Александра Јанева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Александра Јанева
Родено имеАлександра Јанева
Роден(а)25 мај 1995(1995-05-25)(28 г.)
Струмица, Македонија
Жанровипоп
Занимањапејачка

Александра Јанева (родена на 25 мај 1995 година во Струмица) — македонска поп-пејачка. Победник е на музичкото шоу „Сите наши песни“ во 2013 година и на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во 2013 и 2016 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Почетоци[уреди | уреди извор]

Александра Јанева на концерт

Александра Јанева покажала интерес кон музиката уште на свои рани години. Првите официјални настапи пред публика се случиле на школските приредби во основното училиште. Подоцна, како ученик во струмичката гимназија станала најистакнат солист во хорот при СОУ „Јане Сандански“. Учествувала на хорски и солистички средношколски натпревари и при тоа се здобила со бројни награди. До 2013 година настапувала како пејачка во локалниот бенд Аларм со кој го промовирала првиот сингл со наслов „Не ме допирај“. Краток период била член на Студиото за модерен балет „Газели“. Настапот на Велигденскиот концерт во 2010 во Струмица бил еден од најзабележителните и привлекла внимание на голем број медиуми кои од тогаш ја споредуваат со светски музички ѕвезди како Адел и Џеси Џеј.

Победа на натпреварот на Француска шансона[уреди | уреди извор]

Александра Јанева на концерт

Александра Јанева настапила и победила на натпреварот на Француска шансона кој се одржал на 30 март 2013 година во киното Фросина. Најдобрите тројца изведувачи од вкупно 14 финалисти биле одбрани од стручно жири по различни критериуми за музикалност, настан и познавање на францускиот јазик. Александра победила со своја преработка на песната L’amour en heritage во оригинална изведба на Нана Мускури.

Победа на шоу Сите наши песни 2013[уреди | уреди извор]

Александра станала позната на пошироката македонска публика со победата на музичкото шоу „Сите наши песни“ - проект на Македонската радио-телевизија за заштита и афирмација на македонската музика.

Шоуто претставувал натпревар на млади пејачки таленти од 2 града, во секоја емисија, по што следат други два града. Тимот на Струмица ги поминал четирите круга, од систем на елиминација и пласман во четврт финале, полуфинале до финале. Елиминацијата на екипите се вршел според гласовите на стручното жири составено од еминентни имиња од македонската музичка сцена, како Калиопи, Ристо Самарџиев, Игор Џамбазов. Александра се претстави со композициите Месечина од Калиопи, Залудно е од Тамара Тодевска, Признавам од Маријана и Росана.

Прва победа на Макфест 2013[уреди | уреди извор]

Александра Јанева на концерт

На своето прво учество на фестивал, 18-годишната Александра како дебитант триумфирала на 28-мото издание на фестивалот на забавна музика „Макфест“ во Штип со песната „Врати ми го сонцето“. Автор на музиката и на текстот е Ристо Самарџиев, а аранжманот е на Владимир Дојчиновски – Дојчин. Освен главното признание за песната – првата награда од публиката и статуетката „Макфест“, Александра ја освоила и наградата од жирито за најуспешна воканлна интерпретација – плакета „Макфест“. Таа добила најмногу гласови и во првата полуфинална вечер. Публиката и музичките познавачи коментирале дека „Макфест“ со Врати ми го сонцето добил една од најдобрите песни-победнички во последните 15 години.

По Макфест 2013[уреди | уреди извор]

Во ноември 2013 Александра учествувала на реномираниот Скопски фестивал со композицијата „Лош ден“. Автор на музиката и текстот е Блаже Темелков, додека аранжманот е на Андријана Јаневска. Александра имала забележителен настап, но завршила без награда.

Година на фестивали 2014[уреди | уреди извор]

Во јануари 2014 година се случил концертот што по повод празникот Василица, Македонската опера и балет традиционално го одржува под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар. „Филмски ноти“ - На двете вечери од концертот настапија врвни оперски солисти, естрадни ѕвезди и хорот и оркестарот на Операта и Балетот, кои изведоа познати музички нумери од популарни филмови, „Кум“, „Коса“, „Дух“, „Маската на Зоро“, „Телохранител“ и други. Александра за првпат настапи на овој фестивал со 25 годишна традиција и ја отпеа познатата I Have nothing од филмот The Bodyguard.

