Прејди на содржината

Алфа блокатор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алфа блокатори
α-адренорецептор-блокатори
Класа на лек
Употреба • Хипертензија
 • Вазоконстрикција
 • Бенигна хиперплазија на простатата
 • Рејно болест
 • Феохромоцитом
 • Срцева слабост
 • Еректилна дисфункција
Биолошки таргетα-адренорецептори
Специфични локации и функции на α-рецепторите. Слика од Основна и клиничка фармакологија од Бертрам Кацунг и сор. [1]

Алфа-блокаторите, познати и како α-блокатори или антагонисти на α-адренорецепторите, се класа на фармаколошки супстанции кои дејствуваат како антагонисти на α-адренергичните рецептори ( α-адренорецептори).[2]

Историски гледано, алфа-блокаторите се користеле како алатка за фармаколошки истражувања за да се развие поголемо разбирање на автономниот нервен систем. Користејќи алфа блокатори, научниците почнаа да го карактеризираат артерискиот крвен притисок и централната вазомоторна контрола во автономниот нервен систем.[3] Денес тие можат да се користат во клиничкиот третмани кај одредени болести.[2]

Алфа блокаторите можат да третираат мал опсег на болести како хипертензија, Рејнова болест, бенигнен синдром на простатата и еректилна дисфункција.[2] Општо земено, овие лекови дејствуваат преку врзување на α-блокаторот за α-рецепторите на мазните мускули во артериските крвни садови и органите со мазна мускулатура (пр. мочниот меур). Со врзувањето на алфа-блокаторите се постигнува блокирање на алфа-адренорецепторите што доведува до релаксација на мазните мускули што резултира, на пример, со ширење на крвните садови.[2]

Класификација

[уреди | уреди извор]
Шема на внатреклеточна сигнализирачка патека на GPCR-рецептор (рецептор поврзан со Г-белковина) со подединици Gi, Gs, Gq.
  • α1-блокаторите делуваат на α1-адренорецепторите
  • α2-блокаторите делуваат на α2-адренорецепторите

Кога се користи терминот „алфа блокатор“ без дополнителна квалификација, тој може да се однесува блокатори со различен степен на селективност кон одреден адренорецептор: α-блокатор, α2-блокатор, неселективен блокатор (делува и на двата алфа-рецептори, алфа 1 и алфа 2) или α-блокатор со делумна β-активност.[2] Сепак, најчестиот тип на алфа-блокатори обично е α1-блокатор.

Неселективни антагонисти на α-адренергичните рецептори вклучуваат:

  • Феноксибензамин
  • Фентоламин
  • Толазолин
  • Тразодон

Селективните антагонисти на α1-адренергичните рецептори вклучуваат:

Селективни антагонисти на α2-адренергичните рецептори вклучуваат:

  • Атипамезол
  • Идазоксан
  • Миртазапин
  • Јохимбин

Супстанциите карведилол и лабеталол се истовремено и α- и β-блокатори.

Подолу се дадени некои од најчестите лекови кои се користат во клиниката.

Име на супстанцијата Пример за трговско име Структура Механизам на дејство Ефекти Клиничка примена Несакани ефекти
Феноксибензамин Dibenzyline Неселективно ковалентно врзување за α1 and α2 рецепторите.

Иреверзибилно врзување.[2][10]

Го намалува крвниот притиок преку намалување на периферниот отпор.

Ја блокира алфа-индуцираната вазоконстрикција.[2]

  • Феохромоцитом
  • Перкумерно ослободување на катехоламини [2]
Фентоламин Reglitin Компетитивно блокирање на α1 и α2 рецепторите

4 часа на дејство по иницијална администрација.[2][10]

Отповраќање на ефектите предизвикани од адреналин.

