Александар Поповски (режисер)

Од Википедија — слободната енциклопедија
За луѓе со истото име и презиме видете тука
Александар Поповски
Роден 13 август 1969(1969-08-13)(54 г.)
Скопје, СР Македонија, СФРЈ
Националност Македонец
Народност Македонец
Занимање режисер

Александар Поповски (1969, Скопје) — македонски театарски и филмски режисер.

Животопис[уреди | уреди извор]

Поповски дипломирал на Отсекот за театарска и филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Заедно со Дарко Митревски, тој е основач на алтернативната група „Црв“ (1989-1991) и на филмската продуцентска куќа „Мирко и Славко - прва партизанска продукција“.

Творештво[уреди | уреди извор]

Филмови[уреди | уреди извор]

Во 1998 година, Александар Поповски го режирал својот прв игран филм „Збогум на 20. век“. Покрај него, Поповски е автор и на филмот „Балканот не е мртов“.

Театарски претстави[уреди | уреди извор]

Поповски ја започнал режисерската кариера во 1992 година со претставата „Џинот и седумте џуџуња“, според текстот на Дејан Дуковски, а во изведба на „Градски театар“ од Скопје. Потоа, на театарските сцени во Скопје, тој режирал поголем прој претстави, од кои најпознати се: „Туку така, под облака“, „Циркус Принтимпрам“ на Данил Хармс, „Маме му ебам кој прв почна“ на Дејан Дуковски, „Дон Жуан“ на Молиер, „Три сестри“ на Чехов, „Балканот не е мртов“ на Дејан Дуковски, „Диво месо“ на Горан Стефановски, итн.[1] Во 2012 година, на сцената на МНТ, Поповски ја режирал претставата „Животот на Молиер“ на Булгаков.[2]

Поповски режирал и во театрите во Хрватска: Така, на 7 март 2014 година, во загрепскиот сатиричен театар „Керемпух“, Поповски ја поставил претставата „Да живее Хармс. Чудата постојат“, работена според избор од дела на Данил Хармс. Поповски бил автор и на сценографијата, заедно со Нина Бачун и Роберта Братовиќ. Музиката за претставата била дело на битолската група „Фолтин“, а улогите ги толкувале: Линда Бегоња, Иван Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Русхаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ-Валентиќ. Инаку, токму на сцената на овој театар, Поповски за првпат режирал во Загреб, претставувајќи се со драмата „Буре барут“ на Дејан Дуковски.[3] Исто така, на сцената на Градскиот театар „Гавела“ ги режирал и претставите „Сон на летната ноќ“ на Шекспир[1] и „Ричард Трети“ на Шекспир.[4]

Поповски поставил и неколку претстави во театрите во Словенија: На 16 октомври 2014 година, на сцената на „Словенско народно гледалишче“ во Љубљана, Поповски ја поставил драмата на Горан Стефановски „Figurea Veneris Historiae“,[5] а на истата сцена ја поставил и претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ.[1] На 8 март 2018 година, на сцената на „Месно гледалиште љубљанско“, Поповски ја поставил претставата „Дантоновата смрт“ на Бихнер,[2]

Во театрите во Србија ги режирал претставите: „Алиса во земјата на чудата“ на Билјана Србљановиќ (на сцената на „Ателје 212“), „Метаморфози“ и „Кандид или оптимизам“ на Волтер (Југословенско драмско позориште).[1]

Поповски ја режирал и претставата „Градители на империјата или Шмурц“, во изведба на театарот „Хајал Пердеси“ од Истанбул, која на 4 ноември 2014 година била прикажана на фестивалот „Скупи-фест“ во Скопје.[6][7] Во Берлин ја режирал драмата „Три сестри“ по мотивите на Чехов чија претходна верзија била прикажана на фестивалот во Авињон, во 2016 година.[8] Исто така, Поповски ја режирал претставата „Одисеј“, според текстот на Горан Стефановски, а во копродукција на театрите: „Гавела“ и „Улис“ од Загреб, „Српско народно позориште“ и „Стеријино позорје“ од Нови Сад, „Словенско младинско гледалишче“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград и „Навигаторот Цветко“ од Скопје. Оваа претстава ја добила главната награда на средоземниот театарски фестивал „Пургаторија“ во Тиват.[9]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Театар на црвена линија. Скопје: МОТ и МКЦ, 2013, стр. 56
  2. 2,0 2,1 Ивана Тасев, „Уметност е да живееме со ова сега и со она напред“ (Интервју со Александар Поповски), Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 13.
  3. „Поповски му го носи Хармс на загрепскиот „Керемпух“, Дневник, година XVIII, број 5409, петок, 7 март 2014, стр. 20.
  4. Ивана Тасев, „Уметност е да живееме со ова сега и со она напред“ (Интервју со Александар Поповски), Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 14.
  5. „Александар Поповски режира текст на Стефановски во Љубљана“, Дневник, година XVIII, број 5593, четврток, 16 октомври 2014, стр. 20.
  6. „Контроверзната Гробница за Борис Давидовиќ во Скопје“, Дневник, година XVIII, број 5604, четврток, 30 октомври 2014, стр. 18.
  7. „Истанбулската претстава на Ацо Поповски во Скопје“, Дневник, година XVIII, број 5608, вторник, 4 ноември 2014, стр. 20.
  8. Ивана Тасев, „Уметност е да живееме со ова сега и со она напред“ (Интервју со Александар Поповски), Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 17.
  9. „Одисеј на Поповски најдобра средоземна претстава“, Дневник, петок, 6 септември 2013, стр. 25.