Американска депозитарна потврда

Од Википедија — слободната енциклопедија

Американска депозитарна потврда или АДР (англиски: American Depositary Receipt, ADR) — финансиски инструмент кој им овозможува на странските претпријатија посредно да издадат акции на американскиот пазар на капитал. Всушност, со оваа потврда се создаваат „привидни“ акции кои имаат покритие во акциите на претпријатието кое ја издава депозитарната потврда. Притоа, претпријатието ги остава своите акции на чување во некоја банка (депозитарна банка), која ја издава депозитарната потврда, а потоа со неа се тргува на берзите или на шалтерските пазари. На тој начин, посредно, всушност се тргува со оригиналните акции на претпријатието.

Одлики на АДР[уреди | уреди извор]

Американските депозитарни потврди претствауваат механизам кој им овозможува на странските фирми да приберат капитал преку издавање акции во САД или нивните акции да котираат на американските берзи или на шалтерските пазари. Оттука, за американските инвеститори, тргувањето со американските потврди е сосема исто како да тргуваат со акциите на претпријатијата кои ги издаваат. Цената на американската депозитарна потврда се изразува во долари и таа постојано се приспособува во однос на промените на девизниот курс. Исто така, цената на американската депозитарна потврда се движи многу блиску до цената на оригиналните акции на кои гласи таа, т.е. разликата меѓу цената на поттврдата и цената на акциите ретко надминува 1 %. Купувачите на депозитарната потврда го задржуваат правото на глас кое го носат акциите што служат како поткрепа на потврдата. Со други зборови, ако инвеститорот поседува потврда која гласи на 100 акции од некое претпријатие, тогаш тој има право на глас на акционерското собрание. Трговијата со АДР започнала во 1927 година, а потоа овој пазар доживеал голем пораст. На пример, во 1995 година, на американските берзи се тргувало со 1 800 АДР од 58 земји, додека во јуни 2008 година, на Њујоршката берза котирале 418 американски депозитарни потврди од 45 земји.[1][2][3]

АДР им овозможуваат бројни предности на инвеститорите, како:[4]

  • тие се деноминирани во долари, со нив се тргува на американските берзи и се купуваат преку редовните брокери; на тој начин, значително се намалуваат трансакциските трошоци и ризикот на американските инвеститори,
  • дивидендите на акциите на кои гласат АДР ги собира и ги претвора во долари банкат која ја игра улогата на чувар на имотот, што исто така ги намалува трансакциските трошоци,
  • трансакциите со АДР се извршуваат во рок од три работни дена, исто како и кај американските хартии од вредност,
  • цените на АДР котираат во долари,
  • АДР се регистрирани хартии од вредност, а со тоа се обезбедени правата на сопствениците,
  • АДР можат да се наплатат или со продажба на берзата или со нивна продажба на депозитарната банка,
  • АДР најчесто претставуваат повеќе акции со цел нивниет цени да се движат во распонот што е соодветен за американските инвеститори.

Депозитарните потврди ги издаваат познатите странски мултинационални претпријатија, како: Сони, Хонда, Тојота, Дојче телеком, АБН Амро итн., а нив ги создаваат големите банки, како Citicorp или Bank of America. Постојат три нивоа на американски депозитарни потврди:[5][6]

  • АДР од ниво 1: со овие потврди се тргува само на шалтерските пазари, а нивните цени се објавуваат на електронските платформи од типот на OTC Buletin Board со кој раководи НАСДАК; за издавање на овие потврди претпријатијата треба да исполнат само минимални критериуми - да се регистрираат кај Комисијата за хартии од вредност и да поднесат соодветни документи.
  • АДР од ниво 2: со овие потврди се тргува на берзите, но со нив не се обезбедува нов капитал; за нивното издавање, покрај условите од нивото 1, претпријатието има обврска да ги достасува годишните финансиски извештаи.
  • АДР од ниво 3: за издавање на овие потврди треба да се исполнат најстроги критериуми, зашто тие котираат на берзите и со нив може да се обезбеди свеж капитал.

Меѓутоа, во 2002 година со т. н. Сарбејнс-Окслиев закон (Sarbanes-Oxley Act) биле поставени дополнителни, поостри критериуми за АДР од првото и второто ниво, со што значително се намалила нивната привлечност.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 67, 83.
  2. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 215.
  3. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 402.
  4. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 215-216.
  5. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 271.
  6. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 422-423.