Го намалува крвниот притисок преку намалување на периферниот отпор.[2][10]

  • Феохромоцитом[2]
  • Рефлексна стимулација на срцето
  • Тахикардија
  • Аритимија
  • Ангинозна болка [10]
Празосин minipress Компетитивно блокирање на α1 рецепторот.[10] Го намалува крвниот притисок.[2]
  • Ефект на прва доза
  • Ортостатска хипотензија
  • Затнат нос
  • Вртоглавица
  • Недостаток на енергија
  • Главоболка
  • Поспаност [2][10]
доксазосин Cardura

Cardura XL

компетитивно блокирање на α1 рецепторот.[10] Го намалува крвниот притисок.[2]
  • Хипертензија
  • Бенигна хиперплазија на простатата[5]
  • Ефект на прва доза
  • Ортостатска хипотензија
  • Затнат нос
  • Вртоглавица
  • Недостаток на енергија
  • Главоболка
  • Поспаност [2][10]
Терасозин Hytrin Компетитивно блокирање α1 рецепторот.[10] Го намалува крвниот притисок.[2]
  • Ефект на прва доза
  • Ортостатска хипотензија
  • Затнат нос
  • Вртоглавица
  • Недостаток на енергија
  • Главоболка
  • Поспаност [2][10]
Тамсулозин Flomax Блокатор кој има блага селективност за α1 рецепторите.[2] Релаксација на простатичната мускулатура.[2]
  • Ортостатска хипертензија [2]
Јохимбин Yocon Ги блокира α2 рецепторите, и зголемува ослободување на норадреналин со што ја зголемува активноста на централниот нервен систем.[2] Го зголемува крвниот притисок и срцевото отчукување.[2]
  • Може да предизвика неспокој[12]
  • Стимулација на централниот нервен систем
Лабеталол Trandate Блокира одредена активност на α1 рецептор, но се врзува посилно за β рецептори.[2] Го намалува крвниот притисок, благо зголемување на срцевото отчукување.[2]
  • Може да предизвика тахикардија [2]
Карведилол Coreg

Coreg CR

Блокира одредена α1 рецепторна активност, но посилно се врзува за β рецептори.[2] Може да интерферира со норадренергични механизми.[2]
  • Истоштеност [2]

Медицинска употреба

[уреди | уреди извор]

Иако постои ограничена клиничка употреба на α-блокаторите, каде повеќето α-блокатори се користат за хипертензија или бенигна хиперплазија на простатата, α-блокаторите може да се користат и за лекување на неколку други болести, како што се болеста на Рејно, конгестивна срцева слабост, феохромоцитом и еректилна дисфункција.[15][16][17]

Понатаму, α-блокаторите може повремено да се користат за лекување на анксиозни и панични нарушувања, како што се кошмари индуцирани во рамките на посттрауматско стресно растројство.[6] Исто така постои голем медицински интерес во студии за тестирање на алфа-блокатори, особено α2-блокатори, во лекувањето на дијабетес тип II и психијатриска депресија.[2]

Голем крвен притисок (хипертензија)

[уреди | уреди извор]

Хипертензијата се должи на зголемување на васкуларниот отпор и вазоконстрикција (собирање на крвните садови). Употребата на α1 -селективни антагонисти, како што е празосин, е ефикасно во лекувањето на блага до умерена хипертензија. Тоа е затоа што овие супстанци можат да го намалат васкуларниот отпор и да го намалат притисокот.[2][18] Сепак, иако овие лекови генерално добро се поднесуваат, тие имаат потенцијал да предизвикаат несакани ефекти како што се ортостатска хипотензија (пад на крвниот притисок при станување и стоење) и вртоглавица.[2] Сепак, за разлика од другите третмани за хипертензија, како што се АКЕ инхибитори, Ангиотензин рецептор антагонисти, блокатори на калциумови канали, тиазидни диуретици или бета блокатори, алфа-блокаторите не ги покажаа истите придобивки за смртност и морбидитет, и затоа генерално не се користат како лекови од прва или дури втора линија за третмант на хипертензијата.

Друг третман за хипертензија е употребата на лекови кои покрај α 1 блокирачката активност, дополнително и неселективна β-активност, како што се супстанциите лабеталол или карведилол.[19] Во мали дози, лабеталолот и карведилолот може да го намалат периферниот отпор и да ги блокираат ефектите на изопреналинот за да ги намалат хипертензивните симптоми.[19]

Феохромоцитом

[уреди | уреди извор]
Слика на пациент со феохромоцитом (тумор во срцевината на надбубрежната жлеза). Кај пациентите со оваа болест се формира тумор кој лачи катехоламин и предизвикува прекумерна стимулација на автономиот нервен систем, како што се прекумерно потење и тахикардија. Неселективни алфа блокатори, како што се феноксибензамин или фентоламин, може да се користат за ублажување на оваа болест.

