Алергиски дерматози

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алергиска реакија
Податотека:131403-407x295-allergic skin rash.jpg
Алергиска реакција
Научна класификација
Вид: Кожно заболување
    Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување
во врска со темите од областа на медицината (здравјето).

Поимот алергија означува појава на оштетување на клетките, предизвикана од различни имунобиолошки реакции. Алергиските болести се системски, со локализирана имунобиолошка реакција во различни органи.

Алергиските реакции претставуваат имун одговор, односно одбрана на организмот од различни етиолошки фактори. Основна задача на имунолошкиот систем е да го штити организмот од туѓи материи. Материите кои навлегуваат во организмот и предизвикуваат алергиска реакција се нарекуваат алергени (имуногени). Во секој орган од телото можат да се одиграат алергиски реакции, меѓутоа околу 80% од сите алергии се случуваат на кожата и слузокожата. Тука настанува главниот судир на организмот со туѓите материи (алергени).

Алергиската реакција всушност претставува судир помеѓу алергенот и имуните клетки, кои ги има два вида : Т-лимфоцити и В-лимфоцити. Како резултат на тој судир се ослободуваат материи (хистамин) кои предизвикуваат различни промени во организмот, кои во одредени случаи можат да го загрозат и здравјето на човекот. Во зависност од тоа колку време поминува од моментот на навлегување на алергенот до моментот на појава на алергискато воспаление, алергиските реакции се делат на:

  • алергиски реакции од ран (брз) тип
  • алергиски реакции од доцен (одложен)тип

Во групата алергиски реакции од ран тип спаѓаат: анафилактичка реакција, цитотоксична реакција и Артусов феномен. Карактеристично за оваа група реакции е што кај нив доаѓа до ослободување на една материја присутна во клетките кои учествуваат во алергиската реакција и е наречена хистамин. Хистаминот доведува до проширување на периферните крвни садови, како резултат на што се јавува оток, стеснување на дишните патишта, што е причина за отежнато дишење, намалување на крвниот притисок, нарушување на работата на срцето (тахикардија), појава на специфичен осип на телото и др. Овие симптоми можат да се појават за кратко време после внесувањето на алергенот. Во некои случаи симптомите се развиваат толку брзо што може да настане и смрт. Колку подоцна се јавува алергиската реакција, толку помалку е загрозен животот на пациентот. Во групата алергиски реакции од доцен тип спаѓа т.н. клеточна реакција, во која главна улога имаат Т - лимфоцитите. Алергените можат да навлезат во организмот преку респираторниот систем (со вдишување преку уста), кожата, лигавицата, но можат и директно да бидат внесени преку инфузии, инекции,трансфузии и сл. Алергиите најчесто се јавуваат од храна (риба, јајца, јагоди, зрнести производи, ореви, лешници, бадеми, млечни производи, сувомеснати производи, конзервирана храна и др. Во последно време поголемо значење им се придава на прашината, дерматофагите и лековите кои се чести предизвикувачи на алергиски реакции. Како алергени можат да се јават и различни супстанции кои се наоѓаат во состав на козметичките препарати, кои надворешно се нанесуваат на кожата. Откривањето на алергиските реакции, како и нивното лечење, спаѓаат во доменот на медицината, поради што козметичарот не треба да пробува да ги лечи овие промени. Поради сложената природа на алергиските реакции, козметичарот треба да биде внимателен кога работи со клиенти кои претходно имале алергиски реакции од било која причина. Таквите клиенти треба да се упатат кај лекар дерматолог. Бидејќи денес, на пазарот се јавуваат сè поголем број козметички препарати, поголем е и бројот на клиенти со алергиски промени на кожата. Со тоа се зголемува одговорноста и ризикот на козметичарот.

Видови алергиски реакции[уреди | уреди извор]

Алергиските реакции се комплицирани биолошки феномени, кои треба да се набљудуваат од повеќе аспекти. Сепак, глем број алерголози, алергиските реакции ги класифицираат во четири типа:

Тип I: реакција од брз тип (анафилактичен тип)[уреди | уреди извор]

Станува збор за алергиски реакции кои можат да го загрозат животот на човекот. Се јавува како резултат на внесување на различни алергени во организмот, но сепак тоа најчесто се случува после убод на инсекти (оса, пчела, стршлен) или при внесување на некои лекови (пеницилин).

