Алтинг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Исландски парламент

Alþingi Íslendinga
Coat of arms or logo
Тип
Тип
Историја
Основан930; пред 1093 години (930)
Состав
Места63
Актуелна структура на исландскиот парламент
Избори
Отворени листи Пропорционална застапеност
Последни избори
25 септември 2021
Следни избори
Септември 2025
Зборно место
Парламентарниот дом во Рејкјавик
Рејкјавик
Мрежно место
althingi.is

Алтинг (исландски: Alþingi - „општо собрание“) ― парламент во Исланд. Се смета за најстар парламент во светот кој опстоил до денес,[1][2] иако за време на своето постоење „Алтинг“ од народно собрание прераснал во современ парламент, а неговата работа била прекината половина век.

Еднодомниот парламент има 63 пратеници кои се бираат на секои 4 години врз основа на пропорционална застапеност на партиска листа.[3]

Уставот на Исланд предвидува шест изборни единици со можност за зголемување на седум. Границите на изборните единици и бројот на мандати од секоја изборна единица се утврдени со закон, но ниту една изборна единица не може да биде претставена со помалку од шест пратенички места.

Историја[уреди | уреди извор]

Поставка на „Карпата на законот“ во Тингвелир. (19-ти век)

Алтинг бил основан во 930 година и за првпат се состанал кај местото Тингвелир (Þingvellir), на околу 45 километри источно од градот Рејкјавик, кој подоцна ќе стане главен град. Местото е уникатно затоа што таму се судираат две континентални плочи, Северноамериканската и Евроазиската. Американската плоча се издига неколку десетици метри нагоре во т.н. Карпа на законот (Lögberg). На почетокот, Алтинг бил генерално собрание на Исландскиот Комонвелт, а најмоќните водачи во земјата (goðar) се состанувале за носење закони и спроведување правда. На собирите, кои обично биле главниот општествен настан во годината, можеле да присуствуваат сите слободни луѓе, и привлекувале толпи земјоделци со нивните семејства, засегнати страни вклучени во правни спорови, трговци, занаетчии, раскажувачи и патници. Во 1000 година, на Алтинг, мнозинството гласало за усвојување на христијанството како државна религија.[4]

Легрета[уреди | уреди извор]

Легрета (Lögrétta), законодавниот дел од собранието, била негова најмоќна институција. Била составена од 39-те окружни началници (goðar), девет дополнителни членови и претседателот на собранието. Откако земјата околу 965 година административно била поделена на четири дела, за секој од нив на Алтинг бил основан суд од 36 судии (fjórðungsdómur). Друг суд (fimmtardómur) основан на почетокот на 11 век служел како врховен суд и ја презел функцијата да одлучува за нерешените случаи од другите судови. Се состоел од 48 судии назначени од goðar од Lögrétta.[5]

Монархија: 1262–1800 година[уреди | уреди извор]

Откако во 1262 година Исланѓаните се потчиниле на власта на норвешкиот крал функцијата на Алтинг се променила, но состаноците на Алтинг и понатаму се одржувале на Тингвелир - сѐ до 1800 година кога било распуштено. Од 1262 година, извршната власт ја имал кралот и неговите службеници, кралските комесари (hirðstjórar) и окружните комесари (sýslumenn). Во рамките на Алтинг, Легрета и понатаму се состела од 36 членови и продолжила да биде негова најзначајна институција која со кралот ја делела формалната законодавна власт. Законите усвоени од Легрета требало да добијат кралска согласност и, обратно, ако кралот донесел закон, Алтинг морал да даде согласност.

Кон крајот на 14 век, Норвешка и Исланд потпаднале под контрола на данската монархија. По воведувањето на апсолутна монархија во Данска, Исланѓаните својата автономија ѝ ја отстапиле на круната, воедно и правото да носат и одобруваат закони. По ова, Алтинг речиси исклучиво служел како суд до 1800 година.[5]

Виш суд: 1800–1845 година[уреди | уреди извор]

Во 1800 година, Алтинг бил распуштен со кралски декрет. Нов Виш суд, основан со истиот декрет и сместен во Рејкјавик, ги презел функциите на Легрета. Вишиот суд требало да одржува редовни седници и да функционира како суд од највисок степен во државата. Работел до 1920 година, кога бил основан Врховниот суд на Исланд.[5]

Консултативно собрание: 1845–1874 година[уреди | уреди извор]

На 8 март 1843 година бил издаден кралски декрет кој предвидувал основање на нов Алтинг.[6] Изборите биле одржани следната година и собранието се состанало на 1 јули 1845 година во Рејкјавик. Некои исландски националисти (групата Fjölnir) не го претпочитале Рејкјавик како место за новооснованиот Алтинг поради перцепцијата дека градот бил под преголемо влијание на Данците. Јон Сигурдсон тврдел дека поставувањето на Алтинг во Рејкјавик ќе помогне градот да стане исландски. [7] [5]

Законодавно собрание од 1874 г[уреди | уреди извор]

Парламентарниот дом, во Аустурволур во Рејкјавик, изграден 1880–1881 година.