Феохромоцитомит е состојба во која се развива тумор кој лачи катехоламини.[2][20] Овој тумор лачи постојано или повремено норадреналин и адреналин.[21] Прекумерното ослободување на овие катехоламини ја зголемува стимулацијата на централниот нервен систем, со што крвните садови го зголемуваат васкуларниот отпор и на крајот доведува до зголемен крвен притисок.[20] Покрај големиот крвен притисок, кај пациентите со овие ретки тумори често се јавуваат и главоболки, срцеви треперења (палпитации) и зголемено потење.[2]

Феноксибензамин, неселективен α1 и α2 блокатор, се користи за лекување на феохромоцитом.[21] Овој лек ја блокира активноста на адреналинот и норадреналинот со антагонизирање на алфа рецепторите (т.е. ја спречува активација на алфа рецепторите од страна на адреналин и норадреналин), со што се намалува васкуларниот отпор, се зголемува вазодилатација (ширењето на крвните садови) и се намалува крвниот притисок.[21]

Срцева слабост

[уреди | уреди извор]

Блокаторите кои имаат дополнителна способност покрај α рецепторите да ги блокираат и β рецепторите, како што се карведилол, буциндолол и лабеталол, имаат способност да ги ублажат симптомите при срцева слабост.[22] Со врзување и за α и за β рецепторите, овие лекови можат да го намалат срцевиот минутен волумен и да го стимулираат проширувањето на крвните садови за да се намали на крвниот притисок.[22]

Еректилна дисфункција

[уреди | уреди извор]

Јохимбин, α2 блокатор добиен од кората на дрвото Pausinystalia johimbe, е тестиран за зголемување на либидото и лекување на еректилна дисфункција. Предложениот механизам за јохимбин е блокада на адренергичните рецептори кои се поврзани со инхибиција на невротрансмитерите, вклучително допамин и азотен оксид, и на тој начин помагање во ерекцијата на пенисот и либидото.[23] Со тоа, тие можат да го променат протокот на крв во пенисот за да помогнат во постигнување на ерекција. Сепак, може да се појават некои несакани ефекти, како што се палпитации (срцеви треперења), тремор, покачен крвен притисок и анксиозност .[23] Кората на Јохимбе содржи алкалоиди кои ги блокираат и алфа-1 и алфа-2 адренергичните рецептори.

Фентоламин, неселективен алфа-блокатор, исто така е тестиран за лекување на еректилна дисфункција. Со намалување на вазоконстрикцијата во пенисот, се чини дека има зголемен проток на крв што помага во ерекцијата на пенисот. Несаканите ефекти поврзани со фентоламин вклучуваат главоболка, црвенило и затнат нос.[23]

Бенигна хиперплазија на простата, болест во која уринарното задржување станува проблем. Може да се користат алфа-1 блокатори, но тоа може да резултира со несакани ефекти како што се зголемено мокрење и ретроградна ејакулација.

Бенигна хиперплазија на простата

[уреди | уреди извор]

Кај бенигната хиперплазија на простатата (или поново: бениген синдром на простатата), доаѓа до стеснување на мочниот канал во делот каде што тој поминува низ простатата поради зголемениот волумен на простатата, така што кај засегнатите мажи е отежнато мокрењето и празнењето на мочниот меур, што доведува до задршка на мочта во мочниот меур (уринарна ретенција).[2] За ублажување на симптомите на отежнато мокрење кај оваа состојба се користат специфични блокатори на α-рецепторот кои доведуваат до опуштање на мазната мускулатура вовратот на мочниот меур и делот на мочниот канал кој поминува низ простатата.[24][25] Празосин, доксазосин и теразосин се особено корисни за пациенти со бенигна хиперплазија на простатата, особено кај пациенти со висок крвен притисок.[2] Кај таквите пациенти, овие лекови можат да ги третираат двете состојби истовремено.[2] Кај пациенти без висок крвен притисок, може да се користи тамсулозин, бидејќи има способност да ги релаксира мочниот меур и мазните мускули на простатата без да предизвика големи промени во крвниот притисок поради неговото поспецифично дејство.[25]

Рејнова болест

[уреди | уреди извор]
Пациентите со Рејнов синдром доживуваат прекин на протокот на крв од прстите што предизвикува големо намалување на кислородот, што доведува до промена на бојата на прстите. Употребата на алфа блокатори помага во повраток на протокот на крв и третман на синдромот преку стимулирање на проширувањето на крвните садови.