За Александра 2014 е година за учество на 3/3 македонски натпреварувачки фестивали. Од 5-7 јуни настапува во Штип на Макфест 2014 со песната „Спремна сум“. Музиката е на Григор Копров, текстот на Борче Димитров, а аранжманот на Владимир Дојчиновски.

Во август 2014 година учествувала на Охрид фест - Охридски трубадури и го добила признанието за најдобра интерпретација. На фестивалот настапила со композицијата „Ангел“. Музиката е на Кирил Цветковски, текстот на Миодраг Врчаковски и аранжманот на Владимир Дојчиновски.

Во ноември 2014 го имала второто учество на Скопски фестивал кој воедно беше избор на песна за Евровизија на Македонија. Таа настапила со композицијата „Во твојот свет“, музика на Ванчо Димитров, текстот Ана Пандевска и аранжманот на Дамјан Лазаров. Александра го освоила 9 место од 20 натпреварувачи.

Од 16 до 18 мај 2014 година Александра Јанева била дел од меѓународниот фестивал „Discovery 2014“, кој се одржал во Варна, Бугарија каде со победничката макфестофска композиција „Врати ми го сонцето“ се натпреварувала во категоријата за најдобра песна. Во категоријата за најдобар вокал, Александра во трката влегла со „Hallelujah“, композиција на Александра Бурке.

Од Варна, Александра се вратила со две награди, трето место на натпреварот за најдобар вокал и специјална награда „Откритие 2014“ со што организаторите на фестивалот и овозможиле снимање на видео спот.

Во август 2014 година го имала еден од најзабележителните настапи пред 30.000 посетители на фестивалот Струмица ОПЕН. Таа настапила како најголема музичка ѕвезда од Струмица на затворањето на фестивалот, пред настапот на Здравко Чолиќ.

Проекти во 2015 година[уреди | уреди извор]

Традиционално и во јануари 2015 година во Македонската опера и балет се одржал Василичарски концерт. Насловот на концерот беше „Најдоброто од најдоброто“. Александра Јанева настапила со песната „Месечина” од Калиопи, што предизвика овации во публиката.

Во март 2015 Александра станала дел од музичкиот проект насловен COVERLAND. Taa како главен вокал во период од една година настапувала заедно со нејзиниот нов состав од девет инструменталисти од Македонска опера и балет. Во нивниот состав, покрај вокал има и има саксофон, клавијатури, тапани, бас гитара, две виолини, виола и виолончело. Проектот се состоел од уникатни преработки на најпопуларните песни од светските топ листи, хитови на Емели Санде, Ријана, One Republic, Дејвид Гета, Џон Њуман.

На покана на организаторот на Струмица ОПЕН фестивал, Александра во јули 2015 го промовирала заедничкиот проект со DJ Zorr Alex - Where You Shine. Светски и модерен звук во чекор со новите трендови кој станува официјална химна на фестивалот.

Прв солистички концерт 2016[уреди | уреди извор]

По нејзиното прво учество на велигденскиот хуманитарен концерт во 2012 година на македонските портали осамнале натписи за талентот на „струмичката Џеси Џеј“. 5 години подоцна – миленичката на струмичката публика одржала свој концерт. Како благодарност за досегашната поддршка Александра на струмичани им подарила едночасовно шоу на големата сцена во НУЦК „Антон Панов“. На концертот кој се одржал на 24 април (недела) била придружувана од COVERLAND. Концертот имал хуманитарна цел и средствата биле наменети за помош при лекување на нејзини сограѓани.

Втора победа на Макфест 2016[уреди | уреди извор]

На 31-вото издание на „Макфест“ Александра ја добила својата втората статуетка како победник. Истата година ја добила и наградата за вокална интерпретација „Драган Каранфиловски – Бојс“.

Александра Јанева, на „Макфест 2016“ настапила со песната „За сто години“, чии автори се Ристо Самарџиев и Владимир Дојчиновски. Александра била облечена во тоалета на модниот творец Емили Пишева Гоџирова од Струмица, а за нејзиниот изглед се погрижи стилистот Драган Гоцев- Даци. Истиот тим го освои првото место и во 2013 година.

