Прејди на содржината

Алексо Мартулков во второто заседание на АСНОМ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Состав на новата влада во Президиумот на АСНОМ после второто заседание, вториот од лево кон десно седејќи е Алексо Мартулков

После успешното ослободување на Македонија како дел од народната ослободителна војна, Президиумот на Антифашистичкото собрание на народната ослободителна војна започна да го организира своето второ заседание во новоослободениот град Скопје. Тогашните водачи на АСНОМ одлучиле за нивното второ заседание да свикнат повеќе претставници на македонската дијаспора во Балканот. Освен дијаспората тие свикаа и некои американски и британски генерали кои биле присутни за време на последните фази на народната ослободителна војна. Меѓу повиканите претставници на македонската емиграција во Бугарија бил и Александар Ончев Мартулков, македонски револуционерен деец од Велес познат по тоа што е еден од најстарите социјалисти во Македонија.

Историја

[уреди | уреди извор]

Свикување

[уреди | уреди извор]

Се состанавме со нашата емиграција во Софија (Перо Шанданов, Пецо Трајков, Туше Делииванов, Мартулков, Шакир Војвода и др.). Сите тие плачеа од радост и единствената желба им беше што побрзо да се вратат во Македонија. Радосно беше да се гледаат тие наши стари борци кои како деца плачат и се радуваат што го гледаат остварен вековниот сон

Писмо од Светозар Вукмановиќ-Темпо до ЦК на КПМ, [1]
Апел до Македонците во Бугарија, потпишан од Мартулков за време на ослободителната војна.

За време на Втората светска војна, Мартулков немал големо учество во ослободителната борба и претежно престојувал воСофија каде што имал минимален пристап со народното ослободително движење. Тој претежно бил во контакт со Панко Брашнаров и Дончо Мирчевски кои дејствувале во велешко. Но, за време на завршните операции за ослободување на Вардарска Македонија, Мартулков, заедно со некои други македонски активисти во Бугарија, го потпишаа „Апелот до Македонците во Бугарија“ кој се залагало за ослободувањето и обединување на Пиринска Македонија кон новосоздадената комунистичка држава на Македонија. Апелот исто така го потпишале Павел Шатев, Михаил Герџиков, Туше Влахов и Крсте Гермов. По завршувањето на Втората светска војна во Македонија, новоформираната преодна влада ја имала главната улога да го организира второто заседание на АСНОМ. Еден од свиканите делегати во тоа заседание бил Светозар Вукмановиќ - Темпо. Тој им предложил на тогашниот Президиум на АСНОМ да ги свикале старите македонски активисти во Бугарија.

Преодната македонска влада се согласи со неговиот предлог да ги покани постарите македонски револуционери поради недостатокот на искуство, како што истакнала македонската историчарка Виолета Ачкоска во нејзиното дело „Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на Асномска Македонија“ имало „глад за кадар“.[2] Бидејќи новата влада била ориентирана кон социјализмот, тие одлучиле да ги поканат само членови од ВМРО (Обединета) кои била составена претежно од социјалисти, еден од нив бил Алексо Мартулков, стар политичар кој стана социјалист благодарение на брошурите што му ги подари Васил Главинов за време на неговата посета во градот Велес во 1894 година.[3]

Во писмото испратено од Светозар Вукмановиќ, на крајот на септември 1944 година, Вукмановиќ пишал како заедно со Михајло Апостолски и Бане Андреев — Ронката биле задолжени да ги посетат старите македонски активисти во Бугарија. Михајло Апостолски и Бане Адреев не можеле да се придружат со Вукмановиќ бидејќи биле зафатени со формирање на партизански дивизии во Плачковица. Во Софија, Светозар се сретна со претставници од Централниот комитет во Бугарската комунистичка партија. Ги натерал да се извинат за суровата фашистичка окупација на Македонија што го направило Бугарското Царство за време на втората светска војна. За време на нивната средба Вукмановиќ ги убедил да го признаат македонското мнозинство во Пиринска Македонија. Тој исто така им побарал да дадат повеќе права и автономија на македонското малцинство во земјата. По неговата средба тој ја добил можноста да разговара со старите македонски револуционерни дејци од ВМРО (Обединета).[4]

Кога се вратив во 1945 година и го погледнав Скопје — за мене тоа беше нов град кој на незамислив начин толку брзо се надуе.

Алексо Мартулков, [5]
Список на пратеници во второто заседание на АСНОМ, меѓу нив е Алексо Мартулков.

Откако Вукмановиќ ги исполнил неговите цели со посетата во Софија, тој го оставил Кирил Миљовски со македонските револуционери во Бугарија. Миљовски ја добил битната задача да формира привремен комитет со соработка на Илинденската организација и ја имале тешка мисија да го префрлат Алексо Мартулков и другите социјалисти од Бугарија во Скопје за второто заседание на АСНОМ. На 26 октомври 1944 година, само два дена пред заседанието во Скопје, Вукмановиќ му пратил писмо на Миљовски, Вукмановиќ му побарал да побрза со организирањето на трансферот на Алексо Мартулков и другите. Светозар, исто така, му побарал на Миљовски да ги организира македонските единици формирани во Бугарија за време на ослободителната војна да ја загрозат новата комунистичка бугарска влада за да се согласат со обединување на Пиринска и Вардарска Македонија. Помеѓу 27 и 28 октомври Алексо Мартулков заедно со Павел Шатев и Крсте Гермов - Шакир биле пренесени во Скопје.[6]

Конечно, Мартулков повторно се вратил во Македонија. За време на второто заседание на АСНОМ, Мартулков ретко зборувал. Не се знае точно зошто, за време на заседанието тој бил 66 години. Според транскриптите зачувани од разговорите за време на заседанието, единствениот предлог на Мартулков кон Президиумот на АСНОМ било да се приклучи Густав Влахов, синот на Димитар Влахов како дел од новата македонска комунистичка власт. Кога го поднесе тој предлог, Методија Андонов - Ченто, тогашниот претседател на президиумот го прифатил.[7] После заседанието Мартулков бил прогласен како член на президиумот но за време на третото заседание на АСНОМ Мартулков е отстранет како пратеник. Во 1945 година тој станува еден од главните водачи на Уставотворното собрание и имал учество во пишувањето на уставот на НР Македонија.[8] После тоа тој станал еден од главните водачи на Илинденската пензија, комисија формирана со цел да им даде пензии кон учесници во македонското револуционерно движење кои уште биле живи во Македонија.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Писмо од Темпо до ЦК на КПМ (4 декември 2013) од Македонска Нација
  2. Ачкоска, Виолета (2010). Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на Асномска Македонија (PDF). УКИМ. стр. 299.
  3. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје I“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија (PDF). Скопје: Институт за национална историја.
  4. Апостолски, Михајло (1970). Извори за ослободителната војна и револуција во Македонија 1941-1945: Документи на Комунистичката партија на Југославија и Комунистичката партија на Македонија 1941-1945. Институт за национална историја. стр. 387.
  5. Скопске слике и Контрасти (1951) дел од весникот „Борба“ број 250
  6. Апостолски, Михајло (1970). Извори за ослободителната војна и револуција во Македонија 1941-1945: Документи на Комунистичката партија на Југославија и Комунистичката партија на Македонија 1941-1945. Институт за национална историја. стр. 420.
  7. Александар Христов, Миле Тодоровски и Новица Вељановска (1984). Документи, Том 1, Книга 6. Архив на Македонија. стр. 131–132.
  8. Уставотворното собрание на НРМ (2003) дел од Македонска Енциклопедија, уредувана од Блаже Ристовски