Во третманот на Рејновата болест се испитани и α1 блокаторите и α2 блокаторите. Иако α1 блокаторите, како празосин, се чини дека доведуваат до благо подобрување на склеротичните симптоми на Рејновата болест, многу несакани ефекти се јавуваат при земање на овој лек. Спротивно на тоа, α2 блокаторите, како што е Јохимбин, се чини дека обезбедуваат значително подобрување на склеротичните симптоми кај Рејновата болест без прекумерни несакани ефекти.[26]

Посттрауматско стресно растројство

[уреди | уреди извор]

Пациентите со посттрауматско стресно растројство често продолжуваат да покажуваат симптоми и покрај тоа што се лекуваат со лекови специфични за оваа состојба.[27] Покрај тоа, пациентите со оваа состојба често продолжуваат да доживуваат изнемоштувачки кошмари и покрај нивните третмани.[27] Високите дози на α1 блокаторот, празосин, се ефикасни во лекувањето на пациенти со кошмари предизвикани од посттрауматско стресно растројство поради неговата способност да ги блокира ефектите на норадреналин.[27]

Несаканите ефекти на празосин при лекување на кошмари кај состојбата на посттрауматско стресно растројство вклучуваат вртоглавица, ефект на првата доза (ненадејно губење на свеста), слабост, гадење и замор.[27]

Несакани ефекти

[уреди | уреди извор]

Иако алфа-блокаторите имаат способност да намалат одредена патологија на болеста, постојат некои несакани ефекти кои доаѓаат со овие алфа блокатори.[28] Поради тоа што постојат неколку структурни карактеритики кои го прават секој алфа-блокатор различен последователно и несаканите ефекти се различни за секој алфа-блокатор. Несаканите ефекти кои се јавуваат при земање алфа блокатори може да вклучуваат ефект на првата доза, кардиоваскуларни, генитоуринарни, како и други несакани ефекти.[28]

Ефект на првата доза

[уреди | уреди извор]

Еден од најчестите несакани ефекти кај алфа-блокаторите е ефектот на првата доза.[29] Станува збор за појава во која пациентите со висок крвен притисок за прв пат земаат алфа-блокатор и наеднаш доживуваат интензивно намалување на крвниот притисок. На крајот, ова доведува до ортостатска хипотензија, вртоглавица и ненадејно губење на свеста поради драстичниот пад на крвниот притисок.[29]

Алфа блокаторите кои ги поседуваат овие несакани ефекти вклучуваат празосин, доксазосин и теразосин.[30]

Кардиоваскуларни несакани ефекти

[уреди | уреди извор]

Постојат некои алфа-блокатори кои можат да доведат до промени во кардиоваскуларниот систем, како што се индукција на рефлексна тахикардија, ортостатска хипотензија или срцеви палпитации преку промени на QT интервалот.[28][31]

Алфа блокаторите кои може да доведат до овие несакани ефекти вклучуваат јохимбин, феноксибензамин и фентоламин.[2]

Генитоуринарни несакани ефекти

[уреди | уреди извор]

Земањето на алфа блокаторите за симптоматски третман на бенигна хиперплазија на простатата предизвикува ширење на крвните садови на мочниот меур и на простатата, со што се зголемува мокрењето.[32] Сепак, овие алфа-блокатори може да предизвикаат сосема спротивен несакан ефект во кој се јавува едем, или абнормално задржување на течности.[33]

Покрај тоа, поради релаксација на мазните мускули на простатата, друг несакан ефект што се јавува кај мажите кои се лекуваат за бенигна хиперплазија на простатата е импотенција како и неможноста за ејакулација.[32][34] Меѓутоа, ако се појави каква било активност на ејакулација, честопати, тоа резултира со феномен наречен ретроградна ејакулација, при која спермата се исфрла во мочен меур наместо да се исфрли кон надвор преку мочниот канал.[34]

Лекови кои можат да предизвикаат такви несакани ефекти вклучуваат празосин, теразосин, тамсулозин и доксазосин.[34]

Други несакани ефекти

[уреди | уреди извор]

