Александар Станковиќ (новинар)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Роден 29 мај 1931
Битола, Држави на Словенците, Хрватите и Србите СХС
Починал 1993
Скопје, Македонија Македонија
Занимање новинар и поет

Александар Станковиќ - Ацо (Битола, 29 мај 1931 - Скопје, 1993) — доајен на македонското повоено новинарство и поет.[1] Негова ќерка е Снежана Османли (1954-2013), деловна дама и политичар.

Биографија[уреди | уреди извор]

Станковиќ е роден во Битола, како најмало од четирите деца на Милета Станковиќ, предвоен финансов инспектор и Севастија Станковиќ (род. Сековска). По ослободувањето, како многу млад започнал да се занимава со поетска, а службено и со новинарска дејност. Тој е еден од генерацијата први македонски повоени писатели и поети со изразит лирски сензибилитет. Соработувал со првите македонски литературни списанија во кои се појавуваат негови книжевни творби. Песни објавувал во првите македонски книжевни списанија: „Нов ден“, „Иднина“, „Млада литература“, „Разгледи“, а пишувал и театарски осврти. Бил член на советот на Битолскиот народен театар.

Се усовршил како професионалец, активен журналист и дописник, а набрзо и како агилен раководител. Како новинар, работел во основачките состави на „Битолски весник“, дописник на Радио-Скопје, директор на Радио Битола, новинар на првото издание на списанието за литература и култура „Разгледи“. Александар Станковиќ е прв директор на Радио Битола.

По основањето на Телевизија Скопје во 1964 како искусен професионалец бил повикан да премине во Скопје за уредник на информативната програма, при што учествува во подготовката на првиот ТВ дневник на македонското телевизиско студио. Како уредник, познат е по сигурната и точна селекција на вестите и во дескот на дневната редакција на МТВ кадешто работи како исклучително оперативен уредник. Автор е на концептот на т.н. водителски ТВ дневник и е негов прв водител.

Зад себе оставил голем број необјавени поетски творби и прозни остварувања.

Уредник на Дневната програма на Телевизија Скопје, потоа и директор за меѓународна размена на МТВ, позиција од која заминува во пензија. Бил член на раководството на МТВ и на ЈРТ. Починал набрзо по пензионирањето, во Март 1993 година во Скопје.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Менде Младеновски: „Од мој агол“, Битола, „Битолски весник“, 2013 г.