Кај овие реакции, промените настануваат веднаш после внесувањето на алергенот или најкасно после неколку часа. Тука доаѓа до ослободување на големи количества на хистамин, кој е одговорен за низа промени кои настануваат во организмот, односно се отежнува работата на белите дробови и срцето. Дишењето станува отежнато поради стеснување на дишните патишта, се јавува оток во грлото, срцето забрзано работи, а крвните садови се стеснуваат. Сето ова може да биде причина за смрт.

Тип II: реакција од цитотоксичен тип[уреди | уреди извор]

Карактеристично кај цитотоксичната реакција е што при навлегување на алергенот, тој се врзува со еритроцитите и тромбоцитите, при што предизвикува нивно оштетување, односно ги разградува. Ова најчесто се случува при трансфузија на крв со несоодветна крвна група. Во овој случај туѓите еритроцити имаат улога на алергени.

Тип III: реакција од имун - комплекс тип[уреди | уреди извор]

Кога алергенот навлегува во организмот, тој се сврзува со антиалергенот, при што се создава имун комплекс. Тој се таложи врз ѕидовите на крвните садови, предизвикувајќи нивно оштетување. Низ оштетените крвни садови излегуваат еритроцити, формирајќи ситни точкасти крварења наречени васкулит.

Тип IV: реакција од доцен (одложен) тип[уреди | уреди извор]

Оваа алергиска реакција е посредувана од специфично сензибилизирани Т-лимфоцити. И овде се вклучени голем број медијатори (интерлеукини, имуноглобулини и др.), кои предизвикуваат осип на кожата. Оваа реакција се нарекува од доцен тип затоа што од моментот на навлегување на алергенот до појавата на симптомите поминуваат повеќе од 24 часа.

Уртикарија (Копривна треска)[уреди | уреди извор]

Податотека:Dermatlas Urtikarija.jpg
Уртикарија (Копривна треска)

Urtica значи коприва и поради тоа оваа алергиска реакција го добила своето име. Кожните промени кои настануваат личат на кожа која била во контакт со коприви. Причините за настанување на оваа алергиска реакција можат да бидат: нутритивни (риба, јајце, млеко, конзервирана храна, зрнести производи и др.), медикаментни (антибиотици, лекови за смирување и др.), респираторни (материи кои се вдишуваат: куќна прашина, дерматофаги, влакна од домашни животни и др.) и др.

Уртикаријата се одликува со појава на пликови (уртики), проследени со јадеж. Ликовите се појавуваат ненадејно, поединечно или во голем број, распоредени на различни места по телото. Можат да имаат различна големина, а бојата им е црвена или бела. Понекогаш е проследена со покачена температура и треска, а може да се јави повраќање и пролив.

Според времетраењето, уртикаријата може да биде:

  • акутна - може да трае од неколку часа до неколку дена
  • хронична - се појавува постојано или повремено во текот на повеќе месеци

Според патогенезата, уртикариите се делат на:

  • алергиски - најчести причини за појава на овие уртикарии се прехранбените производи, лекови, паразити и др.
  • неалергиски - каде причините се: допир со коприва, ставање на ладна или многу топла вода, гребење, удар, изложување на UV зраци и др.

Лекувањето на акутната уртикарија се врши со давање на кортикостероиди и антихистаминици. Лекувањето се продолжува со давање на калциум, витамин C и стабилизатори на мастоцитите. Јадежот се ублажува со нанесување на течна пудра. При хронична уртикарија потребно е детално иследување на болниот и лекување според добиените резултати.