Конечно, постојат и други општи несакани ефекти кои можат да бидат предизвикани од повеќето алфа блокатори (почесто кај алфа-1 блокаторите). Таквите несакани ефекти вклучуваат вртоглавица, поспаност, слабост, замор, психијатриска депресија и сува уста.[28][34]

Пријапизмот, несакана, болна долготрајна ерекција која не е предизвикана од сексуално возбудување и трае неколку часа, е поврзана со употребата на алфа блокатори. Иако ова е исклучително ретко, особено ретко со тамсулозин, може да предизвика трајна импотенција доколку не се лекува во болнички услови. Машките пациенти треба да бидат свесни за оваа состојба може да се појави дури и од единечна доза или да се развие со текот на времето.

Контраиндикации

[уреди | уреди извор]

Постои само една убедлива индикација за алфа блокатори, а тоа е за бенигна хиперплазија на простатата.[33] Пациентите кои имаат потреба за алфа-блокатори кај бенигна хиперплазија на простатата, но имаат историја на хипотензија или постурална срцева слабост, треба да ги користат овие лекови со претпазливост, бидејќи тоа може да резултира со уште поголемо намалување на крвниот притисок или да ја влоши срцевата слабост.[35][36] Најубедливата контраиндикација е состојбата на недржливост на мочта (уринарна инконтиненција) и општо задршка на течности.[35][36] За борбата против задршка на течности, пациентите можат да земаат диуретик во комбинација со алфа-блокатор.[36]

Кај пациентите со висок крвен притисок и во отсуство на убедливи индикации или контраиндикации, пациентите може да треба да земаат алфа блокатори, но само во случај ако третманот со следниве лекови не се покажал како ефикасен: АКЕ инхибитори, блокатори на рецепторот на ангиотензин-II, блокатори на калциумови канали или тазидни диуретици (во целосна доза или во комбинации).[33][35][36]

Интеракции со други лекови

[уреди | уреди извор]

Како и со било кој лек, постојат интеракции со лекови кои можат да се појават со алфа-блокаторите. На пример, алфа-блокаторите кои се користат за намалување на крвниот притисок, како што се феноксибензамин или фентоламин, може да имаат синергија (засилено дејство) со други лекови кои влијаат на мазните мускули, крвните садови или лекови кои се користат за еректилна дисфункција (т.е. силденафил, тамсулозин, итн.). Ова може да доведе до прекумерно намалување на крвниот притисок, односнохипотензија.[2]

Алтернативните алфа блокатори, како што се празосин, тамсулозин, доксазосин или теразосин може да имаат негативни интеракции со бета блокатори, лекови за еректилна дисфункција, анксиолитици и антихистаминици.[2] Овие интеракции може да предизвикаат опасна хипотензија. Понатаму, во ретки случаи, интеракции со лекови може да предизвикаат неправилни, забрзани отчукувања на срцето или зголемување на крвниот притисок.[2]

Јохимбин може да покаже интеракција со стимуланси, лекови за висок крвен притисок, налоксон и клонидин. Интеракции со такви лекови може да предизвикаат или ненамерно зголемување на крвниот притисок или да го засилат зголемувањето на крвниот притисок.[2]

Конечно, кај лекови со истовремено алфа и бета блокирачки својства, како што се карведилол и лабеталол, интеракциите со други алфа или бета блокатори може да го преувеличат намалувањето на крвниот притисок.[2] Спротивно на тоа, постојат и интеракции со лекови со карведилол или лабеталол во кои крвниот притисок се зголемува ненамерно (како на пример со лекови за кашлица и настинка).[2] Конечно, може да има интеракции со алфа/бета блокатори кои може да ја влошат претходната срцева слабост.[2]

Механизам на дејство

[уреди | уреди извор]

Алфа блокаторите дејствуваат така што го блокираат ефектот на нервите на симпатичкиот нервен систем. Нивното дејство го постигнуваат преку врзување за алфа рецепторите во мазните мускули или крвните садови.[37] α-блокаторите можат да се врзат и реверзибилно (повратно) и иреверзибилно (повратно).[2]

