Алпска незаборавка
| Алпска незаборавка | |
|---|---|
| Научна класификација | |
| Род: | Myosotis |
| Вид: | alpestris |
Алпска незаборавка (латински: Myosotis alpestris) — зелјесто повеќегодишно растение од семејството Boraginaceae. Алпската незаборавка е цвет на грофовијата Вестморленд во Обединетото Кралство.[1]
Опис
[уреди | уреди извор]Повеќегодишно тревесто растение, поретко или погусто перничесто, 5–25 см високо, со кус ризом. Стеблото вертикално или подигнато, неразгрането или од основата разгрането, во базалниот дел со полустрчести или стрчести влакна, во горниот дел со прилегнати, нагоре свртени влакна. Базалните листови се елиптични или издолжено-лопатовидни обично со долги лисни дршки, поретко приседнати. Долги до 70 мм , широки од 5 до 10 мм, од двете страни со прости четинести влакна; стеблените листови издолжено-ланцетни до елиптични, со помали димензии од базалните листови, но со нешто погуста влакнавост. Цветовите се собрани во врвни, збиени срповидни соцветија кои при образување на плодот малку се издолжуваат. Цветните дршки се со должини до 2 мм (при образување на плодот се издолжуваат до 4 мм), поставени се косо во однос на оската на соцветието и свртени нагоре. Чашката е yвончевидна, при цветањето долга околу 2 мм, при образувањето на плодот се издолжува од 4 до 6 мм, во основата стеснета, всечена до 2/3 или повеќе на 5 издолжено-триаголни запци, по целата должина со прилегнати прави влакна и со ретки кукесто свиткани влакна во основата кои можат и сосема да отсуствуваат, не отпаѓа. Венчето најчесто е темносино, пречникот на проширениот дел од венчето е од 6 до 9 мм. Оревчињата се елиптично-јајцевидни, затапени, обично со добро развиен раб само во горната третина до половина, долги се до 2 мм, лузната на прикрепување продолжува странично во две бразди од двете страни.[2]
Живеалиште
[уреди | уреди извор]По планински пасишта од субалпскиот и алпскиот појас, на длабока почва, камењари, на силикатна и варовничка подлога, на надморска височина од 1800 до 2760 м.[2]
Распространетост
[уреди | уреди извор]Во Велика Британија се јавува само на две места, во варовнички тревни површини наСеверните Пенини и на голема надморска височина на мика-шкрилци во близина на Бен Лоерс.[3] Автохтоно е распространет во голем дел од Јужна и Средна Европа и Кавказ.[4]
Македонија
[уреди | уреди извор]Според Flora Europea (1972) и Med - Check List (1984) овој вид не се наведува за Балканскиот Полуостров, туку за Кавказ и Мала Азија, така што со сигурност не се среќава во Македонија.[2]
Алпската незаборавка е многу варијабилен вид, па за поточно дефинирање на статусот на инфраспекциските таксони потребни се дополнителни истражувања.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „County profile for Westmorland“. The Association of British Counties. Посетено на 17 March 2024.
- 1 2 3 4 Матевски, Владо (2010). ФЛОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 155. ISBN 978-608-203-052-4. Посетено на 12 март 2026. Укажано повеќе од еден
|pages=и|page=(help) - ↑ T. A. Humphrey; R.J. Burkmar; O.L. Pescott; D.B. Roy; K.J. Walker, уред. (2020). „Myosotis alpestris F.W.Schmidt“. BSBI Online Plant Atlas 2020. Botanical Society of Britain and Ireland. Посетено на 17 March 2024. Недостасува
|editor1=(help) - ↑ „Myosotis alpestris F.W. Schmidt“. Plants of the World Online. Royal Botanic Gardens, Kew. Посетено на 17 март 2024.
|