart Schlüter geborenAndreas Schlüter, во: Allgemeine Deutsche Biographie (ADB). Bd. 55, Leipzig 1910, S. 184–194.
  2. Deutsches Historisches Museum
  3. Gallery Архивирано на 21 декември 2003 г.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  •  Schluter, Andreas (англиски)“. Encyclopedia Americana. 1920.
  • Николај, Бернд (2007) "Шлитер, Андреас ". Нова германска биографија (NDB). 23. Berlin: Duncker & Humblot. стр. 111–113. (цел текст)
  • Bruck, Robert (1910), „Andreas Schlüter“, Allgemeine Deutsche Biographie (ADB) (германски), 55, Leipzig: Duncker & Humblot, стр. 184–194
  • Биографија на Андреас Шлитер од Хајнц Ладендорф, 1935 г.
  • Напис за Шлитер во Моргенпост
  • Биографија на Шлитер — dhm.de