Постојат неколку α рецептори низ телото каде што овие лекови можат да се врзат. Поточно, α1 рецепторите може да се најдат во повеќето мазни мускули на крвните садови, мускулот ширач на зеницата (M. dilatator pupillae), срцето, простатата и пиломоторните мазни мускули.[2] Од друга страна, α2 рецепторите може да се најдат во тромбоцитите, холинергичните нервни завршетоци, некои мазни мускули на крвни садови, постсинаптичките неврони во централниот нервен систем и масните клетки (адипоцити).[2]

Алфа рецепторите претставуваат класични Г-белковини споен рецептор (GPCR) кој се состои од 7 трансмембрански домени, кои формираат три внатреклеточни јамки и три вонклеточни јамки.[2] Овие рецептори се спојуваат со хетеротримерни Г-белковини составени од α, β и γ подединици.[2] Иако и двата α рецептори се GPCR, постојат големи разлики во нивниот механизам на дејство. Алфа 1 рецепторите се споени Gq форма на Г-белковина, така што сигнализираат преку фосфолипаза Ц за зголемување на секундарните гласници IP3 и DAG, со што се зголемува ослободувањето на калциум во клетката. Во меѓувреме, алфа 2 рецепторите се споени со Gi форма на Г-белковина, така што тие сигнализираат преку аденилил циклаза за намалување на секундарниот гласник cAMP.[38]

Бидејќи α1 и α 2 рецепторите имаат различни механизми на дејство, нивните антагонисти исто така имаат различни ефекти.[39] α1 блокаторите можат да го инхибираат ослободувањето на IP3 и DAG за да го намалат ослободувањето на калциум, со што се намалува клеточното сигнализирање. Од друга страна, α2 блокаторите го спречуваат намалувањето на cAMP, што доведува до зголемување на клеточното сигнализирање.

