Прејди на содржината

Аналогија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Радерфордовиот модел на атомот (подоцна изменет од Нилс Бор) повлекува аналогија меѓу атомот и Сончевиот Систем.

Аналогија (старогрчки: ἀναλογία — „сличност“, „еднаквост“, „споредување“) — во најширока смисла означува сличност или подобие меѓу предмети, појави и слики. Тоа е и когнитивен процес на пренесување информации од еден конкретен субјект на друг.[1]

Поконкретно, поимот се користи во книжевноста каде што означува стилска постапка за воспоставување сличности меѓу неочигледни, но сродни поими или појави според некој важен белег. Елементи на поврзување преку сличност постојат и кај споредбата (каде се споредуваат идентични поими или појави), и кај метафората, како и кај паралелата. Конкретно за аналогијата е тоа што кај неа двете уметнички претстави се различно развиени, при што едната се појаснува преку другата.

Со овој збор се означува и средство во книжевната критика за воспоставување типолошки сличности меѓу книжевни ликови и дела во различни земји и епохи.

Аналогијата игра значајна улога во восприемањето, помнењето, општењето, творештвото, решавањето задачи и донесувањето одлуки. Се користи не само во книжевен, туку и во секаков друг контекст. Позната е мислата на полскиот математичар Стефан Банах: „Математичарот е човек што умее да наоѓа аналогија меѓу тврдењата; подобриот математичар умее да гледа аналогии меѓу доказите, а најдобриот — умее да согледува аналогии меѓу теориите. Можеме да претпоставиме дека најголемиот математичар меѓу сите е оној што може да открива аналогии меѓу самите аналогии.“

Јазикознание

[уреди | уреди извор]

Аналогијата во јазикознанието е зближување на претходно различни видови (морфолошки промени, зборообразување и сл.) како последица на ширењето на попродуктивен модел.

Биологија

[уреди | уреди извор]

Аналогијата во биологијата е надворешна сличност на организми од различни систематски групи, како и на органи или нивни делови што имаат различно ембрионално потекло и различна внатрешна градба. Аналогијата е последица на прилагодувањето на организмите кон живот во слични услови или извршување на иста функција на органите. Таквите органи, кои се различни по потекло, но слични по функцијата што ја вршат, се нарекуваат аналогни органи.

Примери за аналогни органи се:

  • Крилата на птиците (кои се развиваат од посебен зародиш и имаат скелет) и крилата на пеперутките (кои се развиваат од набори на надворешната обвивка на телото).
  • Трњето на глогот (кои се преобразени стебла) и трњето на жолтиката (кои се преобразени листови).
  1. Hofstadter, Douglas. „Analogy as the Core of Cognition“. Language, Cognition, and Computation Seminar Series. MIT. Посетено на 13 јуни 2023.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]