Алпска вегетација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алпска ливада во Северната Каскада, Вашингтон, САД

Алпска вегетација претставува вегетациски тип што се развива над горната шумска граница, над субалпските пасишта и субалпските грмушести заедници, по високите планини од умерениот климатски појас (над 2200 m надморска висина). Во нејзиниот состав доминираат ниски баздовидни или перничести повеќегодишни тревести или грмушести растенија, приспособени кон специфичните еколошки услови на високопланинскиот појас каде што има краток вегетациски период, многу ниски температури во зимскиот период, долготрајна снежна покривка, свежи лета, силни ветрови, дождови и интензивно сончево осветлуваве. Алпската вегетација опфаќа разновидни растителни заедници што се развиваат на хетерогена подлога (кисели почви, карбонати, планински тресетишта, сипари, точила, камевари, карпи и др.), кои припаѓаат кон различни вегетациски класи - Elyno-Seslerietea, Caricetea curvulae, Salicetea herbaceae, Scheuchzerio-Caricetea fuscae, Drypetea spinosae, Asplenietea trichomanis и др.

Покрај разните претставници од фамилијата на тревите (Poaceae), нејзината физиономија ја определуваат голем број видови од родовите:

  • Androsace,
  • Gentiana,
  • Geum,
  • Primula,
  • Saxifraga,
  • Soldanella,
  • Thymus и др.

Алпска вегетација во Европа[уреди | уреди извор]

Алпска вегетација се развива на голем број планински масиви во Европа како на пример - Алпи, Карпати, Пиринеи, Кавказ, планини на Балканскиот Полуостров и др.

Алпска вегетација во Република Македонија[уреди | уреди извор]

Во РМ алпски заедници се присутни на повеќе планински масиви како на пример – Шар Планина, Јакупица, Кораб, Дешат, Бистра, Стогово, Јабланица, Галичица, Пелистер, Ниџе и други.

Извор[уреди | уреди извор]

Македонска Енциклопедија, проф. д-р Владо Матевски, Природно-математички факултет, Скопје, АЛПСКА ВЕГЕТАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА стр. 41-42, МАНУ, Скопје, 2009.