Егзема вулгаре (Eczema vulgare)[уреди | уреди извор]

Податотека:Eczemamj.jpg
Егзема вулгаре

Егзема вулгаре или контактен алергиски егзем се јавува само кај луѓе кои се многу осетливи на допир со некои неутрални супстанции, кои кај нормалните луѓе не предизвикуваат никакви промени на кожата. Причините за појава на овој егзем можат да бидат најразлични: хемиски средства, пластика, козметички препарати, конзрванси, лекови и др. Овие егземи можат да бидат:

  • акутни
  • хронични

Акутните егземи траат кратко и после прекинот на контакт со алергенот тие исчезнуваат. Акутните алергиски контактни егземи се одликуваат со не остро ограничени и различни по големина жаришта на еритем, придружени со лесен оток и благ јадеж. Можат да бидат препокриени со белузлави лушпи со различни димензии.

Хроничните егземи траат долго, потешко се повлекуваат со терапија, а откако ќе се повлечат по кратко време повторно се јавуваат. Кај хроничните егземи кожата добива темноцрвена боја, станува рапава и прекриена со помалку или повеќе изразени рожести наслаги. Многу често се јавуваат пукнатини (рагади) кои крварат и се болни на допир. Ова најчесто се среќава кај домаќинки како резултат на долготрајна примена на детергенти и други хемикалии.

Овој егзем уште се нарекува професионален, затоа што се јавува кај луѓе со одредени професии, пр: електричари, фризери, козметичари, чистачи, луѓе кои работат во текстилната индустрија и сл.

Лекувањето може да биде локално и системско. Локалното подразбира примена на кремови и масти, а системското земање на кортикостероиди и антихистамини преку уста. Ниту една од овие методи не е ефикасна. Најдобар лек за пациентот е да не доаѓа во контакт со материјата која предизвикува алергиска реакција. Алергенот најчесто се утврдува со изведување на алерголошки тестови.

Контактниот алергиски егзем може да биде предизвикан од некои супстанции, кои влегуваат во состав на парфемите, кремовите, пудрите, дезодорансите, лаковите за нокти, депилаторите и сл. Доколку козметичарот забележи појава на ваков егзем, потрбно е клиентот да го упати кај лекар - дерматолог.

Алергиска болест на усните[уреди | уреди извор]

Податотека:Bullies-using-food-allergy-against-victimmj.jpg
Алергиска болест на усните

Алергиската болест на усните претставува промена на усните, која настанува како резултат на алергиска реакција, предизвикана од присуство на некој алерген. Алерген може да биде: паста за заби, протези, козметички препарати (кармини, сјај за усни, молив за усни и сл.). До оваа промена може да дојде и при интензивна иритација на усните од UVB зраците и тоа најчесто кај скијачи и пливачи, поради дуплирањето на сончевите зраци (од една страна сонцето, од друга рефлексијата на зраците од снегот и водата). Иритација на усните може да се јави и кај пушачи, од цигарите или кај луѓе кои имаат непријатна навика на грицкање на усните.

Клиничка слика На усните се јавува оток, црвенило и истите се препокриени со суви лушпи. Пациентот има чувство на чешање, пецкање и непријатност на усните. Усните пораси јаката сувост се испукани и често при движење (зборување, смеење) длабоко пукаат, јавувајќи се слабо крварење, пропратено со болка.

Лекување Најдобар лек за алергиската реакција е избегнување на алергенот. Се забранува употреба на козметички препарати врз усните. Се даваат кортикостероидни креми, кои локално се аплицираат врз усните двапати дневно за време од 7 - 10 дена. Се забранува изложување на сонце и иритации. Во исклучителни и упорни случаи се даваат и орално антихистаминици.

Алерголошки испитувања[уреди | уреди извор]

Алергиските реакции можат да се јават веднаш или после неколку часа од контактот со одреден алерген. Честопати се јавуваат алергиски реакции, но алергенот не е познат. Затоа се прават алергиски испитувања (тестови), со цел да се утврди причинителот на алергиските реакции.

Алергиските тестови можат да се поделат на две групи:

  • Ин витро тестови - тоа се тестови кои се спроведуваат со вадење на крв од организмот и утврдување присуство на одредени антитела во крвта. Во зависност од тоа кои видови на антитела се присутни се утврдува кој тип на алерген е предизвикувач на алергиската реакција.
  • Ин виво тестови- кај овие тестови во организмот се внесуваат повеќе алергени и се набљудува од кој алерген ќе се појави реакција.

