Амфакситида

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Амфакситида била старомакедонска област што го зафаќала тесниот појас долж двете страни на долниот тек на реката Вардар, од Демиркаписката Клисура до Егејското Море.[1] Во времето на Филип V (II век п. н.е.), Амфакситида е една од петте области кои во Тесалоника коват сребрени и бакарни монети. Според Хомер, во времето на Тројанската војна оваа област била централна пајонска територија од каде што (од градот Амидон) Пајонците тргнале во одбрана на Троја.

Во железното време, особено во VII и VI век п.н.е., во оваа област била создадена исклучително силна локална културна група со центар во Валандовско-гевгелискиот регион, позната како „Долновардарска“ или „Гевгелиска група“. Од тоа време датираат некрополите во: Дедели – Валандово, Зелениште - Валандово, Лисичин Дол – Марвинци, Бишов Јавор – Смоквица, Сува Река – Гевгелија, Милци – Гевгелија, како и некои некрополи на денешната грчка страна (Чаушица, Бохемица и др.).[2] Според Херодот, во VI век п.н.е. оваа област сè уште била позната како пајонска земја.[3]

Веќе во V век п.н.е. Тукидид ја спомнува Амфакситида како македонска област со четирите града (Идомене, Гортинија, Еуроп и Аталанте), кои се нашле на патот на походот на тракискиот војсководец Ситалк во Македонија, (429 п.н.е)[4].

Бројните археолошки остатоци од градски населби од предримско време на Исар-Марвинци, Вардарски Рид – Гевгелија и во околината на Кукуш упатуваат на можноста за нивно идентификување со старите македонски градови Идомене, Гортинија и Еуроп.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ф. Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Скопје, 1957
  2. И. Микулчиќ, Антички градови во Македонија, Скопје, 2003
  3. В. Соколовска, Исар Марвинци и Повардарјето во античко време, Скопје, 1986
  4. Thucydides, 4 vols., Harvard Univessity Press, 1958
  5. група автори, Вардарски рид, Скопје, 2005