По Макфест 2016[уреди | уреди извор]

Александра учествувала на 23-тото издание на Меѓународниот фестивал Охрид фест - Охридски трубадури од 22-25 август 2016. Таму ја промовира својата последна песна „Најмило мое“ зад која стои победничкиот авторски тим од Макфест во 2013 и 2016 година. Музиката и текстот се на Ристо Самарџиев, а аранжманот на Владимир Дојчиновски. Песната е нешто поразлично, со малку поинаков и подинамичен летен звук. Од Охрид Александра си доаѓа со две награди - Најдобар текст и Најдобар аранжман.

Во октомври промовирала видео запис за „Најмило мое“ во соработка со Дарио Јанковиќ.

Годишна награда 2016[уреди | уреди извор]

На своја 21-годишна возраст Александра ја добила престижната награда од општина Струмица за особен придонес во областа на културата - „Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“. Наградата ја подигнала во НУЦК „Антон Панов“ на 10 декември 2016 година на Свечена седница на Советот на Општина Струмица каде настапува со изведба во живо. Станува една од најмладите струмичани кои добиле вакво признаение во која било област.

Почеток на 2017[уреди | уреди извор]

Кон крајот на февруари го објавила синглот „Солза за крај“ со видео запис. Комплетен автор на песната е Ѓорги Крстевски, а видео продукцијата на спотот е на KM Entertainment. Оваа песна била втора соработка со авторот Крстевски, по успехот кој го постигнаа со „Еве ме пак“.

Во април најавила и објавила преработка на „Зошто баш ти“ по повод 10-годишнината од издавањето на песната во оригинална изведба на Ноне Неделковска. Авторскиот тим зад римејкот на „Зошто баш ти“ се: Јован Јованов (музика), Елвир Мекиќ (текст) и Иле Спасев (аранжман), додека видеото е на Rewind production и креативниот Ѓорги Вацев.

Втор солистички концерт 2017[уреди | уреди извор]

По спектакуларниот солистички концерт во 2016 година, Александра се вратила пред струмичката публика со голем концерт на отворено. На 9 август, во склоп на програмата на Струмица ОПЕН фестивал - струмичкото културно лето, таа ги отпеала своите најголеми хитови пред 2.000 обожаватели. На концертот насловен „Александра Јанева & Friends“ настапиле: Ристо Самарџиев, Антониа Гиговска, Филип Пешевски, 2BE, Панче Илиев Касапки и Иле Спасев. „Александра Јанева и пријателите приредија концерт за кој долго ќе се зборува!“ и „Ѕвездата на Струмица, миленичката и на помладата и на постарата генерација, девојката со моќниот глас направи незаборавен концерт со своите пријатели“, биле дел од натписите на медиумите кои известувале за таа ноќ.

Ревијално шоу на Макфест 2017[уреди | уреди извор]

Како двократната победничка на фестивалот на забавни мелодии „ Макфест “, Александра Јанева го има единственото шоу на годинашното издание. Нејзиниот 30-минутен мини концерт бил за време на гласањето на финалната вечер на 7 октомври.

Сингл „Бам Бам“[уреди | уреди извор]

На 16 ноември објавила песна со видео-запис во соработка со Иноватива продукција. „Бам бам“ е прв проект со талентираниот Марко Маринковиќ - Слаткаристика кој е автор на музиката и текстот на регетон песната. За аранжманот се погрижил Иван Јованов - Iwayo, додека спотот бил изработен од Бошко Столиќ. Со оваа песна пејачката првпат остварила соработка со германско-бугарската продукција Facing the sun.

Божиќна преработка со бендот 2BE[уреди | уреди извор]

Заедно со нејзиниот бенд 2BE со кој настапувале низ цела Македонија ја објавиле празничната преработка на мега-хитот Perfect на Ед Ширан и Бијонсе. Новото аудио и видео на поп-пејачката било музичка празнична честитка за нејзините обожаватели. Како благодарност на поддршката во изминатата 2017 година, на крајот од декември објавува рекапитуларно видео од сите нејзини медиумски појавувања, настапи и синглови.

Сингл „Ќе се вратам некој ден“[уреди | уреди извор]

На 13 мај 2018 објавила нов сингл со видео-запис на музика на Панче Касапски, аранжман и продукција на Иле Спасев и соавторски текст на Огнен Неделковски и Панче Касапски. Видео-записот е работен од Ѓорги Вацев и неговата Rewind production на повеќе локации во Грција.

