Алкалоид (фармацевтска компанија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Алкалоид
Тип Акционерско друштво фармацевтска компанија
Oснована 1936
Седиште Скопје
Клучни личности Живко Мукаетов (ген. дир.)
Дејност фармација, козметика, билкарство и хемија
Приходи 115,540,000 (2012)[1]
Вработени 1.035 (2010)
Гесло Здравјето, пред сè
Портал www.alkaloid.com.mk

Алкалоид е македонско трговско друштво[2] за производство на лекови, преработка на билни суровини, производство на козметички и хемиски производи. „Алкалоид“ е акционерско друштво во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, Козметика и Билкарство; а има и има фирмaќерка („Алкалоид КОНС“), како и 13 подружници надвор од Македонија (во Србија, Црна Гора, на Косово, во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Романија, Украина, Русија и САД). Друштвото е доминантен капитал во сопственост на приватни акционери, од кои 5,05% се странски инвеститори.

Историја[уреди | уреди извор]

„Алкалоид“ започнал со работа на 15 август 1936 година, со два погона и само со 15 работници, кои произведувале 350 килограми фармацевтски суровини. Десетина години подоцна, фабриката го зголемила обемот на производството за десетпати. Во 1957 година започнал да работи галенскиот погон за производство на лекови. Во 1967 година бил воведен брендот „Прокулин“. Во 1970-тите била пуштена во погон новата фабрика на површина од 7.000 квадратни метри при што се интегрирале Фабриката „Билка“, Фабриката за производство на хемикалии и фотоматеријали „Лафома“ и фабриката за сапуни и козметика „Цветна Димов“. Во 1978 година започнала продажбата на брендот „Бекутан“.

Кон крајот на 1980-тите, раководството на „Алкалоид“, на чело со Трајче Мукаетов (кој бил назначен за директор во 1985 година) го започнал процесот на реорганизација, а темелите на современото корпоративно управување биле поставени во 1994 година. Во тоа време, со финансиска поддршка на Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација, „Алкалоид“ почнал голем инвестициски циклус. Во [2003]] година, „Алкалоид“ ја пуштил во употреба новата микробиолошка лабораторија, во 2005 година нова хемиска лабораторија, во 2009 година бил отворен Институтот за истражување и развој, во 2014 година била отворена лабораторијата „АлкаЛаб“ во Љубљана, а во 2016 година бил основан Центарот за контрола на квалитетот. Како израз на општествената одговорност, во мај 2007 година била основана Фондацијата „Трајче Мукаетов“, која заклучно со 2016 година стипендирала 344 студенти по фармација и медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а 34 од стипендираните студенти се вработиле во „Алкалоид“. Притоа, од основањето до 2016 година, фондацијата доделила стипендии во износ од 63,2 милиони денари.[3]

Во 2016 година, „Алкалоид“ бил водечко фармацевтско друштво во Македонија и шесто по големина во Југоисточна Европа, со 1.600 вработени, од кои 1.200 во Македонија и над 300 во странство. На 20 септември 2016 година, во хотелотАлександар палас“ била прославена осумдесетгодишнината од основањето на „Алкалоид“, а свечено обраќање имал генералниот директор Живко Мукаетов.[4]

Организациска структура[уреди | уреди извор]

Почнувајќи од 1979 година, „Алкалоид-Фармација“ има воспоставено оддел што е задолжен за развој и соработка со странски компании од аспект на договори за застапства, за дистрибуција, за консигнациски складови. Успешното долгогодишно работење и стекнатото искуство од овој сегмент, претставувало основа за формирање на „АЛКАЛОИД КОНС“ ДООЕЛ Друштво за промет и услуги увоз - извоз кое успешно и самостојно работи во Република Македонија од 5 февруари 2004 година.

За припрема на измената на организационата структура и креирање на комплементарност во дејностите, во 2006 година било основано друштвото „Алкалоид Премази“ дооел Скопје (сегментот кој се занимава со бои и лакови) како посебна организациона единица, со што бројот на друштва - ќерки на Алкалоид АД Скопје“ пораснал на 11.

„Алкалоид“ има 14 подружници и четири претставништва во повеќе земји, како: Србија, Црна Гора, Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Албанија, Турција, Русија, Украина и САД. Во 2016 година, „Алкалоид“ продавал над 60% од производството во странство, и тоа на пазарите на околу 30 земји, и тоа: 35% во земјите од Југоисточна Европа, 17% во земјите од ЕУ, 7% во Русија и 2% во САД.[5]

Кафетин[уреди | уреди извор]

Лекот „кафетин“ (Caffetin®) е убедливо најраспространетиот и најпознатиот производ на „Алкалоид АД Скопје“. Лекот бил лансиран е во 1957 година и станал многу продаван производ на подрачјето на поранешна Југославија, а покрај тоа се продавал и на пазарите во 15 земји, меѓу кои и Русија, Бугарија и Романија.

Кафетин влегува во групата на комбинирани аналгетици. Содржи четири компоненти: парацетамол (250 мг), пропифеназон (210 мг), кодеин (10 мг) и кофеин (50 мг). Минималните дози на активни компоненети овозможуваат минимална инциденца на нескани ефекти, а во Националниот центар за несакни дејства на лекови на Македонија нема ниту еден регистриран случај на несакано дејство од кафетин.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Alkaloid, Annual Report 2011 (македонски)
  2. „Алкалоид Скопје“. Eurohaus. http://eurohaus.com.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=86:2009-04-29-06-47-29&catid=1:latest-news&Itemid=50&lang=mk. конс. 2 септември 2011 г.  (македонски)
  3. Живко Мукаетов, „Компаниите треба сами да го трасираат својот пат кон успехот“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 17-22.
  4. „Алкалоид пред 80 години почнал со 15 работници, а денес има 1.600“, Дневник, година XX, број 6172, четврток, 22 септември 2016, стр. 4.
  5. Живко Мукаетов, „Компаниите треба сами да го трасираат својот пат кон успехот“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 20.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]