Каскада на внатреклеточно сигнализирање на алфа-1 рецептори и ефектот на антагонистите врз сигнализирачката патека.
Каскада на внатреклеточно сигнализирање на алфа-2 рецептори и ефектот на антагонистите врз сигнализирачката патека.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Katzung, Bertram (1987). Basic and Clinical Pharmacology. Appleton & Lange. ISBN 9780838505533.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 2,21 2,22 2,23 2,24 2,25 2,26 2,27 2,28 2,29 2,30 2,31 2,32 2,33 2,34 2,35 2,36 2,37 2,38 2,39 2,40 2,41 2,42 2,43 2,44 2,45 2,46 2,47 2,48 2,49 2,50 2,51 2,52 2,53 2,54 Katzung, Bertram; Masters, Susan (2013). Basic and Clinical Pharmacology. Lange. ISBN 978-0-07-176402-5. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:2“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  3. Bousquet, P.; Schwartz, J. (1983). „Alpha-adrenergic drugs“. Biochemical Pharmacology. 32 (9): 1459–1465. doi:10.1016/0006-2952(83)90466-5. PMID 6134533.
  4. McKeage, Kate; Plosker, Greg L. (2002-03-01). „Alfuzosin“. Drugs (англиски). 62 (4): 633–653. doi:10.2165/00003495-200262040-00009. ISSN 0012-6667. PMID 11893233.
  5. 5,0 5,1 Nash, D. T. (1990-11-01). „Alpha-adrenergic blockers: Mechanism of action, blood pressure control, and effects on lipoprotein metabolism“. Clinical Cardiology (англиски). 13 (11): 764–772. doi:10.1002/clc.4960131104. ISSN 1932-8737. PMID 1980236.
  6. 6,0 6,1 6,2 Green, Ben (2014). „Prazosin in the Treatment of PTSD“. Journal of Psychiatric Practice. 20 (4): 253–259. doi:10.1097/01.pra.0000452561.98286.1e. PMID 25036580.
  7. „Tamsulosin Monograph for Professionals“. Drugs.com. Архивирано од изворникот на 2021-01-20. Посетено на 29 January 2021.
  8. 8,0 8,1 Lepor, Herbert; Henry, David; Laddu, Atul R. (1991-01-01). „The efficacy and safety of terazosin for the treatment of symptomatic BPH“. The Prostate (англиски). 18 (4): 345–355. doi:10.1002/pros.2990180408. ISSN 1097-0045. PMID 1711689.
  9. Michel, Martin C. (2010). „The Pharmacological Profile of the α1A-Adrenoceptor Antagonist Silodosin“. European Urology Supplements. 9 (4): 486–490. doi:10.1016/j.eursup.2010.03.006.
  10. 10,00 10,01 10,02 10,03 10,04 10,05 10,06 10,07 10,08 10,09 10,10 10,11 Mycek, Mary J.; Harvey, Richard A.; Champe, Pamela C. (1997). Pharmacology (2. изд.). Philadelphia: Lippincott-Raven. ISBN 978-0397515677. OCLC 34905985.
  11. Narayan, Perinchery; Tunuguntla, Hari Siva Gurunadha Rao (2005). „Long-Term Efficacy and Safety of Tamsulosin for Benign Prostatic Hyperplasia“. Reviews in Urology. 7 (Suppl 4): S42–S48. ISSN 1523-6161. PMC 1477608. PMID 16986054.
  12. Charney, D. S.; Woods, S. W.; Goodman, W. K.; Heninger, G. R. (1987-08-01). „Neurobiological mechanisms of panic anxiety: biochemical and behavioral correlates of yohimbine-induced panic attacks“. American Journal of Psychiatry. 144 (8): 1030–1036. doi:10.1176/ajp.144.8.1030. ISSN 0002-953X. PMID 3037926.
  13. Richards, DA (August 1976). „Pharmacological effects of labetalol in man“. British Journal of Clinical Pharmacology. 3 (4 Suppl 3): 721–3. PMID 10949.
  14. Cohn, Jay N.; Fowler, Michael B.; Bristow, Michael R.; Colucci, Wilson S.; Gilbert, Edward M.; Kinhal, Vithal; Krueger, Steven K.; Lejemtel, Thierry; Narahara, Kenneth A. (1997). „Safety and efficacy of carvedilol in severe heart failure“. Journal of Cardiac Failure. 3 (3): 173–179. doi:10.1016/s1071-9164(97)90013-0. PMID 9330125.
  15. Roehrborn, Claus; Schwinn, Debra (March 2004). „α1-Adrenergic Receptors and Their Inhibitors in Lower Urinary Tract Symptoms and Benign Prostatic Hyperplasia“. The Journal of Urology. 171 (3): 1029–1035. doi:10.1097/01.ju.0000097026.43866.cc. PMID 14767264.
  16. Messerli, Franz (November 1, 2001). „Doxazosin and congestive heart failure“. Journal of the American College of Cardiology. 38 (5): 1295–1296. doi:10.1016/s0735-1097(01)01534-0. PMID 11691497.
  17. Ernst, E.; Pittler, M.H. (1998). „Yohimbe for Erectile Dysfunction: A Systematic Review and Meta-Analysis of Randomized Clinical Trials“. The Journal of Urology. 159 (2): 433–436. doi:10.1016/s0022-5347(01)63942-9. PMID 9649257.
  18. Laurent, Stéphane (2017). „Antihypertensive drugs“. Pharmacological Research. 124: 116–125. doi:10.1016/j.phrs.2017.07.026. PMID 28780421.
  19. 19,0 19,1 Brogden, R. N.; Heel, R. C.; Speight, T. M.; Avery, G. S. (1978-04-01). „Labetalol: A Review of its Pharmacology and Therapeutic Use in Hypertension“. Drugs (англиски). 15 (4): 251–270. doi:10.2165/00003495-197815040-00002. ISSN 0012-6667. PMID 25757.
  20. 20,0 20,1 Bravo, Emmanuel L. (2002-09-01). „Pheochromocytoma“. Annals of the New York Academy of Sciences (англиски). 970 (1): 1–10. Bibcode:2002NYASA.970....1B. doi:10.1111/j.1749-6632.2002.tb04408.x. ISSN 1749-6632. PMID 12381537.
