Прејди на содржината

Американски напад врз Венецуела

Од Википедија — слободната енциклопедија
Американски напад врз Венецуела
Дел од операцијата „Јужно копје“, Кризата во Венецуела и Војната против дрогата
Место
Северна Венецуела, вклучувајќи го и Каракас
Испланирано одМинистерство за одбрана на САД
Заповедано одДоналд Трамп
ЦелНиколас Мадуро и Силија Флорес
Датум3 јануари 2026
02:01 04:29[1] (VET, UTC−04:00)
Спроведено од
ИсходНиколас Мадуро и Силија Флорес се заробени од страна на војската на САД
Жртви2 повредени американски војници
најмалку 80 загинати, вклучувајќи најмалку 1 цивил (висок венецуелски чиновник)[2]

На 3 јануари 2026 г., САД спровеле воена операција против Венецуела под името операција „Апсолутна одлучност“. Операцијата започнала со масовни воздушни и, по сѐ изгледа, ракетни напади врз објекти на територијата на Венецуела, вклучувајќи го и главниот град Каракас. Потоа, со вртолети била спуштена група специјални единици, која го заробила претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, заедно со неговата сопруга, и ги изнела од земјата во САД.

Властите на САД поднеле обвиненија против Мадуро и неговата сопруга за вмешаност во наркотрговија. На операцијата ѝ претходела неколкумесечна затегнатост, во чиј тек американската војска извршувала напади врз чамци што излегувале од Венецуела, а за кои САД тврделе дека превезуваат дрога, и исто така пресретнувале нафтени танкери што доаѓале од Венецуела.

Американската воена операција започнала по заострувањето на затегнатоста меѓу Венецуела и САД. На неа ѝ претходела операцијата „Јужно копје“ под водство на Јужната команда на САД, која била насочена кон користење на хибридна флота од паметни пловила, опремени со роботика и автономно вооружување. Целта на оваа претходна фаза била откривање и сузбивање на наводната наркотрговија во Латинска Америка, со фокус на Венецуела и злосторничките мрежи на таканаречениот „Картел на сонцето“.

Во склоп на новата операција, Соединетите Држави започнале со воздушни напади врз бродови во Карипското Море, за кои тврделе дека превезуваат наркотици под заштита на венецуелските власти. Истовремено, САД ги засилиле своите морнарички сили во јужниот дел на Карибите, каде ги испратиле десантниот брод USS Iwo Jima и носачот на авиони USS Gerald R. Ford. Овие сили започнале со пресретнување и запленување на нафтени танкери, со што практично вовеле поморска блокада на Венецуела.

Администрацијата на Трамп ја обвинила Венецуела дека ги користи приходите од природните ресурси за финансирање на мрежите на светското подземје и наркотрговија. Овие обвинувања биле категорично отфрлени од претседателот Николас Мадуро. Тој возвратил со тврдење дека САД ја користат „војната против дрогата“ само како изговор за да го соборат од власт и да ги присвојат огромните нафтени резерви на земјата.

Дополнително, кон крајот на декември 2025 г., по директива на ЦРА, САД започнале фаза на тајни операции внатре во самата територија на Венецуела. Ова следело по претходната најава на Трамп дека американските вооружени сили ќе почнат со напади врз стратешки објекти на венецуелска територија.[3][4]

Операција

[уреди | уреди извор]

На 2 јануари, во 23:46 ч. по месно време во Венецуела, претседателот Трамп ја издал наредбата за почеток на воената операција, притоа заобиколувајќи го Конгресот на САД поради безбедносни ризици и зачувување на елементот на изненадување. Околу два часот по полноќ на 3 јануари, во околината на главниот град Каракас и клучните крајбрежни места како Ла Гвајра и Игуероте, одекнале најмалку седум силни избувнувања придружени со низок лет на воени авиони.[5] Во оваа масовна воздушна офанзива учествувале 150 летала од сите родови на американската војска, вклучувајќи ги најсовремените невидливи ловци F-22A Raptor и F-35, тешките бомбардери B-1B Lancer, како и голем број на беспилотни летала и авиони за електронско војување. Трамп подоцна изјавил дека војската располагала со борбен авион за секое можно сценарио, а главна цел на првичните удари биле воените антени и стратешките бази како Ла Карлота и Форт Тиуна, со цел целосно онеспособување на венецуелските комуникации и одбрана.

Додека траеле воздушните напади врз воената инфраструктура и аеродромите, елитниот 160-ти полк на американската војска со вртолети транспортирал припадници на единицата „Делта форс“ право во Каракас. Иако еден вртолет бил оштетен од противвоздушниот оган на венецуелските сили, мисијата продолжила, а на војниците им се придружиле и специјални екипи на ФИБ за службено апсење на Николас Мадуро во неговиот претседателски комплекс. Целата операција траела само триесет минути и била извршена во услови на целосен мрак, бидејќи американските сили претходно ја оневозможиле електричната мрежа во градот. Сателитските снимки потврдиле огромни разурнувања во пристаништето Ла Гвајра и на аеродромот во Игуероте, каде биле уништени складишта, возила и венецуелски противвоздушен систем Buk-M2E. Како одговор на нападите, кои ги оквалификува како империјалистичка агресија, Мадуро прогласил национална вонредна состојба и побарал итно преземање мерки од Советот за безбедност на Обединетите нации.

Последици

[уреди | уреди извор]

Сојузната управа за воздухопловство издала соопштение (NOTAM) со кое на американските авиони им се забранува летање на сите височини во рамките на венецуелскиот воздушен простор, повикувајќи се на „тековните воени дејствија“. Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Каракас издала предупредување за граѓаните да останат во засолништа. Според извештаите, јужниот дел на Каракас останал без електрична енергија.

  1. „Trump Administration makes an example of Maduro, will 'run' Venezuela for now“. World Tribune. 3 јануари 2026. Посетено на 3 јануари 2026. U.S. special forces team arrived at Maduro's compound at 2:01 local time in Caracas...were onboard U.S. aircraft over the water at 3:29 a.m. (ET) and transported to the USS Iwo Jima
  2. https://www.nytimes.com/live/2026/01/04/world/trump-us-venezuela-maduro
  3. Sérvulo González, Jesús (2025-12-30). „Trump escalates conflict with Venezuela with the start of covert operations“. El País. Посетено на 2026-01-02.
  4. Cancryn, Adam (2026-01-02). „Trump says strikes on targets inside Venezuela to start "soon". CNN. Посетено на 2026-01-02.
  5. „Medios de Estados Unidos afirman que Donald Trump ordenó ataques "en sitios dentro de Venezuela" [U.S. media say Donald Trump ordered attacks "on sites within Venezuela"]. NTN24 (шпански). 3 January 2026. Посетено на 3 јануари 2026.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]