Во зависност од тоа од каде и како навлегува алергенот, алергиските тестови се делат на:

  • Епикутанте тестови (patch) - се користи за откривање на предизвикувачот на алергиската реакција. Алергените се ставаат на чиста кожа, на грбот од пациентот, покрај ’рбетниот столб со помош на лепливи ленти. Можат да се налепат 10 - 20 алергени кои стојат 24 часа, а потоа се одлепуваат и се чита резултатот. Во зависност од пречникот на црвенилото што се јавува се означува и се отчитува алергиската реакција. На пр. ако пречникот е 5mm се означува со (+), што значи многу слаба алергиска реакција, од 5 - 7mm се означува (++) и е знак за слаба алергиска реакција, од 7 - 10mm се означува со (+++) и значи солидна алергиска реакција, од 10 - 15mm а и повеќе се означува со (++++) и значи јака алергиска реакција.
  • Интрадермални тестови - со помош на игла се внесува алергенот кој се остава да стои 24 или 48 часа, а потоа алергиската реакција се отчитува исто како и претходната.
  • Tест со гребење (scratch) - овие тестови се изведуваат на внатрешната страна од подлактицата каде најпрво кожата дискретно се греби, со цел да се овозможи контакт на алергенот со клетките на поткожното ткиво. Потоа на местото на гребнатината се става алергенот, а реакцијата се чита после 30 min на истиот начин како во првиот случај.
  • Тест со убод (prick) - на внатрешната страна од подлактицата, линеарно едно под друго на растојание од 3 cm се капнува од алергенот по 1 капка, а потоа со помош на игла се прави убод низ капката и после 30 min се чита алергиската реакција.

Професионални дерматози кај козметичкиот техничар[уреди | уреди извор]

Под поимот професионални дерматози се подразбираат сите патолошки промени на кожата и нејзините израстоци, кои се јавуваат при извршување на професионалните работни задачи, а се предизвикани под дејство на разни агенси присутни во работната средина со која вработениот доаѓа во контакт.

Денес, професионалните болести бележат пораст, поради што претставуваат глобален светски проблем, бидејќи вработениот го прават помалку способен или неспособен за вршење на работните задачи. Порастот на овие заболувања е резултат на брзиот пораст на индустријата, посебно хемиската, во која се произведуваат голем број хемиски супстанции, кои различно делуваат на организмот и се предизвикувачи на различни промени на кожата. Голем дел од новосоздадените супстанции се составни компоненти на козметичките препарати, чија примена во последно време е сè поголема.

Промените на кожата можат да се манифестираат во различна форма, но најчеста дерматоза е професионалниот егзем.

Професионалните егземи најчесто се појавуваат на непокриените делови на кожата на рацете, лицето, вратот, а поретко на другите делови.

Текот на заболувањето е различен. Кога болниот вработен ќе престане да ги извршува работните задачи, односно нема да биде во контакт со материите на кои е осетлив, брзо доаѓа до излекување со примена на вообичаените средства за лекување на егземот. Но кога вработениот ќе се врати на работното место, егземните промени повторно се јавуваат. Професионалниот егзем дава потполно исти симптоми како и вулгарниот егзем. Ако кај козметичарот се јави ваков вид заболување, не смее да извршува услуги додека трае болеста.

Професионалните болести на кожата се спречуваат со воведување на хигиенски услови за работа, со цел да се отстранат штетните влијанија. Големо значење има личната заштита кај вработениот, која се состои во носење на чиста заштитна облека, миење по завршената услуга и сл. Добро заштитно дејство имаат заштитните масти, кои се применуваат пред и после извршувањето на козметичките услуги. На површината на кожата оставаат тенок масен слој, кој ја заштитува кожата од штетното дејство на хемиските супстанции кои ги има во низата козметички препарати кои се користат во текот на козметичките третмани. Покрај сите заштитни мерки, најважна е чистотата на телото, облеката, приборот за работа и просториите каде се вршат козметичките услуги.