Соработка со Наташа Малинкова[уреди | уреди извор]

Александра го направила првиот дуетски сингл во својата кариерата на 28 јуни 2018 година. Песната била објавена на каналот Facing The Sun со видео-запис изработен од Ѓорги Вацев, Пеце Здравковски и Борче Георгиев од Rewind production. Автор на песната е Стојанче Аврамов, а на продукцијата и аранжманот работи заедно со Зоран Алексиќ. Александра за првпат се јавува како соавтор на текст на сопствена песна.

Summer Jam 2018[уреди | уреди извор]

Во јуни 2018, преку друштвените мрежи Александра побарала од своите обожаватели предлози за песни за преработка. Првата преработка од проектот #summerjam е „Херој“ од Викторија Лоба која достигнала 40.000 прегледи. Втората и најпопуларна преработка од овој проект е женската верзија на хитот „Километри“ од Лозано. „US“ и „Ако ме сакаш“ беа останатите две преработки од овој летен проект кој собра 150.000 преслушувања.

Сингл „Срце отвори“ 2019[уреди | уреди извор]

На 28 февруари 2019 објавила нов сингл со видео-запис на музика на Панче Касапски и Иле Спасев, аранжман и продукција на Иле Спасев и текст на Огнен Неделковски. Видео-записот е работен од Pinestel продукција.

Авторски песни „Одговор“ и „Се одбирам себе“ 2019[уреди | уреди извор]

На 28 март 2019 ја објавила првата авторска песна со видео-запис. Александра се потпишува зад текстот, а на музиката работеле со Тино Стојановски, гитарист на 2BE. Аранжманот и продукцијата на „Одговор“ се на Iwayo. Видео-записот е работен од Pinestel продукција. На 23 април 2019 објавила уште една авторска песна со наслов „Се одбирам себе“. Текстот на баладата е на Јана Бурче, а аранжманот и продукцијата на Иле Спасев.

#TeamProud - Евровизија 2019[уреди | уреди извор]

Заедно со Васил Гарванлиев и Антониа Гиговска како придружен вокал била дел од најуспешниот македонскиот евровизиски тим во историјата на ова натпреварување. Тамара Тодевска со Proud успешно се пласираше на 7. место во големото финале. Ова беше првиот пласман во ТОП 10 за Македонија од нејзиното прво учество во 1998 година.

Синглови[уреди | уреди извор]

  • 2013 Не ме допирај
  • 2013 Врати ми го сонцето
  • 2013 Лош ден
  • 2014 Спремна сум
  • 2014 Ангел
  • 2014 Во твојот свет
  • 2015 Where you shine ft. Zorr Alex
  • 2016 Еве ме пак
  • 2016 За сто години
  • 2016 Најмило мое
  • 2017 Солза за крај
  • 2017 Зошто баш ти
  • 2017 Бам бам
  • 2018 Ќе се вратам некој ден
  • 2018 Еуфорија
  • 2019 Срце отвори
  • 2019 Одговор
  • 2019 Се одбирам себе
  • 2019 Комета
  • 2021 Денот што ни носи
  • 2022 Глумиме
  • 2023 Утрото ќе промени се
  • 2023 Одвреме навреме
  • 2024 Дождови

Спотови[уреди | уреди извор]

Спот Година Продукција
Еве ме пак 2016 KM Entertainment
Најмило мое 2016 Дарио Јанковиќ
Солза за крај 2017 KM Entertainment
Зошто баш ти 2017 Ѓорги Вацев
Бам бам 2017 Бошко Столиќ
Ќе се вратам некој ден 2018 Ѓорги Вацев
Еуфорија 2018 Pinestel
Срце отвори 2019 Pinestel
Одговор 2019 Pinestel
Се одбирам себе 2019 Pinestel
Комета 2019 Пеце Здравковски
Денот што ни носи 2021 Ѓорги Вацев
Глумиме 2022 Ѓорги Вацев
Утрото ќе промени се 2023 Горан Симјаноски
Одвреме навреме 2023 Александра Јанева
Дождови 2024 Горан Симјаноски

Надворешни врски[уреди | уреди извор]