Ана Мартиноска

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка и активистка за родова еднаквост.

Образование[уреди | уреди извор]

Дипломирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во 1994 г., каде ги завршила и постдипломските студии. Магистрирала во 2002 г. со теза со наслов “Поетика на македонските народни гатанки”. Била на кус докторски престој на Универзитетот Оксфорд во Велика Британија, а во 2010 г. на Филолошки факултет „Блаже Конески“ - Скопје ја одбранила докторската дисертација со наслов “Конески и фолклорот“.

Академска и научна дејност[уреди | уреди извор]

Од 1996 г. д-р Мартиноска е вработена во Институтот за македонска книжевност, во Одделението за македонска народна литература. Во моментов е на работното место научна советничка/редовна професорка. Учествувала со самостојни прилози во националните научноистражувачки проекти “Истражување на митот и ритуалот во македонската народна литература”, “Драмски елементи во македонскиот фолклор”, “Националните рефлексии во одредени творечки пројави од македонската книжевност 19 век”, „Аспекти на традиционалното во македонскиот фолклор“, „Аспекти на религиозното во македонскиот фолклор“ и макропроектот “Македонски книжевен лексикон”, како и во меѓународните проекти на Институтот „Родови претстави во македонската и албанската култура и социјално живеење“ (UNESCO), „Родови претстави во балканските литератури и култури“ (соработка со Унив. Неофит Рилски, Бугарија) и „Традицијата и континуитетот во македонско-хрватските врски“ (соработка со Универзитетот во Ријека, Хрватска). Посебно значајно е и нејзиното учество во меѓународните проекти “Nationality Building and the Break-up of the Empire“ (Билги Универзитет, Турција), “Learning How to Write Effectively” (во рамки на COST програмите) и “Literacy Development in the Humanities: Creating Competence Centres for the Enhancement of Reading and Writing Skills as Part of University Teaching” (SCOPES).

Напоредно со нејзината научна активност, Мартиноска предава на Постдипломските културолошки студии во книжевноста, каде е ангажирана на предметите „Вовед во културолошки студии“, „Културата и глобализацијата“, „Сексуалноста и културата", "Народна култура" и “Академско пишување“. На докторските студии на истата група ангажирана е на предметите „Културните предизвици на глобализацијата“ и „Родови претстави во современата култура и медиуми“, а на групата по Македонистика со предметите „Фолклорот и современата литература“ и „Процесите на митологизација и демитологизација во македонската книжевност“. Мартиноска има и работно искуство како предавачка по предметите „Македонска народна литература“ и „Теорија на литературата“ на Државниот Универзитет во Тетово.

Научни престои[уреди | уреди извор]

Мартиноска реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004, каде под менторство на проф. д-р Том Паулин работела на истражување на врските помеѓу фолклорот и современата литература, како и неколку престои во Србија, Бугарија, Италија и Русија. Редовен учесник е на голем број научни конференции и симпозиуми во Унгарија, Украина, Романија, Бугарија, Турција, Русија, Хрватска, Србија, Естонија, Шпанија, Швајцарија и др.

Објавени трудови[уреди | уреди извор]

Мартиноска ги има објавено книгите “Поетиката на македонските народни гатанки” (Македонска книга, 2002), “Митот и ритуалот во македонскиот фолклор – релации и проникнувања” (2008), “Голиот на гости – Антологија на македонскиот еротски фолклор” (2007), „Конески и фолклорот“ (2012), „Културни парадокси (Родот, етницитетот и идентитетот во фолклорот и литературата)“ (2014), „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ (2018), „(И)стоии од долапот: избор од македонска народна еротика“ (2020) и "Конижевноста низ критичка визура" (2021). Заедно со Маја Јакимовска-Тошиќ е уредник на изданието „Популарна култура-Поглед одозола/Popular Culture: Reading from Below" (2016) и „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“ (2019). Истовремено, таа има објавено и над 70 самостојни научни трудови во стручната и научна периодична литература во земјата и во странство, како и над двесте колумни на културолошки и родови теми во неделникот „Глобус“ и во дневниот весник „Нова Македонија“. Се занимава и со преведување на стручни трудови од англиски и српски на македонски јазик и обратно.

Мартиноска била главна и одговорна уредничка на Институтското списание за литературна наука „Спектар“ (2013-14). Членка е на редакцијата на електронското списание „Блесок“ (2012-18), одговорна за рубриките Критика и Есеи. Членка е и на Друштвото на писателите на Македонија, на Здружението за компаративна книжевност на Македонија и на Меѓународната Асоцијација за компаративна литература (ICLA).

Мартиноска е Претседателка е на Научниот совет на Институтот за македонска книжевност.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]