Александар Стеванов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Роден 13 април 1984
Македонија Штип, Македонија
Националност Македонец


Александар Стеванов, роден на 13 април 1984 година во Штип, е вљубеник во деветтата уметност и македонски стрип-автор. Претежно пишува сценарија за кратки стрипови и се занимава со летеринг и дизајн, но има искуство и со цртање. Стеванов по образование е лекар, а со стрип, како автор, почнува посериозно да се занимава од 2010 година, по една случајна виртуелна средба со сликарката Весна Ничевска. Досега има објавувано во повеќе домашни и странски списанија, меѓу кои „Синдром“, „Стрип Креатор“, „Чивилук“, „Македонска Ризница“, „Comix“, „Zona Gráfica“, „Parabellum“, „Vojvođanski strip“[1] и „Ras comic“[2], а се потпишува и како комплетен автор на стрипот/сликовницата „Девојче на Месечината“ во издание на „Стрип квадрат“ од Скопје.[1]

Стеванов редовно учествува на меѓународните стрип-фестивали кои се одржуваат во регионот и пошироко, како и на домашните манифестации и групни стрип-изложби, меѓу кои „Македонскиот стрип денес“, „Деветта димензија“, „Фантастика, научна фантастика, митови и легенди“, „Скопје стрип фест“ и други.[1] Тој е добитник на десетина награди, од кои најзначајна е онаа за најдобар балкански стрип-сценарист, освоена на седумнаесеттата Балканска смотра на млади стрип автори, одржана во 2015 година во Лесковац, Србија[3] и на признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“.[4] Добитник е и на второ место, две трети места, две специјални награди, на една награда за уметнички израз[1] и на награда за сценарио доделени на Меѓународниот стрип салон во организација на Стрип центар на Македонија со седиште во Велес,[5] на трето место за стриповскиот фонт „Ботин“, освоено на уругвајскиот натпревар „ТипоТајп аворд“, а меѓу тројцата најдобри влегува и на стрип-конкурс распишан во 2017 година од страна на Американско катче - Штип.[1]

Стеванов има работено како дизајнер и летерер на неколку стрип-албуми, меѓу кои „Витези од соседството“ на тандемот Дарко Богданов и Јордан Коцевски и на графичкиот роман „Dan Fadil, Book one: First Light“ во издание на шкотската издавачка куќа „Komic Brew“. Како графички уредник Стеванов се потпишува и на стрип-албумите „Итар Пејо 2“ на Диме Иванов - Димано, „Цар Гаврил Радомир“ на Миле Топуз, „Убавите нешта“ на Раде Дичоски и „Зад црното сонце“ на Срѓан Николиќ - Пека, сите во издание на СЦМ-Велес. Тој е автор на половина дузина стриповски фонтови, дел од кои употребени во стрип-албумите „Војдан“, „Бесмртните“ и „Чуварите на вечната светлина“, како и во два броја на магазинот „Стрип Креатор“, а свој скромен придонес како летерер односно како дизајнер има дадено и за албумите „Dominos, No. 1“ и „Мрак Хумор Тишина“.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Александар Стеванов и пријатели, „Стрип Алманах“ бр. 3, „Стрип центар на Македонија - Велес“, Велес, 2017, задна корица
  2. Александар Стеванов „Гости од Македонија на стрип-колонија во Рашка, Србија“, Македонска Ризница, бр. 51, август 2017, стр. 21
  3. Штипјанецот Александар Стеванов прогласен за најдобар млад стрип сценарист на Балканот, Плус Инфо, 2015 година
  4. Годинава, Признанието „Љупчо Филипов“ за стрип уметникот Александар Стеванов, Дума, 2017 година
  5. Започнува меѓународниот стрип салон „Велес 2017“, Слободен печат, 2017 година