Александар Сотировски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Александар Сотировски (Битола, 1971) — македонски стрип-цртач и илустратор, автор на најновиот генерациски бран main stream стрип автори[1]. Тој е создавач на многу препознатливи стрипови и илустрации и има соработувано со повеќе домашни и светски продукциски и издавачки куќи[2].

Животопис[уреди | уреди извор]

Сотировски е роден во Битола во 1971 година. Својот прв стрип „Таинствениот храм" го реализирал 1988 година, а првиот стрип „Don't Plаy with the Universe" го објавил во првиот број на стрип ревијата „Клик!" во октомври 1994 година. Тој е основач и главен одговорен уредник на „Клик!". Автор е на стриповите „Животен скок", „Јust one Fix!...", „Паркети", „Тунел", „Тајна на подземното езеро", „Хоризонт", „Леминзи и Осаменост", работени главно по сопствени предлошки. Едно време работел и објавувал свои карикатурални стрип табли во „Илустриран забавник". Според пиесата „Двајца во Еден" од Томислав Османли, во 1995 година Сотировски исцртал стрип од 62 таблоа, објавен во истоимената книга на авторот на пиесата (издание на НИП „Ѓурѓа", Скопје, 1995), појавувајќи се како првиот македонски автор на стрип реализиран според театарската предлошка, но и на стрип објавен во книга. Своите стрипови ги објавувал во списанијата „Нова Македонија", „Блеф", „Млад борец", како и во списанијата „Патагонија" во Србија и „Стрипбургер" во Словенија. Сотировски се занимава и со илустрации и карикатура што ги објавувал во различни рубрики на весникот „Нова Македонија". За своите детски сликовници неколкупати е наградуван на конкурсите на фондацијата Отворено општество. Во февруари 2001 година во неколку броеви на „Пулс" ја објавил стрип сторијата „Мачки" според расказ на Томислав Османли. На оваа сторија во периодот на „Туш лабораторија" своевремено работел и Игор Тошевски. Заедно со колегите од најновата македонска стрип генерација, излагал на Стрип & Соунд Фестивал во Скопје (1995), како и на посебни изложби во неговиот роден град Битола. Во соработка со сценаристот и стрип теоретичарот Борислав Станојевиќ од Белград, Сотировски во 1999 година во посебен албум на англиски јазик ја публикувал графичката новела „Капетан Нитрат" со повеќе епизоди од истоимениот стрип со првиот балкански супер херој создаден од запалива нитро лента. Овој албум е прв стрип албум од македонски автор. Неговите стрипови биле презентирани и на манифестацијата „1,59" на светскиот фестивал на стрипот во Ангулем, Франција што се одржал во јануари 2000, додека во октомври истата година тој изложил дел од своите стрипови и на авторската презентација во Сараево, Босна и Херцеговина. Живее и работи во Скопје[3].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Османли, Томислав (2002). Развојот на стрипот во Македонија – СЕДУМ ДЕЦЕНИИ СТРИПОВНО ТВОРЕШТВО.
  2. „Јубилејна стрип-изложба на Александар Сотировски“. Утрински Весник. 23 ноември 2010. Посетено на 2011-01-09.
  3. „Автори“. Македонски стрип форум. Посетено на 2011-01-09.