  21. 21,0 21,1 21,2 Das, Sambhunath; Kumar, Pankaj; Kiran, Usha; Airan, Balram (2017-01-01). „Alpha blockers: A relook at phenoxybenzamine“. Journal of the Practice of Cardiovascular Sciences (англиски). 3 (1): 11. doi:10.4103/jpcs.jpcs_42_16. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:9“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  22. 22,0 22,1 Bristow, Michael R. (2000-02-08). „β-Adrenergic Receptor Blockade in Chronic Heart Failure“. Circulation (англиски). 101 (5): 558–569. doi:10.1161/01.CIR.101.5.558. ISSN 0009-7322. PMID 10662755.
  23. 23,0 23,1 23,2 Lue, Tom F. (2009-08-20). „Erectile Dysfunction“. New England Journal of Medicine (англиски). 342 (24): 1802–1813. doi:10.1056/nejm200006153422407. PMID 10853004. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:12“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  24. Papich, Mark G. (2021-01-01). Papich, Mark G. (уред.). Tamsulosin Hydrochloride (англиски). St. Louis (MO): W.B. Saunders. стр. 871–872. ISBN 978-0-323-70957-6.
  25. 25,0 25,1 Chapple, CR (January 1996). „Selective alpha 1-adrenoceptor antagonists in benign prostatic hyperplasia: rationale and clinical experience“. European Urology. 29 (2): 129–144. PMID 8647139.
  26. Bakst, Richard; Merola, Joseph F.; Franks, Andrew G.; Sanchez, Miguel (2008). „Raynaud's phenomenon: Pathogenesis and management“. Journal of the American Academy of Dermatology. 59 (4): 633–653. doi:10.1016/j.jaad.2008.06.004. PMID 18656283.
  27. 27,0 27,1 27,2 27,3 Koola, Maju Mathew; Varghese, Sajoy P.; Fawcett, Jan A. (2013-08-16). „High-dose prazosin for the treatment of post-traumatic stress disorder“. Therapeutic Advances in Psychopharmacology (англиски). 4 (1): 43–47. doi:10.1177/2045125313500982. PMC 3896131. PMID 24490030. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:14“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  28. 28,0 28,1 28,2 28,3 Manning, Loretta; Rayfield, Sylvia. Pharmacology Made Easy. Bossier City, LA: ICAN. стр. 38. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „Alpha Adrenergic Blockers“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  29. 29,0 29,1 Hodsman, G.P (12 March 1983). „Factors related to first dose hypotensive effect“. British Medical Journal. 286 (6368): 832–834. doi:10.1136/bmj.286.6368.832. PMC 1547159. PMID 6403103.
  30. Elliott, Henry L. (2007). „Alpha Adrenoreceptor Antagonists“. Comprehensive Hypertension (англиски). стр. 1019–1025. doi:10.1016/b978-0-323-03961-1.50085-4. ISBN 9780323039611.
  31. Lepor, Herbert; Lepor, Norman (Spring 2008). „The QT Interval and Selection of Alpha-Blockers for Benign Prostatic Hyperplasia“. Reviews in Urology. 10 (2): 85–91. PMC 2483321. PMID 18660858.
  32. 32,0 32,1 Lepor, Herbert (Fall 2007). „Alpha Blockers for the Treatment of Benign Prostatic Hyperplasia“. Reviews in Urology. 9 (4): 181–190. PMC 2213889. PMID 18231614. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:16“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  33. 33,0 33,1 33,2 „Alpha-blockers: their properties and use in hypertension“. Prescriber. 22 (13–14): 38–39. July 2011. doi:10.1002/psb.779. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:18“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  34. 34,0 34,1 34,2 34,3 Debruyne, Frans M.J. (2000). „Alpha blockers: are all created equal?“. Urology. 56 (5): 20–22. doi:10.1016/s0090-4295(00)00744-5. PMID 11074198. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:17“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  35. 35,0 35,1 35,2 „Alpha-Adrenoceptor Antagonists (Alpha-Blockers)“ (PDF). British Hypertension Society. Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-08-29. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:20“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  36. 36,0 36,1 36,2 36,3 „CV Pharmacology | Alpha-Adrenoceptor Antagonists (Alpha-Blockers)“. cvpharmacology.com. Посетено на 2017-11-15. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:19“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  37. Knott, Laurence (2015-06-27). „Alpha-blockers“. Patient.
  38. Pierce, Kristen L.; Premont, Richard T.; Lefkowitz, Robert J. (2002-09-01). „Signalling: Seven-transmembrane receptors“. Nature Reviews Molecular Cell Biology (англиски). 3 (9): 639–650. doi:10.1038/nrm908. ISSN 1471-0080. PMID 12209124.
  39. Bylund, D.B. (February 1, 1992). „Subtypes of alpha 1- and alpha 2-adrenergic receptors“. The FASEB Journal. 6 (3): 832–839. doi:10.1096/fasebj.6.3.1346768. PMID 1346768.