Со Уставот од 1874 година на Алтинг му била доделена заедничка законодавна власт со круната за прашања од ексклузивен исландски интерес. Во исто време, Националниот трезор добил овластување за оданочување и распределба на прибраните средства. Кралот го задржал правото на вето на законите и често, по совет на неговите министри, одбивал да се согласи со законите усвоени од Алтинг. Бројот на членови на Алтинг бил зголемен на 36, од кои 30 биле избирани на општи избори, а другите шест како и дотогаш ги назначувал кралот. Алтинг бил поделен на горен дом (Efri deild ) и долен дом (Neðri deild). [8]

Домашна власт[уреди | уреди извор]

Со уставниот амандман од 3 октомври 1903 година, на Исланѓаните им се одобрила домашна власт и парламентарна влада. Ханес Хафштајн бил назначен за исландски министер на 1 февруари 1904 година, кој одговарал пред парламентот. Министерот морало да има поддршка од мнозинството членови на Алтинг; ако му се изгласа недоверба, тој морало да се повлече. Според уставниот амандман од 1903 година, бројот на членовите бил зголемен на четириесет. Изборите за Алтинг традиционално биле јавни - гласачите гласно се изјаснувале кој кандидатит го поддржуваат. Во 1908 година било усвоено тајното гласање со гласачки ливчиња на кои биле испечатени имињата на кандидатите. Исто така изборите задолжително требало да се одржат во еден изборен ден за целата земја. По промената на Уставот во 1915 година, членовите на Алтинг именувани од кралот биле заменети со шест претставници избрани со пропорционална застапеност за целата земја.[5]

Личен сојуз[уреди | уреди извор]

Со Актот за унија (кој стапил на сила на 1 декември 1918 година) Исланд станал суверена држава во личен сојуз со кралот на Данска. На Алтинг му била дадена неограничена законодавна моќ. Во 1920 година, бројот на членовите на Алтинг бил зголемен на 42. Со Уставниот акт од 1934 година, бројот на членови бил зголемен на 49, а старосната граница за право на глас била исто така намалена на 21 година. Понатамошните промени во 1942 година предвидувале дополнителни три члена и вовеле пропорционална застапеност во двочлените изборни единици.Вкупниот број членови во Алтинг бил 52.[5]

Република[уреди | уреди извор]

По окупацијата на Данска од Германија на 9 април 1940 година, фактички била прекината унијата со Исланд. Следниот ден, Алтинг донел две резолуции, со кои исландскиот кабинет се стекнува со моќ на шеф на држава и изјава дека Исланд ја презема целосната одговорност за својата надворешна политика и за надгледување на крајбрежјето. На 17 јуни 1944 година, на седницата на Алтинг одржана во Шингвелир била прогласена Република Исланд.

Во 1959 година, целосно бил променет системот на изборни единици. Земјата била поделена на осум изборни единици, а пратениците се бирале со пропорционална застапеност во секоја од нив. Вкупниот број на избрани членови бил 60. Во 1968 година, Алтинг одобрил намалување на старосната граница за стекнување право на глас на 20 години. Со измена на Уставот во 1984 година бројот на членови во Алтинг бил зголемен на 63 а старосната граница за стекнување право на глас била намалена на 18 години. Со амандман од јуни 1999 година, кој стапил на сила во мај 2003 година, системот на изборните единици бил повторно променет. Бројот на изборни единици бил намален од осум на шест; границите на изборните единици требало да се утврдат со закон. Во мај 1991 година биле донесени други големи промени: собранието треба да заседава како еднодомен законодавен дом.[9] Во него денес има дванаесет постојани комисии.[5]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „A short history of Alþingi – the oldest parliament in the world“. europa.eu. The European Union. Архивирано од изворникот на 15 November 2017. Посетено на 7 April 2017.
  2. Meredith, Sam (28 October 2016). „World's oldest parliament poised for radical Pirates to takeover“. CNBC. Посетено на 7 April 2017.
  3. Álvarez-Rivera, Manuel. „Election Resources on the Internet: Elections to the Icelandic Althing (Parliament)“. electionresources.org. Election Resources. Посетено на 10 April 2017.
  4. Orfield, Lester B. (1953). The Growth of Scandinavian Law. University of Pennsylvania Press. ISBN 9781584771807.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 „Alþingi“ (PDF). Althing. Архивирано од изворникот (PDF) на 2003-10-05. Посетено на 7 April 2017. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „ath“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  6. Sigurðardóttir, Heiða María; Emilsson, Páll Emil. „Hvenær var Alþingi stofnað?“. visindavefur.is. Vísindavefurinn. Посетено на 7 April 2017.
  7. Karlsson, Gunnar (2000). The History of Iceland. стр. 206.
  8. Clements' Encyclopedia of World Governments. 8. John Clements Political Research, Inc. 1989. стр. 162.
  9. „Aldarfjórðungur frá því að deildaskipting var aflögð“.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]